Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара од владата ослободување од партиципација на студентите, бесплатни градинки и оброк во училиштата
Веќе очигледно е дека Владата нема стратегија за почетокот на образованието и на образовниот процес во основното, средното и високото образование, ниту пак план за работата на градинките. На удар е здравјето на младите и нервите на родителите кои се загрижени поради тоталниот хаос во факултетите, училиштата и градинките, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Министерството за образование нема соодветен план за он лајн настава ниту пак обезбедени доволно добри просторни услови за децата кои физички ќе посетуваат настава, а градинките се со исполнети капацитети со што постои реална опасност дека голем дел од родителите нема да имаат можност да ги згрижат своите деца во градинки.
„ Имајќи во предвид дека згора на овој хаос се става и тешкиот финансиски товар на родителите и младите во едни вакви економски услови и сиромаштија, како опозиција предлагаме план и мерки со кои владата мора да настапи веднаш. Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, предлагаме:
1.Владата веднаш да донесе одлука со која ќе се ослободат од партиципација сите редовни студенти запишани во државните универзитети за учебната 2020/2021 година, без разлика во која година од студирањето се наоѓаат. Со оваа мерка се опфаќаат околу 20 илјади студенти. Што значи дека на околу 20 илјади семејства ќе им се помогне да не трпат егзистенцијални штети и да можат нивните деца да го продолжат образованието.
2.Втората мерка е предлог за донесување одлука за обезбедување на бесплатна храна во училиштата и за сите ученици. Со оваа мерка ќе се опфатат сите ученици кои посетуваат настава во училиштата, а станува збор повторно за неколку десетици илјади.
3.Третата мерка се однесува на децата кои посетуваат градинка, бројка од околу 30 илјади дечиња, чии родители немаат услови да ги чуваат дома, а од таа причина е потребно да ги пратат во градинка. Со цел да се помогне на голем број на семејства, во кои имаме и голем број на родители кои го изгубиле своето работно место, бараме бесплатно згрижување на децата во градинките.
Ја повикуваме власта да ја надмине суетата и да пристапи кон итна реализација на овие предложени мерки, кои ќе значат помош за околу 100.000 семејства во Македонија. Владата, криминалот и мафијата кои за жал во овој момент се исто во Македонија, не смеат да ја водат во пропаст целата држава“ порачаа од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

