Свет
Тешка и мачна борба со вирусот: луѓе што оздравеле по неколку месеци повторно се заразиле со Ковид-19

Виролозите потврдија нови случаи кога луѓе што прележале коронавирус, по неколку месеци повторно се заразиле. Еден пациент во Холандија и друг во Белгија се заразиле со вирусот втор пат, објави холандската национална служба НОС.
Извештајот следува откако истражувачите во Хонг Конг оваа недела потврдија дека еден маж во градот е повторно заразен со вирусот, четири и пол месеци по оздравувањето.
НОС го цитира вирологот Марион Копманс, која вели дека холандскиот пациент е постара личност со ослабен имунолошки систем. Таа изјави дека се познати случаите кога луѓето долго време страдаат од овој вирус по што тој се распламтува.
Сосема новата втора инфекција, како во случајот со Холандија, Белгија и Хонг Конг, бара генетско тестирање на вирусите од првата и втората инфекција за да се утврди дали се разликуваат.
Копманс, која е советник во холандската влада, рече дека се очекуваат случаи на повторна инфекција.
„Не ме загрижува тоа што некој се појавил со втора инфекција. Треба да видиме дали тоа се случува често“, вели таа.
Пациентот во Белгија има благи симптоми, рече вирологот Марк ван Ранст, но тоа не е добра вест, додаде тој. Тој вели дека овој случај покажува оти антителата што пациентот ги развил за време на првата инфекција не биле доволни за да се спречи втората инфекција со малку поинаква варијанта на вирусот.
Ван Ранст изјави дека не е јасно дали ваквите случаи се ретки или има многу луѓе што може да бидат заразени повторно по шест или седум месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Венс: САД понудија експлицитен предлог за прекин на војната, време е страните да се согласат

Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј-Ди Венс, изјави дека САД понудиле многу експлицитен предлог до Русија и Украина на патот кон мировен договор и истакна дека е време тие или да кажат „да“ или САД да се повлечат од процесот, објави денес „Блумберг“. „Мислам дека ќе се повлечат нови линии на конфликт онаму каде што се моментно постојните или во непосредна близина“, рече Венс за време на обраќањето пред новинарите во Индија откога ја заврши својата обиколка на Таџ Махал.
Тој додаде дека ова значи дека и Украина и Русија ќе мора да се откажат од дел од териториите што моменлно ги контролира една од страните.
„Ќе мора да има размена на територии“, рече Венс додавајќи дека двете страни „мора да го положат оружјето, да го замрзнат конфликтот и да продолжат да градат подобра Русија и подобра Украина“.
Тој истакна дека е оптимист во врска со преговорите додавајќи дека гледа оти сите страни досега преговарале со добра волја. „Блумберг“ наведува дека замрзнувањето на конфликтот по постојната линија на фронтот би било многу поголема загуба за Украина, чија намера беше да ги врати сите територии на исток и на југ од земјата, што Русија ги зазеде во периодот од 2011 година, вклучувајќи го и Крим. Претходно, американските претставници изјавија дека САД се подготвени да ја признаат руската контрола врз Крим и да ги ублажат санкциите кон Москва како дел од потенцијален мировен договор, но украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја не може де јуре да го признае Крим бидејќи тоа е спротивно на украинскиот Устав, пренесува „Танјуг“.
Разговорите планирани за денес во Лондон меѓу највисоките претставници на САД, Украина и големите европски сили беа сведени на средби на техничко ниво откога американскиот државен секретар Марко Рубио ја одложи посетата.
Свет
Кина и Русија планираат изградба на нуклеарен реактор на Месечината

Прелиминарните планови за Меѓународната лунарна истражувачка станица (ILRS), која заеднички ја развиваат Кина и Русија, вклучуваат изградба на нуклеарен реактор на површината на Месечината, според презентацијата на кинески вселенски службеник.
Презентацијата ја одржа Пеи Жаоју, главниот инженер на кинеската мисија „Чанг’е-8“, планирана за 2028 година, а таа покажа дека енергетскиот систем на идната база, покрај нуклеарната енергија, би можел да се потпира и на големи соларни панели што ќе бидат инсталирани на површината на Месечината.
Мисијата „Чанг’е-8“ претставува клучен чекор во амбициозниот план на Кина за изградба на постојана човечка база на Месечината. Кина, втората најголема економија во светот, планира да стане водечка сила во истражувањето на вселената до 2030 година и да испрати астронаути на Месечината.
Временскиот период за изградба на станица на јужниот пол на Месечината од страна на Кина се совпаѓа со американската програма „Артемис“, предводена од НАСА, која има цел да ги врати американските астронаути на Месечината до декември 2025 година.
Академик Ву Веирен од Кинеската академија за инженерство и главен дизајнер на кинеската лунарна програма минатата година изјави дека основниот модел на станицата ILRS, со јужниот пол на Месечината како центар, треба да биде завршен до 2035 година. Лансирањето на лунарната сонда „Чанг’е-8“ ќе го означи почетокот на изградбата на овој основен модел.
Во следните фази Кина планира да го лансира таканаречениот „Проект 555“, кој ќе покани 50 земји, 500 меѓународни научноистражувачки институции и 5.000 странски научници да ѝ се приклучат на иницијативата ILRS.
Овие планови дополнително ги зајакнуваат амбициите на Кина во трката за доминација во вселената, особено во контекст на стратешката конкуренција со САД, која станува сè поизразена и на Земјата и пошироко, пренесува „Ројтерс“.
Свет
Трамп: „Разговарав со Биби, ние сме на иста страна по секое прашање“

Американскиот претседател Доналд Трамп телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и оцени дека САД и Израел се на иста страна.
„Тукушто разговарав со премиерот на Израел, Биби Нетанјаху, во врска со голем број теми, вклучувајќи ги трговијата, Иран итн. Разговорот помина многу добро. На иста страна сме за секое прашање“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Претходно, израелските медиуми објавија дека Трамп ќе разговара со израелскиот премиер за договорот за заложниците во Газа, како и за нуклеарните преговори со Иран, според два извора запознаени со ова прашање.
Разговорите меѓу лидерите доаѓаат неколку дена по втората рунда разговори за нуклеарниот договор меѓу САД и Иран во Рим и откога преговорите за договор со милитантната група Хамас за заложниците дојдоа во ќор-сокак.