Македонија
Заев до Брнз: Стратешкото партнерство со САД ќе го кренеме на следно ниво со директни инвестиции од САД

Претседателот на Владата, Зоран Заев, вчера ја прими во прва посета во новиот мандат амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Брнз, која му честиташе за повторниот избор на оваа позиција и ѝ посака успешна работа на новата Влада во реализацијата на програмата со очекување за континуитет и продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Премиерот Заев на средбата истакна дека овој мандат започнува во сосема поинаков, многу подобар политички контекст, отколку во 2017, со обновена демократија, со решени спорови со соседите во година во која Северна Македонија стана членка на НАТО, и ги очекува преговорите со ЕУ.
Соочени со здравствените и економски предизвици од Ковид-19, кои остануваат во врвот на приоритетите, истакна на средбата со амбасадорката Брнз премиерот Заев, убедени сме дека справувањето со пандемијата ќе заврши со успех, особено имајќи ја предвид досегашната соработка со САД, и на останатите сојузници од НАТО за целата поддршка во хуманитарна помош и други материјали за време на кризата.
„Владата останува силно посветена на стратешкото партнерство со САД кое ќе продолжиме да го негуваме со нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции за борба против корупцијата“, истакна премиерот Заев на средбата.
Амбасадорката Кејт Брнз во разговорот со претседателот на Владата Зоран Заев истакна дека ова е прва нивна средба како НАТО-сојузници и додаде дека нејзината земја е подготвена односите меѓу двете земји да ги подигнат на следно ниво со поддршка за директни инвестиции од САД, како и во соработката во сферата на енергетиката, дигиталната економија и сајбер безбедноста согласно безбедносните стандарди на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, максималната температура до 35 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса од четврток до недела ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.