Македонија
(Видео) Николоски најавува масовни демонстрации кои ќе почнат наесен
„Оваа влада во суштина е влада на лагата. СДСМ ветуваше коалиција без ДУИ, а ДУИ ветуваше премиер. Заради коалиција без ДУИ дел од гласачите гласаа за СДСМ, а заради премиер дел од гласачите гласаа за ДУИ. Денеска гледаме дека ветувања не важат, гледаме дека ветувањата важат до завршување на изборната кампања и дека после тоа на сцена стапуваат интересите. И затоа е ова коалиција на лагата“, изјави на денешната собраниска седница пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„Ова е исто така коалиција на континуитет на криминалот и корупцијата којшто го гледавме во изминатите три и нешто години, кој што стигна до врвот во претходната, а е ве и нова влада. Ова е коалиција на изборни измами затоа што се вршеше поткуп, притисоци, немаше соодветен мониторинг на изборите, а корона кризата на најнизок можен начин се злоупотреби преку поделба на т.н. картички кои што селективно се делеа онаму каде што се очекуваа изборни гласови. Ова е коалиција на стари кадри кои што немаат што ново да понудат на македонската политичка сцена. Ова е коалиција на поларизацијата затоа што има само еден пратеник повеќе од она што е потребно за гласање во ова собрание и ќе е влада со најмало мнозинство во историјата на независна Македонија“, истакна Николоски.
Тој додаде дека ова е влада на стари добро познати кадри кои најбрутално ја злоупотребија корона кризата прво за одлагање на изборите, а потоа за нивно распишување кога им одговараше и сето тоа со закани дека ќе одат сами на избори и затоа имаше ниска излезност, заради стравот кој се створи кај граѓаните, што дополнително го руши легитимитетот на избраните пратеници.
„Како никогаш во историјата на Македонија имаме пратеници кои не тежат ни 4.500 гласа споредено со изборни циклуси кога еден пратеник тежел и 10.000 гласа. Во однос на економијата многу ветувања слушнавме за жал, најголем дел од нив не се реализираа затоа што народот не живее подобро. Гледаме буџетска дупка само за оваа година од една милијарда евра. Некој ќе рече дека тоа е заради корона кризата, но не е само заради тоа, туку и заради недомаќинското работење. Граѓаните прашуваат каде се парите затоа што три години камен не се стави во Македонија, автопатите, болниците и железницата до каде беа, таму застанаа, а нови проекти не видовме“, потенцираше Николоски.
Тој посочи дека се ветуваа 100 000 работни места, таква работа не гледаме, а сите читаме деновиве дека 40.000 работни места се изгубени во изминатиот период, се ветуваа покачени плати, таква работа нема, а има одредени сектори, пред се културата каде плати и не се делат.
„Во делот на земјоделието зелената мафија царува во Македонија, на ред е сега откупот на грозјето имаме историски најнизок откуп на грозје, а најголемиот дел ќе остане по нивите. Се ветуваа автопати, а Охрид- Кичево скоро и да не се гради, Штип – Радовиш не е ни до пола, Прилеп – Градско нема никој на терен и не работи. Новинари како никогаш претходно се во судови и се пред пресуди, затоа што изнесуваат вистини за работата на владата, како никогаш досега новинари се или предмет на судски процеси, истраги, а дел и осудени за т.н. издавање на службена тајна која се однесува на неправилностите на работењето на претходната и идна влада“, вели Николоски.
Тој нагласи дека има стар нов предлог за министер за здравство кој освен личен пи-ар и злоупотреба на кризата ништо не направи за борба со короната, Македонија има околу 600 жртви, и се соочуваме со есен каде бројките ќе станат пострашни затоа што ништо не се презема.
„Се надевам дека конечно Македонија конечно ќе почне преговори со ЕУ, се ветува датумот три години, а датумот никој не го знае, сакам да поставам прашање. Никој не спомнува ништо за можното вето од Бугарија кое се најавува, и ништо во однос на условот на Бугарија за македонскиот јазик и клучните херои. Неспомнувањето на овие две работи дали значи откажување од македонскиот јазик и прифаќање на флоскулата официјален јазик и дали топа значи ќе се преговара околу Гоце Делчев и останатите личности од македонската историја“, вели Николоски.
На крај тој се обрати до граѓаните и истакна дека ќе се гледаме по градовите и селата затоа што оваа коалиција е на лагата која ќе биде срушена на масовни демонстрации кои ќе почнат од оваа есен затоа што капацитет за реализација на ветувањата нема, а народот е излажан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од ЈИЕ во Будимпешта
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на 26 и 27 февруари ќе учествува на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, која ќе се одржи во Будимпешта, во организација на Националното собрание на Унгарија.
