Македонија
(Видео) Заев: Време е новата Влада да продолжи со воведување на европските стандарди за трансформација на земјата
Претседателот на Владата Зоран Заев денеска ги претстави министрите во новоизбраната Влада на приемот што по тој повод го организираше претседателот на државата Стево Пендаровски.
Веднаш по приемот во претседателската резиденција на Водно, премиерот Заев имаше изјава за медиумите која што ви ја пренесуваме во целост во продолжение на ова соопштение:
„ Како што доликува, и како што налага редот, после победата на изборите и изборот на новата Влада во Собранието на Република Северна Македонија, денеска ја имав честа да го претставам новиот состав на извршната власт и пред претседателот на државата, кој, врз основа на резултатите од изборите ми го довери мандатот да ја формирам владата и да ја одбранам програмата за нејзината работа во мандатот што следува – од 2020 до 2024 година.
Ги уверив коалиционите партнери за време на изборите дека имаме силни и заеднички аргументи да се обединиме прво како целосно мултиетничка коалиција „Можеме“ заедно со партијата БЕСА, и таа обединетост да ја зајакнеме уште повеќе и со другите партнери ДУИ и ДПА во владината коалиција.
Така обединети во различностите, заеднички и многу бргу, за мандатот што е пред нас, ја создадовме Програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024 година која нуди решенија за сето она што е важно за сите граѓани, за државата и за нашата заедничка иднина.
Имаме силни аргументи да го убедиме претседателот на државата Пендаровски дека нè обединува искрена определба и политичка волја за засилено исполнување на стратешките приоритети на нашата земја: Успешно и ефикасно справување со светската пандемија со КОВИД-19, нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, силни институции со ред, правда, ефикасна правна држава и владеење на правото, модерно образование, внатрешна кохезија, активно членство во НАТО, силна волја за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавја за членство во Европската унија, и добри меѓуетнички и меѓусоседски односи.
Новата македонска економија и забрзаниот економски раст се на првите страници на Програма за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година.
Во претходните три години, во време на решавање на најголемите отворени прашања на надворешен и внатрешен план, покажавме дека можеме да обезбедиме повисок економски раст кој создава нови работни места, паралелно со повисоки плати и пензии.
Имаме план за иновативна, стабилна конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој. Следува период на структурни реформи во јавната администрација, за да стане уште поефикасна. Граѓаните и стопанството во неа да препознаат силен и доверлив партнер.
Реформата во институциите започнува токму со составот на оваа Влада: Таа ќе има седум министри помалку, за уште поефикасна работа во интерес на граѓаните. Доаѓа време на ред, правда и дисциплина, време на прочистување на правосудството и неселективно владеење на правото.
Неповторливи се четирите години пред нас. Ние тоа добро го знаеме и нема да ја пропуштиме шансата и довербата што ни е дадена. Во претстојните години продолжуваме со воведување на европските стандарди дома за трансформација на нашата земја на подобро во сите сфери. Ќе ја довршиме со уште еден успех нашата евро-атлантска приказна со членство во ЕУ.
Во следните четири години ќе отвориме 80 отсто од преговарачките поглавја, а за шест години целосно да ги затвориме преговорите. Ќе ја добиеме битката со КОВИД-19. Се најавуваат сложени времиња во следните шест до осум месеци. Но, успешните здравствени политики на овој план обезбедија ефикасен здравствен систем и мотивиран и посветен здравствен кадар. На тоа, постојано ќе работиме, а фокусот на нашето внимание за поголеми шанси за успех ќе биде на експертизата и научниот пристап, во кој главен збор има струката со која ќе се стремиме за единство при носење на одлуки.
За да се реализираат овие програмски определби, имаме тим од посветени, одговорни и отчетни кадри кои ќе ги предводат министерствата. Станува збор за компактен тим од поединци со силно и значајно политичко искуство и личности со значајно стручно знаење и експертиза. Ова ќе биде мала ефикасна Влада. Влада која ќе воспостави ритам на трансформација заедно со граѓаните и со Европската Унија.
