Македонија
Советот за безбедност на сообраќајот ќе донира опрема за сообраќајните единици во МВР
Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, оствари работна средба со претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска. Целта на денешнава средба беше утврдување на видот и количините на опрема што РСБСП во наредниов период ќе ја обезбеди како донација за надлежните сообраќајни единици во МВР за зајакнување и модернизирање на уредите и опремата во делот на сообраќајот.
„Изминативе години Министерството за внатрешни работи самостојно, но и како партнер со РСБСП, беше дел од многу кампањи од областа на сообраќајот. Превентивното делување фокусирано на повеќе нивоа, почнувајќи од децата и младите, па сè до интензивирањето на сообраќајните контроли низ целата држава, е неопходно и дава позитивни резултати“, рече министерот Спасовски, изразувајќи задоволство од досегашната соработка со РСБСП со надеж дека истата и во наредниов период ќе биде интензивирана.
Кожуваровска на состанокот истакна дека соработката на РСБСП и Министерството за внатрешни работи се реализира на високо ниво, потенцирајки дека безбедноста во сообраќајот е врвен заеднички приоритет и дека само со заедничка соработка и со комбинација од превентивни и репресивни мерки може да се придонесе за намалување на бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди.
Од МВР најавуваат дека сообраќајната полиција во наредниов период интензивно ќе постапува на терен и ќе работи на подигање на безбедноста на сообраќајот на едно повисоко ниво – притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизираните возачи, за неисправните возила по коловозите, за непочитувањето на сообраќајните правила и прописи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Да почекаме истрагата да даде одговор за наводите за транспортирани мозоци
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема јавно да коментира додека не се добијат поконкретни информации во врска со објавите дека мозоци на починати македонски државјани со психијатриска дијагноза биле транспортирани во САД за медицински истражувања.
„Не би коментирал јавно било што додека не добиеме поконкретно. Сепак е состојба што се случувала пред неколку децении. Да оставиме на обвинителството и истрагата да одговорат“, изјави Мицкоски на новинарско прашање.
Претходно денеска Јавно обвинителство соопшти дека, врз основа на повеќе информации објавени во медиумите, оформило предмет по допрен глас поради наводи поврзани со документите од случајот со Џефри Епстин.
Од Обвинителството информираа дека наводите упатуваат оти примероци од мозоци на починати лица од земјава наводно биле транспортирани во САД за научно-истражувачки цели.
„Имајќи ја во вид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“, соопштија од институцијата.
Предметот е доставен на надлежно постапување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое треба да преземе дејствија за прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, со цел да се утврди дали постоело евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, како и можни пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности.
Македонија
Мицкоски: Чествувањето на Гоце Делчев нека ни биде пример како треба да ја градиме нашата Македонија
Денес го одбележуваме денот на раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, човек којшто оставил нераскинлива трага и денес се сеќаваме и го исполнуваме неговото дело коешто го направил и за македонскиот народ но и за Македонија како држава, но и генерално за сите граѓани, истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков и министерката за образование, Весна Јаневска, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата Свети Спас.
„Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, јас би рекол е епска, за жал прерано го загубил својот живот на 31 година, имал уште многу што да каже доколку преживеел, но за жал не успеал повеќе од 31 година да живее и го положува својот живот повторно со идеалите за македонската држава.
Така што уште еднаш денес да си го спомнеме неговиот лик и дело, да го чествуваме и да го сеќаваме и тоа нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија“, порача Мицкоски.
Македонија
Во 2025 поднесени 213 кривични пријави до ОЈО и ОЈО ГОКК, штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царинската управа
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги минатата година поднесе вкупно 213 кривични пријави против 443 физички и 160 правни лица до Основното Јавно Обвинителство и Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Притоа, во 196 случаи е утврдена штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царнската управа.
Бројот на поднесени кривични пријави, додаваат од таму, е зголемен за повеќе од двојно споредбено со 2024 година, кога бeше поднесена 91 кривична пријава, при што најголем дел од поднесените кривични пријави, дури 80 проценти, беа евидентирани од октомври.
„За неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги се спроведени истраги и поднесени се седум кривични пријави, за криумчарење 40 кривични пријави, за царинска измама 39 кривични пријави, за фалсификување исправа 85 кривични пријави, а за недозволено тргување со оружје поднесени се седум кривични пријави. Поднесени се и кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, вршење меѓународен јавен превоз без поседување лиценца, како и за избегнување плаќање акциза. Дури 103 од поднесените кривични пријави се поднесени за сторени кривични дела со 232 возила.
Во текот на предистражните дејствија од страна на службата против економски криминал при проверка на докази за потекло, до странски служби испратени се 450 барања, при што во 223 случаи е утврдено дека доказите за потекло се невалидни. Со странски служби извршена е и 71 проверка на увозни фактури. Дополнително од страна на службата за финансиски истраги отворени се 15 финансиски истраги против 19 физички и девет правни лица, при што целта е детекција и конфискација на нелегално стекнат имот, а со тоа и дестабилизација на криминалните групи.
Царинската управа продолжува со спроведување засилени контроли и истраги со цел ефикасна борба против криминалот и заштита на финансиските интереси на државата“.

