Свет
Папата предупреди дека озборувањата се поопасни од Ковид-19

Папата Франциско ги повика верниците да престанат со озборувања, нарекувајќи ги полоши од коронавирусот. Тој рече дека тие може да се искористат за поделба на Римокатоличката црква.
„ Ве молам, браќа и сестри, да се обидеме да не озборуваме. Озборувањето е полошо од Ковид-19“ истакна папата за време на неговото неделно обраќање од прозорот над плоштадот Свети Петар.
На почетокот на следниот месец, папата Франциско, ќе го посети италијанскиот град Асизи. Тоа ќе биде негово прво патување надвор од Рим откако во февруари во Италија избувна пандемијата на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Идниот германски канцелар за падот на берзите: Драматично е, а може да биде и полошо

Фридрих Мерц, шефот на германската ЦДУ, кој се очекува да ја преземе функцијата германски канцелар, предупреди дека ситуацијата на светските пазари на акции и обврзници може дополнително да се влоши.
„Пазарите се во драматична состојба, што се заканува со понатамошна дестабилизација“, рече Мерц во изјава за „Ројтерс“.
Тој нагласи дека сега „е поважно од кога било Германија што побргу да ја врати меѓународната конкурентност“, а ова прашање треба да биде во центарот на коалициските преговори на неговата конзервативна опција со социјалдемократите.
Мерц се залага за пониски даноци, намалување на бирократијата и пониски цени на енергијата.
Утрово продолжи насилниот пад на светските берзи. Кон средината на минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп ги потресе објавувајќи повисоки царини на увозот од очекуваното.
Додека Кина возврати со контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на царинската војна, нарушувања во меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на најголемите економии, па дури и рецесија.
Поради тоа, цените на акциите утринава остро паднаа на азиските берзи, но и на европските.
Европа
Тинејџер избоден до смрт во Лондон, уапсени двајца 16-годишници

Двајца тинејџери се уапсени кога 17-годишник беше избоден до смрт во саботата во западен Лондон.
Полицијата била повикана околу 13.10 часот по пријава за напад со нож на улицата Ерконвалд во Шепердс Буш. На местото на настанот биле пронајдени две млади момчиња со убодни рани.
Еден од нив, 17-годишниот Кеирон Чарлс, починал на самото место, потврди лондонската полиција.
Уште едно 16-годишно момче е пренесено во болница со повреди што не се опасни за животот. По лекувањето, тој бил отпуштен и уапсен поради сомнение за убиство. Тој моментно е во притвор.
Третиот осомничен, исто така 16-годишен, го напуштил местото на настанот, но бил уапсен вчера рано наутро и исто така е во притвор, соопшти лондонската полиција. Истрагата за убиството е во тек.
Свет
Расте бројот на загинати во земјотресот во Мјанмар, сега се над 3.500

Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар пред десет дена се искачи на најмалку 3.515, а 210 лица сè уште се водат за исчезнати, покажуваат податоците што во понеделникот ги објави војската на Мјанмар.
Повеќето од жртвите се во и околу Мандалеј, вториот по големина град во Мјанмар. Таму загинаа повеќе од 2.100 луѓе.
Продолжувањето на работата на спасувачките служби го отежнуваат обилните дождови и ветровите, кои ги оштетија шаторите и теренските болници на меѓународните тимови. Метеоролозите предупредуваат на можност од поплави и одрони поради претстојната сезона на дождови.
Властите прогласија крај на операциите за пребарување и спасување и го пренасочија својот фокус на извлекување и расчистување на остатоците. Извештаите укажуваат дека мртовечниците се преполни и масовно кремирање се врши на отворено, јавува ДПА.
Во многу погодени области смрдеата на трупови е во воздухот, што го отежнува престојот на хуманитарните работници и на жителите. Поради многуте последователни земјотреси, некои од жителите се плашат да се вратат во своите домови, па спијат на отворено.
Покрај новите земјотреси, состојбата ја загрозува и честото губење на интернетот, што ги прекинува комуникацијата и воздушната координација.
Во делови од Мјанмар ситуацијата е катастрофална. Весникот „Иравади“ пишува дека повеќе од 80 отсто од инфраструктурата на Сагаинг Сити е уништена.
Хуманитарната ситуација останува тешка, пред сè, за ранливите групи во оваа земја погодени од внатрешни конфликти.