Македонија
Милошоски: Со кратењето на роковите за подготовка за парламентарната дебата власта покажува непочитување кон пратениците
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, реагира во однос на роковите за подготовка што им се дадени на пратениците за расправата по обемниот материјал за програмата и составот на новата влада. Тој смета дека со кратењето на роковите за подготовка и здрава парламентарна дебата власта покажува непочитување кон пратениците.
„Во врска со закажаната седница за избор на влада, добро е да се знае, како било претходно, а како е сега, во однос на деновите што им се дадени на пратениците и на медиумите за да се подготват за расправа и критика на обемниот материјал за програмата и составот на новата влада. Според бројот на деновите дадени за припрема во врска со материјалите за составот и програмата на владата се мери и почитта на власта кон јавноста и пратениците.
Претходно:
2006 година – на 14 август е доставен предлог за нова влада, а седницата се одржа на 25 август, со што пратениците и јавноста имаа 11 дена да го разгледаат материјалот и да се подготват за дебата за составот и програмата на владата.
2008 година – на 12 јули е доставен предлог, а седницата се закажа на 26 јули, со што од денот на доставување на предлогот до седницата пратениците и медиумите имаа 14 дена за да се подготват за дебата за новата влада и нејзината програма.
2011 година – на 15 јули е доставен предлог, а седницата за избор на владата се одржа на 27 јули; пратениците имаа 12 дена да ги прочитаат и предлог-програмата и биографиите на членовите на новата влада и добро подготвени да дебатираат за изборот на владата, а тоа е и во интерес на јавноста.
2014 година – на 7 јуни е доставен предлог, а седницата се одржа на 19 јуни, со што пратениците и медиумите имаа 12 дена за да се подготват за дебата за составот и програмата на владата.
Еве каков е односот на сегашнава власт кон јавноста и пратениците:
2017 година – на 28 мај е доставен предлог, а седницата се закажа и одржа на 30 мај, пратениците имаа 2 дена за да се подготват за дебата за состав и програма на влада.
2020 година – на 26 август е доставен предлог, а седницата е закажана за 29 август од денот на доставување на предлогот и пратениците имаат 3 дена да го разгледаат обемниот материјал и да се подготват за дебата по составот и програмата на владата, од кои еден е неработен ден како значаен верски празник, соопшти Милошоски.
Според него, ваквото кратење на роковите потребни за добра подготовка и здрава парламентарна дебата само покажува колку власта ги почитува Собранието, функцијата пратеник, медиумите и пошироката јавност.
„А ако речат дека причината е брзањето заради ефикасни институции, манипулираат, бидејќи доколку навистина им се брзаше, едниот немаше да оди на летен одмор по изборите, а другиот немаше да ја прекине собраниска седница поради мекици. Со ваквото непочитување на власта кон пратениците, за жал, нема да се создаде стабилна политичка атмосфера во работата на Собранието“, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССНМ: Нападите врз медиумите се недозволиви, институциите итно да реагираат
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро го осудува синоќешниот насилен упад во редакцијата на Инфомакс и бара неодложна реакција на институциите.
„Нападите врз новинарите и медиумските работници, а особено напади директно во редакции претставуваат сериозна закана за слободата на изразување и правото на граѓаните да бидат информирани.
Според пријавата од Инфомакс, вчера доцна вечерта додека во живо одел поткастот „Тешки муабети“, непознато лице упаднало во редакцијата кршејќи неколку врати, се заканувало и се обидело физички да се пресмета со новинарите“, велат од ССНМ.
„Лицето најпрво почна да навредува, да се заканува по живот за потоа да ја скрши вратата од дворот која е со шифра, а потоа ја скрши и влезната врата од студиотo каде се обиде физички да се пресмета со присутните“, објави Инфомакс.
„Според уредникот на Инфомакс, Александар Митовски била повикана полиција, а против напаѓачот ќе биде поднесена кривична пријава за напад врз службено лице.
Како што објави Министерството за внатрешни работи, напаѓачот бил лишен од слобода и против него ќе биде поднесена пријава по брза постапка.
