Македонија
(Видео) Мицкоски со три барања до власта на протестот против поскапувањето на струјата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, говорејќи на денешниот протест против поскапувањето на електричната енергија, упати три барања до Владата, на кои рече дека треба да одговорат во наредните денови.
„Прво барање – враќање на старата цена на стујатата преку намалување на тарифата на универзалниот снабдувач;
Второ барање – викенд без ДДВ во септември како што беше ветено пред изборите;
Tрето барање – професионализација на Регулаторната комисија за енергетика со натпартиски кадри“, посочи Мицкоски.
Тој во говорот одговори и за прозивките од портпаролите на СДСМ за тоа кој ги плаќа овие протести.
„Ова е честит народ кој веќе не може да ги трпи неправдите и затоа излезе на улица“, објасни Мицкоски.
Партискиот лидер го посочи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, како директно одговорен за покачувањето на цената на струјата и обвини дека тој ѝ слугува на мафијата на власт.
Мицкоски порача дека отпорот и протестите ќе продолжат сè додека мафијата на власт не биде детронизирана зашто, како што рече, на власт дошла преку поткупени избори.
„Ќе нè има насекаде во цела Македонија, нема назад, нема повлекување. Народот е заситен и не може веќе да трпи, затоа излегува на улица“, порача Мицкоски, на првиот од серијата најавени протести на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи: „Кога неправдата станува закон, протестот е наша обврска“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

