Македонија
Илија Николовски до ВМРО–ДПМНЕ: Имате вили на Халкидики, а го критикувате договорот со Грција
Поттикнат од говорот на пратеникот Дарко Костовски од ВМРО – ДПМНЕ кој го критикуваше СДСМ во продолжението на седницата за избор на влада, пратеникот Илија Николовски од Партијата на пензионерите од говорница порача дека основа на говорите на пратениците од ВМРО – ДПМНЕ е љубомора и завидување.
„Во вашите дискусии видов нешто што се вика љубомора или завидување. И токму на таа теза ги основате целокупните ваши дискусии. Зборувате за криминал, зборувате за корупција, а влегувате во симболот на криминалот на Република Северна Македонија. Опкружени сте од сите страни со криминал. Вашето раководство е составено од енормно богати луѓе, кои во еден џеб носат странски пасоши најголем дел бугарски, а не го признавате Договорот за добрососедство со Бугарија. Го критикувате договорот со Грција, а имате вили и викендици на Халкидики. Ја критикувате министерката Шекеринска затоа што таа е министерка кога Македонија влезе во НАТО. Затоа што таа сега е министерка која седи заедно со министрите од најјаките светски сили и учествува до донесување на геостратегиски и политички одлуки“, рече пратеникот Николовски.
Додека зборуваше пратениците му дофрлија дека е полтрон, а тој само кусо им одговори да го слушаат и да се нервираат.
Николовски нагласи дека не дозволува никој на земјината топка да се претставува како поголем патриот од него, оти во најмлака рака, можеле да бидат еднакви патриоти, а потоа му објасни на Костовски дека единицата „Волци“ не е уништена, туку трансформирана.
„Зборувате за одбраната, а не знаете што е трансформација, а што е уништување. Единицата ’Волци’ не е уништена, таа трансформирана по стандардите на НАТО затоа што сме членка на НАТО, а тоа нашите партнери го бараат. Зборувате за Луј Витон. Таа чанта сега е кај вас и сега немам време да зборувам за феноменот Зоран Заев кој толку ви пречи и само устите ви се исполнети“, рече пратеникот Николовски.
На неговите забелешки реплицираше пратеникот Костовски.
„Не очекував со ВМРО – ДПМНЕ да се браните. Иако сте повозрасен, господине не ви го запаметив името, генерале, сметам дека вашата реплика беше за СДСМ не за мене. Ако сте патриот повелете во ВМРО – ДПМНЕ“, рече Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