Напад врз новинари и медиумски работници, како и попречување на нивната работа за известување на јавноста потпаѓа под член 382 од Кривичниот законик – Спречување службено лице во вршење службено дејствие. За дела кои ги опфаќа овој член предвидени се казни до три години затвор.
ССНМ предупредува дека ваквите напади претставуваат не само опасност за физичката безбедност на новинарите и медиумските работници, туку претставуваат и напад врз јавниот интерес и слободата на говор и на изразување кои се столбови на демократските општества.
Ги повикуваме институциите ефикасно и брзо да реагираат и во понатамошниот дел од постапката, бидејќи неказнивоста на вакви дела против слободата на медиумите претставува охрабрување на понатамошни напади и создава небезбедна атмосфера за работа на новинарите и медиумските работници“, се додава во соопштението на ССНМ.
Македонија
Демократската партија на Турците ја поднесе кандидатурата за градоначалник на Центар Жупа
Демократската Партија на Турците на Македонија (ДПТМ) соопшти дека официјално ја поднела кандидатурата на Аријан Ибраим, за градоначалник на Општина Центар Жупа пред Државната изборна комисија, во пресрет на повторените локални избори што ќе се одржат на 11 јануари во четири општини.
Од партијата наведуваат дека Центар Жупа со години е средина во која вложуваат труд, доверба и посветеност, а кандидатот Аријан Ибраим, како што посочуваат, ја стекнал и зацврстил поддршката на граѓаните преку својата работа и пристап.
„Уверени сме дека и на овие избори ќе продолжиме по истиот пат, со истата одлучност и посветеност“, стои во соопштението. ДПТМ изразува очекување дека на 11 јануари ќе има поголема излезност и посилна поддршка, додавајќи дека веруваат во повторна победа на Центар Жупа.
Партијата му посакува успех на кандидатот и на општинската организација и наведува дека очекува голема победа постигната заедно со народот на Центар Жупа.
Македонија
Насилен упад во студиото на Инфомакс, ЗНМ бара најстрога санкција за напаѓачот
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува бруталниот напад што вчера се случи во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емитување програма во живо, од страна на непознато лице, со што беше загрозена безбедноста на новинарите Александар Митовски и Милош Милошевски, како и на вработените во редакцијата.
Според информациите од колегите од Инфомакс, непознато лице пристигнало со такси пред редакцијата за време на емисијата. Напаѓачот започнал агресивно да удира и тропа по влезната врата, која била заклучена и обезбедена со шифра. По кратко време, успеал насилно да ја скрши и да влезе во дворот на редакцијата. Во моментот кога екипата направила пауза од емитувањето, новинарот Милош Милошевски излегол да провери што се случува. Напаѓачот, продолжил да се движи кон другиот дел од објектот, каде што со сила искршил уште една врата обидувајќи се да стигне до студиото.
Според сведочењата нa колегите, лицето упатувало навреди и закани по живот, а насилното упаѓање во редакцијата довело и до насилно прекинување на емитувањето на програмата, со што директно било спречено новинарите да ја вршат својата професионална должност и слободно да информираат.
Ваквото однесување, може да биде опфатено со одредбите од член 382 од Кривичниот законик Спречување службено лице во вршење службено дејствие, со предвидени казни до три години затвор, со оглед дека напаѓачот насилно упаднал во студиото, кршел инвентар и насилно ја прекинал работата на новинарите а со тоа и нивната обврска слободно да информираат.
Овој инцидент, како што велат од ЗНМ, претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите.
Здружението бара најстрога санкција за сторителот, со цел спречување на идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари.
„Очекуваме сите надлежни институции, вклучително и полицијата и обвинителството, да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, со цел случајот целосно да се расчисти во најкус можен рок“, се додава.
ЗНМ ќе продолжи внимателно да го следи случајот и ќе реагира секогаш кога е загрозена безбедноста на новинарите и медиумските работници.
Фото: Pexels

