Македонија
Спасовски: Во годината кога станавме членка на НАТО стануваме и земја домаќин на Бригадата на ЈИЕ
Премиерот Оливер Спасовски денеска присуствуваше на свеченото отворање на командата на Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) и 21-годишнина од формирањето на СЕЕБРИГ, во касарната „Боро Менков“ во Куманово.
Спасовски истакна дека денеска граѓаните на Република Северна Македонија се гордеат со уште едно значајно постигнување, во годината кога станавме членка на НАТО стануваме и земја домаќин на Бригадата на Југоисточна Европа.
„Од денеска е активна командата на Бригадата на Југоисточна Европа во простории во касарната во Куманово каде што е и Командата за операции на нашата армија. Сите подготовки беа навреме направени и завршени според највисоките НАТО-стандарди, и со тоа се создадени услови за 50 високи офицери на земјите членки на НАТО и на иницијативата СЕЕБРИГ, од кои 10 офицери се од нашата армија, да ги исполнуваат своите оперативни задача“, потенцира премиерот Спасовски.
Тој објасни дека Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција а локација на Командата на СЕЕБРИГ е на четиригодишна ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа: Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.
„Со командата на СЕЕБРИГ во Куманово, Република Северна Македонија добива признание за одлучното и посветено исполнување на стандардите на НАТО, и за придонесот кон градење на светскиот мир и борбата против тероризмот со учеството на повеќе од 4.000 припадници на АРСМ кои беа дел од меѓународните мисии“, кажа Спасовски.
Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека имаме двојна причина за гордост, првата е фактот што Република Северна Македонија е всушност родното место на СЕЕБРИГ, а втората е коинциденцијата кога стануваме нација домаќин на СЕЕБРИГ е истата година кога станавме и членка на НАТО.
„Ова е исклучителен успех за нас. Ја истакнува одговорноста на Република Северна Македонија во зголемување на своето влијание во станување релевантен фактор на регионалната стабилноста и соработка. Не само преку присуството а СЕЕБРИГ, туку и преку проширувањето на нашето учество во интернационалните мисии на НАТО и придонес и во мисијата на КФОР“, истакна министерката Шекеринска.
На свеченоста се обрати и претседавачот на процесот СЕДМ, Петро Кочи, а потоа се изврши примопредавање на должноста командант на бригадата помеѓу досегашниот командант, бригаден генерал Тудорика Петраче и бригаден генерал, Аристедеис Илиополус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „Правната држава е погребана, куќниот притвор за Груби е печат на дилот ВМРО–ДУИ“, вели Димитријевиќ
„Правната држава е целосно погребана. Дилот меѓу ВМРО-ОКГ и ДУИ се реализира пред очите на јавноста. После театарот на граница, со договорено враќање и режирано снимање, каде го видовме како Груби доаѓа насмеан, со наочари, следуваше продолжение со куќен притвор. Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено“, вели Алескандар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„Затоа обвинителството и судството беа ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ, за што СДСМ со месеци говори.
Го сменија јавниот обвинител, избраа судии и обвинители под нивна контрола. Сопруга на екс градоначалник на ВМРО назначија за член на Судскиот совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд, в.д. обвинителка избраа на поранешен заменик-министер на ВМРО.
За в.д. претседателка на Кривичен ја назначија Даниела Димовска. Синоќа видовме зошто. За да бидат алка во рацете на власта, инструмент за реализација на политичките одлуки на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
Како одлуката за куќен притвор, каде одговорноста е кај обвинителството и судството. Иако еднаш избегал, вчера обвинителството побарало поблага мерка од претходно веќе одредената мерка притвор.
Замислете, еднаш избегал, а сега Обвинителството бара замена на мерката притвор со мерка куќен притвор. Кој е предметен обвинител за овој случај? Даниел Коцев. А негов шеф? Обвинителот Анел Фидоски.
Тој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година како одговорен на најголемото обвинителство во државата, значи пред 1 месец. На кого веќе ова сценарио не му е јасно? Два месеци говориме за ова. Очигледно доаѓањето на Груби временски било темпирано.
Прво преземање целосна контрола врз обвинителството со нова раководна поставеност, па потоа реализација на дилот меѓу ВМРО и ДУИ. Дополнително, видовме дека и целиот затворски систем е капитулиран пред политичките договори.
„Не можело да му се гарантира безбедност“, па го пуштија дома.
Ниту еден час не помина во Шутка. Нема ниту една камера за 5 тони дрога, а има камери за Груби на граница.
Камерите „случајно“ не работеа ниту кога Груби излезе од државата, слободно, пешки, со пасош, иако бил на „стоп“ листата. Ама за враќањето на Груби камери има – од граница, од пречек, до
Обвинителството и Судот. И веднаш медиумите под контрола на Орбан, спремни, во иста минута сите со кампања. Целосно режирано, само овој пат лоша реализација. Како Катица што ја пуштија 3 години порано за да им помага како елемент во кампањата за враќање на Груевски.
Цела банда ја собираат. Главниот и одговорен уредник за жолт печат, Христијан Мицкоски, сега е уредник на циркус со кој се погребува правото и правната држава.
Сè е јасно, сè е договорено, смислено сценарио. Дил. Само уште да видиме што ќе добие ДУИ за возврат од ВМРО-ОКГ. Можеби им поминуваше со години, но повеќе не – граѓаните не се наивни ниту слепи. Граѓаните конечно гледаат сè и знаат“, изјави Алескандар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
Македонија
Нормализиран сообраќајот по одронот на патот Катланово – Велес
Од 10:30 часот одронот на патниот правец А1 Катланово – Велес е исчистен, сообраќајот е нормализиран и се одвива по две коловозни ленти, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Обвинителството за куќниот притвор на Груби: Се водиме исклучиво од законските основи
Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи, велат од ЈОРМ.
„Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа.
Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка.
За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид.
Надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

