Македонија
(Видео) Мисајловски: Делчев е црвената линија на нашето достоинство, трговијата со него е трговија со нашето постоење
Гоце Делчев е еден од најсветлите ликови врз чии постулати почива современата македонска држава, рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој е дел од нашиот идентитет и црвена линија за нашето достоинство. Токму за него и за историски факти далеку од очите на јавноста преговара Владата на Заев со нашиот источен сосед. Трговијата со неговото име и постоење значи трговија со нашето постоење и она што сме и ќе продолжиме да бидеме – Македонци. Во меѓувреме, нема никакво поместување на патот кон Европската Унија. Европската Унија останува уште едно неостварено ветување на Зоран Заев и неговата власт. Не чувме идеја, ниту план. Да потсетиме, ова е Влада што е спремна да се откаже од сè, само за својот личен спас и за спасот на неколку кариери на луѓе што ја водат.
Се работи за мошне чувствителен период и тоа време кога и им треба нашата поддршка на нашите историчари, кои се дел од тимовите за преговори за да ја бранат вистината за Гоце и да не потклекнуваат на трговии и политички притисоци.
Затоа, ВМРО-ДПМНЕ, во вторник, со почеток во 18.30 часот, организира протестен собир, кој ќе почне пред Министерството за правда, ќе продолжи преку мостот „Гоце Делчев“ сè до зградата на Министерството за надворешни работи. Протест на кој ќе изразиме поддршка за членството во ЕУ, за Македонија и за Гоце Делчев, кој е нашето постоење и нашиот идентитет. Делчев се борел за народна слобода и, пред сè, културен и сестран развој, што е и основа на европските вредности кон кои ние сите се стремиме. Делчев е ликот што треба да нè обединува, а не да нè разединува.
Ова е мирен народен протест на кој ќе испратиме јасни пораки. Време е за гласот на тивкото мнозинство. Повикуваме сите да ни се приклучат во протестот кој треба да биде нашиот глас за она што нè обележува како држава, стратешки интерес и бедем на нашето постоење.
И сосема на крај, предочуваме дека имаме сознанија за уфрлање поединци кои се инструирани од власта, кои ќе имаат цел да го дискредитираат протестот со елементи на говор на омраза и изразување ставови што не се дел на партијата за подоцна да се дискредитира ВМРО-ДПМНЕ. Однапред се оградуваме од таквите инструирани сценарија, кои само им одат во прилог на структурите на власта што ја држат државата заробена и не посакуваат напредок. Токму затоа на однапред видно одбележано место пред Министерството за правда ќе се делат пораки и транспаренти што ќе бидат дел од протестот, чија јасна цел ја кажуваме денес.
Ве повикуваме сите и се гледаме во вторник во 18.30 часот“, порача Мисајловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

