Црна хроника
Запленети девизи, цигари, лекови, облека, мобилни телефони, фалсификати…

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници спречија еден обид за увоз на гориво чиј увоз е забранет и откриени се повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, цигари, облека, обувки, боја за јајца, верски украси, мобилни телефони, тонери и фалсификати.
При личен претрес на македонски државјанин на скопскиот аеродром Александар Велики, кој допатувал со лет од Цирих биле пронајдени 12 илјади швајцарски франци. Во специјален појас, обвиткан околу телото на патникот, биле пронајдени 24 илјади швајцарски франци, од кои 12 илјади франци – противвредност на 10 илјади евра, износ што резидент може слободно да го внесе во државата му се вратени, а останатите 12 илјади франци се привремено задржани.
На граничниот премин Табановце, при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, со кое за излез од државата се пријавиле двајца македонски државјани, биле пронајдени 7 илјади евра.
Во рачна ташна сопственост на сопатникот во возилото, пронајдени се 9 илјади евра, од кои, согласно законските одредби на патникот му се вратени 2 илјади евра, а останатите 7 илјади евра се задржани.
На скопскиот аеродром Александар Велики, во соработка со аеродромската служба, при контрола на чекираниот багаж на македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Лондон биле 30 штеки цигари Marlboro Gold оriginal, без акцизни маркички.
Во два одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови, биле откриени 157 готови текстилни производи и 200 пара женски чевли.
Во првиот случај, 157 готови текстилни производи пронајдени се во патните торби на македонски државјанин, патник во автобус, што сообраќал на релација Истанбул-Куманово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.
Во вториот случај, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 2, пронајдени се 200 пара женски чевли, што не биле опфатени со приложените царински документи.
На царинската испостава Струмица пак, откриен бил обид на увозник од Струмица за увоз на екстра лесно гориво со повисоки параметри на обележувач Solvent yellow 124 (mg/lit) од утврдените параметри за оваа гориво, според Правилникот за спроведување на законот за акцизи.
При документарен и физички преглед на горивото, царинските службеници се посомневале во правилно прикажување на параметрите поради што се земени мостри и испратени на испитувања во Царинската лабораторија.
Од извршените испитувања утврдено е дека мострите содржат поголема количина обележувач Solvent yellow 124 (mg/lit) од законски определените од 6 до 9 mg во литар гориво, односно се работи за гориво чиј увоз и извоз е забранет.
Царинската испостава изготви мандатна казна за увозникот за погрешно декларирање на стоката и решение за враќање на стоката во странство./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Изгоре куќа во Драчево, нема повредени

Вчера во 21:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека во населба Драчево во Скопје настанал пожар во куќа, сопственост на Г.Д.(69) и Д.П.(71), двајцата од Скопје.
Пожарот е изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема.
Извршен е увид.
Црна хроника
Прегазена жена во Ресен, пренесена е во болница со тешки повреди

Вчера во 10:40 часот во ОВР Ресен е пријавено дека на улицата „Илинденска“ во Ресен, патничко возило „форд“ со ресенски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ.(68) од Ресен, удрило во пешакот, 74-годишната Ф.Ј. од Ресен.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Ф.Ј., констатирани во Клиничка болница Битола.
Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Ресен.
Црна хроника
36-годишен маж од Гостивар измамен за сума од 7.200 денари

Вчера во 15:45 часот во СВР Скопје, 36-годишен маж од Гостивар пријави дека бил измамен за сума од 7.200 денари. Според пријавеното, контактирал со едно женско лице, во врска со оглас на социјална мрежа за издавање стан во Скопје.
Откако се договориле, капарот го оставил во угостителски објект на подрачјето на Бит Пазар, како што му било кажано, по што подоцна не можел да стапи во контакт со неа, при што сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.