Свет
Хајко Мас: Можни санкции против Русија поради труењето на Навални

Германскиот министер за надворешни работи Хаjко Мас оцени дека на руските власти би можело да им се воведат санкции, доколку во следните неколку дена не успеат да ги разјаснат околностите за труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални.
„ Доколку нема придонес од руска страна во следните неколку дена, ќе треба да разговараме за одговорот со нашите партнери“, рече Мас за неделното издание на списанието „Билд“.
„ Кога размислуваме за санкциите, тие треба да бидат насочени што е можно подобро“, додаде Мас.
Германската канцеларка Ангела Меркел минатата недела објави дека Навални е затруен со забранетиот нервен агенс „новичок“, што исто така се користеше во случајот со обидот за убиство на Сергеј Скрипал во 2018 година во Велика Британија.
Навални се лекува во болница во Берлин, затоа што му се слоши на летот кон Москва од сибирскиот град Томск. Според информациите од болницата, неговата состојба се подобрува, со проценка дека „заздравувањето ќе трае долго“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Затворската казна за Саркози ја подели земјата околу тоа како судиите се справуваат со случаите на политички криминал

Затворската казна изречена на поранешниот француски претседател Никола Саркози ја подели земјата околу тоа како судиите се справуваат со случаите на политички криминал, додека лидерката на крајната десница Марин Ле Пен се подготвува да се обиде да ја поништи пресудата за проневера и да се кандидира за претседател во 2027 година, објави Ројтерс.
Парискиот суд ја шокираше политичката сцена во четвртокот кога на Саркози му изрече казна затвор од пет години затвор за криминален заговор во врска со обидот за собирање средства за кампања во Либија, објави агенцијата.
Саркози ќе биде и првиот претседател на Франција по Втората светска војна, кој ќе биде затворен.
Свет
Зеленски ќе возврати ако Москва предизвика прекин на електричната енергија во Украина

Претставници на украинската Влада ќе ги посетат Соединетите Американски Држави кон крајот на септември или октомври за разговори за прашања, како што се економијата и оружјето, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател беше во САД оваа недела, каде учествуваше на Генералното собрание на Обединетите нации и се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој рече дека споделил со Трамп „одредена визија за тоа што може да се направи“ како одговор на руските дејствија. Зеленски вети дека ќе возврати доколку Москва предизвика прекин на електричната енергија во Украина.
Свет
Најголемата воена база во Данска ја надлетуваат неидентификувани беспилотни летала

Неидентификувани беспилотни летала синоќа се регистрирани над најголемата воена база во Данска, соопшти данската полиција.
– Можам да потврдам дека во петокот околу 20 часот и 15 минути имавме мал инцидент што траеше неколку часа. Еден или два дрона се забележани пред и над воздухопловната база во Каруп. Не ги соборивме, изјави претставник на данската полиција.
Изминатите денови дронови надлетуваа над цивилни и воени објекти, поради што привремено беше затворен воздушниот простор на Данска.
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен претходните инциденти со нарушувањето на воздушниот простор ги поврза со наводни руски активности со дронови низ Европа, но не понуди докази. Москва ги негираше обвинувањата.