Македонија
Млади лекари ќе бидат ангажирани на инфективните клиники за третман на пациенти со Ковид-19
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска имаше средба со младите лекари, од кои 51 од тие што добија лиценца за работа во јули годинава ќе бидат ангажирани на инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со Ковид-19. Новите лекари ќе бидат ангажирани со договор на дело со 30.000 денари месечно платена пракса.
„Поголем дел од младите лекари, односно 51 од тие што добија лиценца за работа во јули годинава, веќе се пријавени за вработување во инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со Ковид-19, а паралелно со тоа веќе е обезбеден буџет за нивно ангажирање во здравствените установи. Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи, како што се здравствени домови и општи болници со проширена дејност, што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа“ – истакнува министерот Филипче.
На средбата беше посочено дека младите лекари веќе ја гледаат својата иднина во јавното здравство во нашата земја и активно учествуваат во креирањето на здравствените политики.
„Со овие одлуки ги охрабруваме младите самите да преземат одговорност. Се стремиме да го подобриме системот заедно со сите предизвици со кои се соочуваме во моментов, а паралелно со тоа продолжуваме и со вработувањата. Во тек се и други активности кои ќе ја подобрат работата со пациенти, следење на новините во медицината и практичните искуства. Се разгледува и можноста за воведување тест со теоретско знаење, пракса и евалуација на личност, што во моментов го нема кај нас, а е потребно. Сето ова ќе придонесе за натамошно унапредување на статусот и условите за работа на младите доктори“ нагласува министерот Филипче.
Со законската измена на Законот за здравствена заштита, донесен во јануари минатата година, за првпат се овозможи секој млад доктор, по стекнувањето лиценца, веднаш да влезе во системот на примарна здравствена заштита за работа со пациенти во рок од шест месеци со месечен надомест од 30.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

