Македонија
Јагода Шахпаска ја презеде функцијата министер за труд и социјална политика
Во Министерството за труд и социјална политика денеска се изврши примопредавање на функцијата министер за труд и социјална политика.
Новоименуваната министерка Јагода Шахпаска ја презеде функцијата од заменик-министерот Ѓонул Бајрактар, кој ја вршеше оваа должност, поради испразнетото министерско место. Со тоа министерката за труд и социјална политика Шахпаска и официјално го започнува управувањето со овој сектор.
Како членка на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието на Република Северна Македонија во претходниот пратенички мандат и како поранешна пратеничка која активно била вклучена во социјалната реформа, но и во повеќето процеси во надлежност на овој ресор, министерката Шахпаска истакна дека е свесна за предизвиците што го очекуваат ова Министерство, кое е темелот за создавања функционална и одржлива социјална држава.
„Чест и задоволство, но и огромен предизвик ми претставува да го предводам секторот за кој гласно се борев и се залагав и од собраниската говорница, но и во Комисијата за труд и социјална политика. Реализацијата на социјалните политики кои се насочени кон вистинска грижа за сите граѓани, а особено кон најранливата категорија граѓани е од огромно општествено значење за нашата држава. Инвестирањето во луѓето, во подобриот стандард, во повисоки плати и пензии, во социјална заштита која овозможува излез од кругот на сиромаштијата се приоритетите за мене и за Министерството во наредниот период“, истакна Шахпаска.
Таа нагласи дека во мандатот кој ѝ е доверен ќе се залага за реализација на политики засновани врз принципите на градење праведна и социјална држава, која покажува вистинска грижа за своите граѓани. За подобар животен стандард, вреднување на трудот на работникот, заштита на неговите права, борба против сиромаштијата и невработеноста и уште многу други предизвици кои се во надлежност на ова министерство.
Веднаш по примопредавањето на функцијата, министерката Шахпаска имаше состанок со раководниот тим на Министерството за труд и социјална политика, составен од државните советници и раководители на сектори.
На состанокот таа се информираше за тековните проекти на кои работи Министерството, за предвидената динамика за нивна реализација и за евентуалните пречки со кои се соочуваат.
Министерката Шахпаска потенцира дека од вработените во Министерството за труд и социјална политика очекува тимска работа и целосна посветеност во реализацијата на сите проекти предвидени во Програмата на Владата за наредниот четиригодишен мандат.
„Наша задача и обврска е да им служиме на граѓаните и да работиме за нивно добро“, рече министерката Шахпаска.
Таа нагласи дека во претходниот мандат Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика покажаа дека може да се промени начинот на кој државата се грижи за своите граѓани и дека тој концепт во наредниот период ќе продолжи со уште позасилена динамика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прекин на товарниот сообраќај на граничните премини, МВР ќе обезбеди непречен сообраќај за патничките возила и автобусите
Министерството за внатрешни работи – Оддел за гранични работи и миграција ја информира јавноста дека до Министерството за внатрешни работи е доставена најава за одржување на јавен протест од страна на асоцијацијата „Макам-транс“, кој е најавен да започне денеска (26.01.2026) од 12:00 часот. Според доставената најава, протестот е планиран да се реализира на следните гранични премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.
Протестот ќе се манифестира со ограничување на сообраќајот за товарни моторни возила, односно со затворање на коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено на сите гранични премини. Според најавата на организаторот, протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано, доколку во меѓувреме дојде до надминување на причините поради кои е организиран.
Министерството за внатрешни работи, во согласност со своите законски надлежности, ќе преземе соодветни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир, како и за обезбедување на безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.
МВР апелира до граѓаните и до превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, да ја следат официјалната комуникација и, доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка, денеска температурата до 13 степени
Утрово најстудено било на Попова Шапка каде што се измерени 0 степени, 2 Лазарополе, Маврови Анови, 3 Тетово, Kрушево, 4 Прилеп, Претор, 6 Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Велес, Кавардарци, 7 Скопје-Петровец, Битола, 8 Берово, Крива Паланка, 9 Струмица, Виница, 10 Гевгелија, 11 Штип, Демир Капија.
Наврнат воден талог за изминатите 24 часа(во л/м2)
7 Попова Шапка, 5 Демир Капија, Гевгелија, 4 Тетово, Лазарополе, Пожар, Ѓуриште, Пожаране, 3 Охрид, Тополчаани, 2 Велес, Маврови Анови, 1 Скопје-Зајчев Рид, Битола, Берово, Кавардарци, Прилеп, Виница, Струмица.
Висина на снежна покривка до 07 часот (во cm)
30 Попова Шапка, 6 Маврови Анови.
Времето денеска
Облачно со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во централните и источните делови (над 30л/м2) проследени со ретки грмежи. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Максималната температура ќе достигне до 10 степени.
Македонија
150 минимални плати чинат часовниците на Мицкоски, велат од СДСМ
„Премиерот Христијан Мицкоски се најде на врвот на листата на политичари од земји членки на НАТО со најскапи часовници“, велат од СДСМ.
„Тоа што се најде на листата на државници со НАТО членки е благодарение на сериозната државничка политика на СДСМ, која се грижеше за интересите на Македонија, а не за лични интереси и купување скапи часовници. Да се прашуваше Мицко тогаш, денес ќе бевме руска провинција или кинеска колонија а не НАТО членка.

Согласно анкетниот лист за имотната состојба, Мицкоски има колекција од часовници вредни 60.000 евра.
Во Македонија минималната плата изнесува 396 евра, што значи дека часовниците на Мицкоски чинат колку 150 минимални плати.
Дванаесет години треба македонскиот работник да работи за да заработи толку пари колку што чинат часовниците на Мицкоски. 150 минимални плати! Без притоа за ништо друго да не троши пари.
Ова ли е четвртата економија во Европа како што вели Мицкоски?
Ова покажува „колку е саат“ во Македонија и за што се грижи владата. Македонија има најниска минимална плата во Европа. Во Црна Гора минималната плата е 600 евра, во Србија од 505-580 евра, во БиХ 525 евра, во Албанија 444 евра.
Додека македонските работници молат за леб Владата на Мицкоски им вели дека нема пари за поголеми плати. А доаѓањето на „економските работници“ кои веќе ги гледаме значи дека поголеми плати нема да има.
Пари има за скапи саати, тендери, нов авион, за туристички патувања како она во Давос, нема само пари за работниците. Тое е политиката на Мицкоски“, соопштуваат од СДСМ.

