Свет
(Видео) Откажан лет за Канада бидејќи тригодишно девојче не носело маска
Авионскиот лет за Канада бил откажан затоа што тригодишно девојче не носело маска, а била повикана и полицијата, пренесува Би-би-си.
Садван Чудри, патникот кој требало да лета со „Вeст џет“, вели дека авиокомпанијата инсистирала на тоа неговата 19-месечна ќерка да мора да носи заштитна маска.
Но, од авиокомпанијата велат дека проблемот не бил во 19-месечното девојче, кое дури не морало да носи маска, туку во тригодишната ќерка на Чудри.
Би-би-си пишува дека летот „652“ од Калгари до Торонто бил откажан во вторникот наутро. На патниците им било речено да го напуштат авионот.
Чудри за Би-би-си изјави дека неговата постара ќерка, која има три години, јадела пред полетувањето. Во тој момент стјуардесите се приближиле до Чудри и го замолиле двете негови ќерки да стават маски на лицето. Тој вели дека и тој и неговата сопруга носеле маски.
Чудри ги замолил стјуардесите да бидат трпеливи за да може неговата постара ќерка да заврши со јадењето, но му било кажано дека имаат политика на нулта толеранција и дека нема да ја затворат вратата на авионот додека не ја стави маската. Чудри вели дека се согласил и ветил дека веднаш ќе им стави маски.
Тој за Би-би-си изјави дека на неговата тригодишна ќерка, по краткото негодување, ѝ ставил маска на лицето.
„Но, мојата помлада ќерка се бореше со тоа, таа практично беше хистерична“, рече Чудри додавајќи дека била толку вознемирена што повраќала.
Тој тврди дека вработените во „Вeст џет“ биле агресивни и му рекле дека целото семејство ќе мора да го напушти авионот затоа што неговата најмала ќерка не носела маска. Исто така, додава дека му било кажано дека ако не го напуштат авионот, може да бидат уапсени, обвинети и да завршат во затвор.
Чудри вели дека и тој и неговата сопруга на крајот се согласиле да го напуштат авионот.
Подоцна дознал дека официјалните патнички правила во Канада налагаат само деца над две години да носат маска, поради што неговата 19-месечна ќерка не морала да носи маска.
Во „Вeст џет“ го негираат тврдењето на Чудри дека тригодишното дете ставило маска на лицето.
„Родителите одбија да му стават маска на детето кое е постаро од две години поради што нашиот екипаж ги информира возрасните за прописите што треба да ги почитуваме. Нашиот екипаж побара присуство на органите на власта кога патниците одбија да ги почитуваат канадските мерки за превоз, а потоа одбија да го напуштат авионот“, се вели во соопштението на „Вeст џет“.
Видеото што го сними Чудри на својот мобилен телефон и го објави на „Твитер“ ја покажува неговата постара ќерка како носи маска откако полицијата влегла во авионот.
Чудри изјави дека некои од патниците му биле лути на неговото семејство, иако огромното мнозинство го поддржувало. Многумина застанале во нивна одбрана, додека најмладата ќерка плачела, вели Чудри.
Во тој момент екипажот на авионот повикал полиција, вели Чудри, по што тие го напуштиле авионот. Летот потоа бил откажан и преместен за следниот ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Фото) Филмски грабеж во Њујорк: се маскирале како работници и украле 3 милиони долари
Најмалку тројца мажи, од кои двајца биле маскирани како градежни работници, извршиле грабеж во Њујорк и избегале со сеф и накит во вредност од повеќе од 3 милиони долари. Филмскиот грабеж се случил сред бел ден, на 16 октомври, во населбата Јамајка Хилс во Квинс, а полицијата објави детали и снимки од надзорните камери овој вторник, пишува nbcnews.com.
Според соопштението на Полициската управа на Њујорк (NYPD), крадците насилно ја отвориле задната врата од куќата околу 14:20 часот. Откако влегле на локацијата, лицата извадиле сеф и накит, чија вредност се проценува на приближно 3,2 милиони долари. По кражбата, тие избегале со сино Хјундаи Елантра, кое е снимено со камери за надзор.
Истражителите објавија детални описи на тројцата мажи со надеж дека некој ќе ги препознае. Еден од мажите што влегол во домот носел црна маица, црни панталони, црни патики, неонски елек, бела кацига, заштита за очи и бил виден како носи црн ранец.
Другиот носел црна маица, црни панталони, сиви патики, неонска јакна, бела кацига, заштита за очи, црна маска за лице и носел црн ранец, соопшти полицијата.
Третиот осомничен, кој возел, носел бела маица со качулка, црни панталони, сиви патики и црни ракавици.
За среќа, никој не е повреден во грабежот, а потрагата по сторителите е во тек.
Регион
Сирија го призна Косово
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, објави дека Сирија ја признала независноста на Република Косово, пренесува Анадолу.
Османи, која е во официјална посета на Ријад, изјави дека со поддршка на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, е постигнат договор со кој Сириската Арапска Република ја признава Република Косово.
Османи му се заблагодари на сирискиот претседател Ахмед ал-Шарија за одлуката за признавање на Косово, како и за неговата поддршка за Косово.
„Народот на Косово и Сирија многу страдаше и жртвуваше за да постигне слобода. Затоа, ова меѓусебно признавање денес не е само признавање на државниот суверенитет, туку и признание на жртвите на многу генерации за слободен живот“, рече Османи.
Таа, исто така, му се заблагодари на саудискиот престолонаследник „што го овозможи овој историски чин меѓу двете земји“. Со признавањето од Сирија, сега 120 земји ширум светот го признаа Косово.
Свет
Боинг ја одложува испораката на авиони, се соочува со казна од 5 милијарди долари
Авиокомпанијата Боинг објави дека производството на долгоочекуваниот авион 777X се одложува до 2027 година, што ќе ја чини дури 5 милијарди долари казни за доцнење на испораките. Причината се сè построгите регулаторни пречки што мора да ги надмине, пишува Би-Би-Си.
Одложувањето доаѓа во време на растечка побарувачка за меѓународни патувања, додека Боинг се обидува да го промовира својот најнов модел како наследник на легендарните 747 и 777. И покрај проблемите со довербата на компанијата по низа инциденти, вклучувајќи го и оној во кој вратата на авионот паднала од лет, Боинг соопшти дека приходите во трите месеци што завршија во септември се зголемиле за 30 проценти на 23,27 милијарди долари во споредба со истиот период минатата година.
Главниот извршен директор Кели Ортберг изјави дека компанијата работи на „враќање на довербата кај сите наши засегнати страни“.
Тој изрази разочарување поради доцнењето на 777X, но додаде дека авионот „се покажал добро на тестирањето во летот“. Тој нагласи дека Боинг работи на „стабилизирање на нашите операции за да можат перформансите на нашата компанија целосно да се опорават“.

