Македонија
Од септември повторно се воведува трета смена за магнетна резонанца во поликлиниката Чаир

Здравствен дом Скопје информира дека од септември повторно се воведува трета смена за магнетна резонанца во поликлиниката Чаир и веќе може да се закаже преку електронскиот систем МојТермин.
Сите други служби на здравствен дом функционират редовно. Продолжува редовната работа на кабинетите за дигитална мамографија во поликлиниките Букурешт и Чаир, како и работата на Итната медицинска помош, прераспределбата на специјалисти интернисти во останатите градови во земјава како дополнување и помош на инфективните одделенија во Клиничка болница Штип и во болницата во Куманово.
„Во изминатиот период во континуитет се одвиваа прегледите во скопските поликлиники, а постојано работеа и дополнителните дежурни служби. Сега главната новина се однесува на повторното воведување трета смена за магнетна резонанца во поликлиниката Чаир. Апаратот за магнетна резонанца и апаратот за мамографија се нови современи дигитални апарати со кои се прават навистина квалитетни прегледи“, посочува директорот, д-р Виктор Исјановски и дополнува дека на месечно ниво, магнетна резонанца прават околу 250 пациенти.
Побарувањата за ваквите прегледи се големи, а не станува збор само за пациенти од Скопје, туку и за, околу 30 проценти, пациенти од останатите градови во државата. Затоа, како што истакнува Исјановски уште лани е донесена одлука за воведување трета смена, со цел да се намали и чекањето за ваквите прегледи.
Од институцијата информираат дека новина е и воведувањето дигитални апарати за снимање скелет графии, кои се пософистицирани и со сосем мала доза на зрачење во поликлиниките во Чаир, Јане Сандански и во Ѓорче Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Привремена промена во сообраќајот на делот од државнот пат А2 – делница Желино – Тетово

Од денес (24.04.2025) ќе има привремена промена во сообраќајот на делот од државнот пат А2 – делница Желино – Тетово, помеѓу бензинската станица Макпетрол и северниот влез на Тетово. На овој дел од патот ќе се врши геодетско снимање и една сообраќајна лента ќе биде затворена во неколку фази. Работите ќе траат до нивно завршување, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Македонија
Горан Минчев со граѓаните на Тетово: „Локалната промена почнува со Вас“

Генералниот секретар на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Горан Минчев, во рамки на кампањата „Заедно повеќе знаеме“, одржа средба со граѓаните, членовите и симпатизерите во Тетово.
Минчев порача дека Тетово заслужува транспарентно и ефикасно управување, развој на инфраструктурата и враќање на довербата во локалната власт.
„Граѓаните се нашите партнери – заедно ќе изградиме програма што одговара на вистинските потреби на Тетово. Време е општините да престанат да бидат партиски плен и конечно да почнат да работат за граѓаните“, изјави Минчев.
Тој истакна дека ЗНАМ нуди луѓе со знаење и интегритет, а не политички експерименти, и најави дека дијалогот со граѓаните ќе продолжи низ цела Македонија.