концерти
Концерт „Музички пријателства“ на обоистката Гордана Јосифова – Неделковска на „Охридско лето“
На програмата на Охридско лето денеска, ден пред Свеченото затворање на годинешното јубилејно издание, ќе се одржи концертот „Музички пријателства“ на македонската обоистка, Гордана Јосифова – Неделковска. Како гости на концертот со уметничката ќе настапат флејтистот Страшо Темков, пијанистките Елена Атанасовска и Инес Неделковска и гитаристот Влатко Стефановски. Концертот е со почеток од 21 часот во Предворјето на црквата Света Софија. На програмата се избрани дела на Бах, Веруст, Пјацола, Мориконе, како и обработки на неколку македонски народни песни.
Проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Киро Давидовски, а се усовршува на академијата „Моцарт“ во Варшава и BANFF Центарот за музика и звук во Канада. Како солист има настапувано со Симфонискиот оркестар на националната капела на Санкт Петербург, камерниот оркестар „Музика вива“ под водство на истакнатиот диригент и виолончелист Александар Рудин, Сервантес Филхармонија од Шпанија, oркестарот „Кими Синфониета“ од Финска, оркестарот на Вилах Филхармонија од Австрија, оркестарот на Моравската филхармонија од Чешка, оркестарот „Талин Синфониета“ од Естонија, Симфонискиот оркестар од Рим, Симфонискиот оркестар од Белград, Гудачкиот камерен оркестар на Словенечката филхармонија, камерниот оркестар „Софиски Солисти“, Филхармонијата на Република Северна Македонија, Македонскиот камерен оркестар, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, Оркестар на Авињон-Прованса, Камерен оркестар од Порто Алегре – Бразил, Обединет европски камерен оркестар, итн. Со бројни рецитали има настапувано во следниве земји: Канада, САД, Кина, Бразил, Естонија, Холандија, Франција, Белгија, Шпанија, Португалија, Полска, Италија, Германија, Чешка, Русија, Украина (настап со извонредниот виолинист Најџел Кенеди), Финска, Турција, Грција, Бугарија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и во земјата.
На покана на легендарниот Енио Мориконе, Гордана Јосифова-Неделковска настапи заедно со него на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ во 2009 година.
По успешното претставување во 2010 на московскиот „Арт Новембер“ фестивал од критиката беше посочена како „поетеса на обоа“, по што активно настапува во Русија и тоа на фестивали како Бах Маратонот во 2011 година и Моцарт Маратонот во 2014.
Гордана Јосифова – Неделковска покрај долгогодишната работа како селектор на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ во периодот од 2007-2016 била носител и на повеќе функции во музички организации, во два мандата е продекан на ФМУ- Скопје, а од 2009 година е избрана за декан на истиот факултет кој го води во два последователни мандати.
Добитник е на повеќе државни и меѓуанродни награди и признанија меѓу кои „13 Ноември“,„Виртуози“ во категоријата меѓународна афирмација, а одликувана е и со престижниот орден на Република Франција – „Витез од Редот на уметности и книжевност“ што се вбројува во четирите најважни одликувања во Франција. Успешноста на нејзиното делување е потврдена со едно светско признание – во 2004 година од Уредничкиот одбор на Американскиот биографски институт Гордана Јосифова-Неделковска е номинирана во категоријата „Успешни жени на 21 век“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
![]()
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
![]()
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.