Станува збор за традиционален меѓупарламентарен форум што се организира од 2004/2005 година и претставува значајна платформа за политички дијалог и парламентарна соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа. Фокусот на конференцијата е насочен кон регионалната соработка, европската интеграција и заедничкото справување со актуелните политички, економски и безбедносни предизвици во регионот.
Во рамки на официјалната агенда, на 27 февруари ќе се одржи 12-тата Конференција на претседатели на парламенти, на која ќе учествуваат спикерите и шефовите на делегации од земјите на Југоисточна Европа, како и од земјите на Вишеградската група. Централна тема на првата сесија ќе биде „Состојбата на проширувањето во регионот на Југоисточна Европа“, додека втората сесија ќе биде посветена на „Економските инвестиции и енергетските поврзувања – предизвици и можности во регионот“.
На конференцијата се предвидени обраќања на високи претставници на земјата домаќин, како и на претставници на Европската унија и меѓународни организации, по што ќе следат дискусии и излагања на учесниците. Во завршниот дел е планирано усвојување на заедничка парламентарна декларација, како и билатерални средби меѓу делегациите.
„Собранието на Република Северна Македонија редовно учествува на оваа конференција, која претставува важен дел од напорите за унапредување на парламентарната дипломатија и зајакнување на европската перспектива на регионот“, пишува во соопштението.
Македонија
Предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост
Во Собранието се одржа настан на тема „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Зета – организација за попреченост и правда, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Порака – Неготино и Еко – Живот – Кавадарци.
Настанот имаше за цел отворање институционален дијалог за унапредување на пристапот до здравствени услуги, подобрување на системските решенија и зајакнување на соработката помеѓу законодавната и извршната власт и граѓанскиот сектор, при што беа презентирани и наодите од анализата за предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост, како и можните решенија поврзани со нивниот медицински третман, со цел обезбедување еднаков и достоинствен пристап до здравствена заштита.
Претседателот на ИППГ за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, истакна дека правото на здравје е фундаментално човеково право, нераскинливо поврзано со правото на живот и заштитата на човековото достоинство. Уставот гарантира здравствена заштита за секој граѓанин, што претставува обврска институциите континуирано да го унапредуваат системот и да обезбедат еднаков, квалитетен и навремен пристап до здравствени услуги за лицата со попреченост. Собранието останува отворено за предлозите и искуствата на граѓаните со цел носење одржливи и инклузивни решенија.
Во активна дискусија присутните имаа можност да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат при остварувањето на правото на здравје, како и предизвиците со кои се соочуваат институциите и другите чинители во оваа област. Беше нагласена потребата од континуирани реформи во здравствениот систем, унапредување на законската рамка, обезбедување финансиска одржливост на услугите и воведување механизми за следење на спроведувањето на политиките.
Како предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост се:
· Ортопедските помагала кои се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби на лицата со попреченост, да овозможуваат избор и да бидат со подобар и проверен квалитет, во согласност со современите медицински и технолошки стандарди;
· Адаптација на здравствените установи на сите нивоа на здравствена заштита со цел обезбедување целосна физичка, сензорна и комуникациска пристапност за лицата со попреченост, во согласност со принципите на универзален дизајн;
· Воведување задолжителна, континуирана обука за здравствените работници за работа со лица со различни видови на попреченост, со фокус на пристап базиран на човекови права, достоинство, недискриминација и информирана согласност.
· Унапредување на системот „Мој термин“, со воведување механизми за приоритетно закажување за лицата со попреченост, особено за лица со попреченост кои имаат потреба од поголема поддршка, хронични состојби.
„Настанот се одржа во клучен момент – кога се подготвуваат измените на Законот за здравствена заштита и претставува значаен чекор кон градење поинклузивен здравствен систем, заснован на еднаквост, пристапност и почитување на човековите права. На истиот беа донесени заклучоци во насока на унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, се наведува во соопштението од Собранието.
Македонија
Петрушевски: Тужбата за клевета нема да го испере Заев, стојам зад секој кажан збор
Тужбата за клевета нема да го испере Заев, ниту ќе ја сокрие вистината, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, по тужбата од поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев поднесена против него и против Жан Митрев.
„Завршија времињата кога од позиција на власт се нарачуваа пресуди, се вршеа притисоци врз обвинители и судии, и се замолчуваа оние што поставуваа прашања. Денес институциите мора да работат по закон, а не по телефон. Јас стојам зад секој јавно изнесен збор и подготвен сум аргументите со Заев да ги соочиме пред судот и пред јавноста. Судницата не е средство за заплашување, туку место каде се утврдува вистината“, вели Петрушевски.
Тој додава дека денес никој не е над законот. „Ниту поранешен премиер, ниту актуелен пратеник. Но, наместо Заев да се обидува преку тужби да ја замолчи критиката, нека одговори на суштинските прашања што кои ја интересираат јавноста. А вистината секогаш излегува на виделина“, вели пратеникот.

