Македонија
Левица: Институциите молчат за изборниот масакр спроведен преку хакерските напади на ДИК
Изборите одржани на 15 јули Левица ги смета за досеган невиден скандал во нашата изборна историја. Вообичаените тактики како што се изборните опструкции, притисоци, предизборни вработувања, делење ваучери и милионски суми фрлени на поткупи сега беа надградени со хакерскиот напад на интернет-страницата на ДИК.
По повеќе од еден месец, од ОЈО сè уште нема информации до каде е предистражната постапка, што воопшто не изненадува од корумпираната спрега на власта каде Јавното обвинителство единствено служи за политички прогони за неистомисленици на новиот режим отсликан во заевизмот. Новата Влада составена од амнестирани криминалци, хушкачи на меѓуетнички судири и осомничени во случаи на фамозното СЈО, за врвен државен приоритет го постави рушењето на лажно непознатиот инвеститор кај Мавровка, наместо флагрантното рушење на изборниот процес и загрозување на безбедноста по личните податоци на граѓаните во Избирачкиот список.
Дури и Агенцијата за заштита на личните податоци при вонредна супервизија утврди повеќе повреди на прописите за заштита на личните податоци од страна на Државната изборна комисија, што јасно имплицира дека кај нас институционалните механизми за заштита на критичната дигитална инфраструктура се системски поткопани – со што изборниот процес и парламентарната демократија се претворени во обична фарса и заткулисен инжинеринг.
Притоа, изјавите на претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, дека падот на интернет-страницата немало влијание врз изборниот резултат се ноторни лаги, со оглед на скандалозното однесување во целиот процес на оваа висока државна институција, која немаше одговор ниту на прашањето за каква заштита за системот користи. Дополнително, сомневањата дека се работи за координиран напад на службите со цел манипулирање на изборните резултат ги подгрева однесувањето на МВР, кое наместо да постапи по службена должност, чекаше пријава од ДИК која пристигна дури наредниот ден.
Бараме ОЈО и МВР јавно да соопштат до каде е постапката за очигледниот инжинеринг на денот на изборите, кога за првпат откако во 2006 година ДИК беше дигитализирана, граѓаните не можеа да го следат броењето на гласовите и резултатите, што дополнително го поткопува легитимитет на новата власт чие конституирање беше проследено со низа скандалозни прекршувања на законите и Деловникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