Уште еднаш им благодарам на сите граѓани кои со своите гласови ја потврдија исправноста на патот по кој се движиме напред. Сега е време да сработиме и да доработиме. Да продолжиме со силни чекори до подобра иднина за сите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Законот за вработување на најдобрите лекари влегува во сила
На денешната пленарна седница, со поддршка од сите парламентарни партии, се усвои предлог-законот на Левица за укинување на дискреционото право на директорите при вработување.
Од партијата велат дека Законот претставува чекор кон конечно развивање дијалог кога се работи за закони кои се од општо добро за сите граѓани.
„Со измените на Законот за здравствена заштита се укина дискреционото право на директорите на здравствените установи да одлучуваат кои кандидати ќе бидат вработени и наместо тоа со новата законска обврска ќе бидат избрани најдобрите кандидати“, наведува Левица.

Се додава дека подобро и прогресивно општество се гради само преку вреднување на трудот на најквалитетните умови, а со усвоениот закон на Левица се трасира патот во таа насока.
Македонија
Центар е домаќин на обука за наставници за детските права
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски присуствуваше на обуката за наставници во центарското основно училиште „Свети Кирил и Методиј“, која се реализира во рамки на проектот „Нашите права“, проект на Република Словенија, насочен кон унапредување на образованието за човекови права и правата на детето.
На обуката присуствуваа амбасадорот на Република Словенија во земјава Грегор Прескер, лидерот на проектот Бланка Јамнишек, претставници на Бирото за развој на образованието, и здружението Центарот за човекови права и разрешување конфликти од Скопје, како и наставници од повеќе скопски училишта.
„Ова е проект што заслужува особено внимание. Нашите ученици треба да ги знаат своите права за да се почитуваат себеси но и другите. Чест ми е што домаќин на работилницата е токму центарското училиште „Свети Кирил и Методиј“, најстарото во државата, но секогаш прво во прифаќање нови методи, обуки и трендови во образованието“, рече Герасимовски.
Проектот „Нашите права“ има цел преку обука на наставниците да го зајакне подучувањето и учењето за човекови права и правата на детето, да поттикне почитување и разбирање уште од најрана возраст и да придонесе кон мир и безбедност во заедницата. Станува збор за глобален проект што се реализира во 27 земји во Европа, Азија, Блискиот Исток, Латинска Америка, Африка и Австралија, а е наменет за деца на возраст од 10 до 12 години. Во проектот се вклучени и деца од малцински заедници, вклучително и ромски деца, додека наставната алатка „Нашите права“ се користи на 24 јазици и е дел од Светската програма за образование за човекови права.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ предлага продолжување на рокот за легализација на бесправно изградени објекти до 2031 година
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата минатата недела поднела Предлог на закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти по скратена постапка.
Според пратеникот Бојан Стојаноски, целта на предложените измени е граѓаните да не останат со нерешен статус на своите домови поради административни препреки или бавни процедури.
Тој посочува дека голем број граѓани со години се соочуваат со судски спорови за имотно-правни односи и други постапки кои, како што наведува, не се по нивна вина. Актуелниот закон предвидувал рок на важност до 3 март 2026 година, што би значело дека предметите што се во тек би биле прекинати „по сила на закон“ во фазата во која се наоѓаат.
Со предложените измени:
Рокот се продолжува за дополнителни пет години, односно наместо 15, законот ќе важи вкупно 20 години – до 3 март 2031 година.
Се овозможува правна сигурност за општините како надлежни органи да ги завршат веќе започнатите постапки.
Не се предвидуваат нови барања, туку измените се однесуваат исклучиво на граѓаните кои веќе поднеле документација и чекаат на имотен лист.
Стојаноски истакнува дека иницијативата доаѓа како одговор на барање од Управниот одбор на ЗЕЛС и од општините кои, како што вели, секојдневно се соочуваат со проблемите на терен.
Според него, предложеното законско решение не предизвикува дополнителни финансиски импликации врз државниот буџет и ќе стапи на сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“, со цел да не настане правен вакуум.

