Македонија
Милошоски: Комисијата за избори и именувања не може да биде над Собранието

Денес, на собраниската седница се обрати Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“. При своето обраќање Милошоски посочи дека Комисијата за избори и именувања не може да биде над Собранието.
„Зошто сметам дека дневниот ред е несоодветен и спротивен на Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија? Затоа што 30 години во ова Собрание никогаш не се случило да се утврдува персонален состав на постојаните работни тела, едноставно наречени комисии на Собранието, без притоа да биде донесена одлука за формирање комисии на Собранието“, појасни Милошоски.
Милошоски додаде дека во согласност со член 118 од собранискиот Деловник запишано е став 1 – „Постојаните работни тела се основаат со одлука на Собранието“. Така било во 1991 година, 1994, 1998 и во 2017 година, па до ден-денес.
„Затоа што Собранието може да одлучи да има поинаков број или поинаква надлежност на постојаните работни тела. На пример, 2006 година имало 19 комисии како постојани работни тела во Собранието, а во 2016 година имало 21 работна комисија. Се одлучило во 2016 година дека треба да постојат и Комисијата за локална самоуправа, Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените, кои ги немало во 2006 година“, истакна Милошоски.
Милошоски рече дека Комисијата за избори и именувања не може да биде над Собранието. Собранието мора првин да донесе одлука за формирање постојани работни тела, а потоа Комисијата за избори и именувања да предложи нивен персонален состав, кој Собранието има право целосно да го прифати, да го измени, да го одбие и да одлучи суверено и да го има крајниот збор во одлучувањето во законодавниот дом.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се’ уште гори кај Јасен, активни пожари на четири локации низ Македонија

Денес до 18 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни и моментално се гаснат, додека шест се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во различни делови на земјата. Еден од нив е во Националниот Парк Јасен во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Друг пожар е пријавен во село Теарце, општина Теарце, каде што се гори ниска вегетација. Во општина Сарај, во село Радуша, исто така се активни пожари кои зафаќаат сува трева и мешана шума. Четвртиот активен пожар е во општина Кичево, на потегот помеѓу селата Челопејци и Миокази, каде исто така гори мешана шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Надлежните служби постојано апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и забрани за палење оган на отворен простор, со цел да се спречи ширење на пожарите и да се заштитат природните ресурси.
Македонија
Најмногу туристи ни дојдоа од Турција во јуни

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јуни годинава во земјата биле регистрирани вкупно 126.415 туристи, од кои 20,1 отсто се домашни, а 79,9 проценти странски туристи.
Од странските туристи кои ја посетиле земјата во јуни 2025 година, најмногу дошле од Турција – вкупно 34.366 лица, следат Србија со 8.897, Германија со 8.011 и Холандија со 3.604 туристи.
Во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 13,5%, со намалување од 2,5% кај домашните туристи и зголемување од 19,7% кај странските туристи. Вкупниот број на ноќевања во првото полугодие се зголемил за 8,5%, при што кај домашните има мало намалување од 1,1%, а кај странските зголемување од 13,3%.
Македонија
Забрана за нови вработувања, поткуп, користење државен имот за кампања – ДКСК потсетува на забраните од денот на распишувањето на изборите

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека во периодот од распишувањето на локалните избори во 2025 година до конституирањето на советите на општините и Градот Скопје важат специфични забрани и мерки.
Нови инвестиции и вонредни исплати од буџетот не смее да почнат или се извршат, освен ако претходно се обезбедени средства во согласност со законот.
Забрането е почнување постапки за нови вработувања или престанок на работен однос во државните и во јавните институции, освен во итни случаи.
Политичките партии и кандидатите не смее да користат противправни или анонимни извори на финансирање.
Државниот имот и буџетските средства не смее да се користат за изборна кампања или финансирање политички активности.
Поткупот на избирачи и давањето или ветувањето подарок за гласање е строго забрането.
Во периодот од 20 дена пред изборната кампања до нејзиното завршување не смее да се одржуваат јавни настани поврзани со изградба или пуштање во употреба објекти со државни средства.
Министерството за финансии е задолжено да ги објавува сите буџетски исплати во изборниот период, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци.
Јавните фондови, претпријатијата и другите субјекти со државен капитал треба да достават податоци за моторните возила до ДКСК во рок од десет дена од распишувањето на изборите.
Користењето службени простории, опрема и возила за изборни активности е забрането.
Забранети се притисокот и заплашувањето гласачи и нивните блиски лица.
ДКСК ќе ја следи законитоста на изборниот процес и ќе презема мерки при сомневање за прекршување на законите.
Во изборниот период Комисијата нема надлежност да дава мислења по барања поврзани со постапките на државните и на локалните органи.
ДКСК ги повикува медиумите, здруженијата на граѓани и јавноста да пријавуваат прекршувања на забраните предвидени во законот.