Македонија
Државните институции потрошиле 8 милиони евра за нови возила
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на набавените нови патнички возила од државните институции во 2018, 2019 и 2020 година. Истражувањето открива дека во последните две и пол години државните институции набавиле вкупно 392 нови патнички возила за што потрошиле 8,1 милиони евра.
Една четвртина од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра. Најмногу нови возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, 46 „пасати“ по 39 илјади евра секој. Сепак, најскапото возило го купило Општина Струга и чинело 66 илјади евра. Средната вредност на возилата купени од државните институции изнесува 17 илјади евра.
Меѓу марките возила убедливо водат „Шкода“ и „Фолксваген“ од кои се купени 100, односно 88 нови возила, односно речиси половина од сите новонабавени возила се од овие две марки. Кај „Фолксваген“ води моделот „пасат“ со 53 возила, додека половина од набавените возила од марката „Шкода“ се од моделот „октавија“.
Од фирмите, најголема вредност на договорите имаат „Порше лизинг“ со 3 милиони евра, кумановската „Делукс-ауто“ со 1,2 милиони евра, „Еуроимпекс“ со 890 илјади евра и битолската „Јосифов“ со 720 илјади евра.
Како што покажува истражувањето, конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила речиси и не постоела. Дури на 71% од тендерите имало само по една понуда и покрај големиот број дистрибутери на нови возила во земјава. Ова, како што се наведува, го отвора сомнежот дека државните институции доминантно си купувале такво возило какво што сакале.
Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.

