Македонија
ИЈЗ: Намалување на нови позитивни случаи – најголем дел и натаму во Скопје
Министерството за здравство информира дека во согласност со извештајот на Институтот за јавно здравје, кој се однесува на периодот од 7 до 13 септември, тестирани се вкупно 8.353 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на Сарс-КоВ-2, 14,2 % помалку во однос на минатата недела.
Регистрирани сe вкупно 705 нови позитивни случаи од 33 града во државата, што претставува намалување од 10,8 % во однос на минатата недела. Повеќето од регистрираните случаи се од Скопје (n=202; 28,7 %). Во истиот период во 17 града бројот на новодијагностицирани е под 20.
Процентот на позитивни случаи од тестираните изнесува 8,4 % или 0,3 % повеќе во однос на претходната недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=173, 22,0 %). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50 до 59 и од 30 до 39 години – (n=136; 19,3 %), од 40 до 49 (n=107; 15,2 %) и од 20 до 29 (n=98; 14,0 %). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (n=19; 2,7 %) и од 10 до 19 години (n=36; 5,1 %).
Од случаите што се епидемиолошки истражени (n=681; 96,6 %) регистрирани се 127 (18,6 %) хоспитализирани, што е намалување од 3,8 % во споредба со минатата недела, а кај 227 (33,3 %) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број нови случаи, 221 (31,3 %) имале контакт со потврден случај. Регистрирани се 32 лица со историја на патување (во последните 14 дена).
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 709 лица што биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Пријавени се 27 смртни случаи од 12 града, 7 повеќе во споредба со минатата недела. Во однос на возраста, 19 лица биле над 60 години, 6 на возраст од 50 до 59 и два од 40 до 49 години. Од починатите, 25 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 23 починати лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски му возврати на Николовски: Твојата политичка кариера е завршена, Владата ќе се бори против корупцијата
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку статус на „Фејсбук“ остро му возврати на пратеникот и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, кој претходно го критикуваше за суспензијата на ИПАРД-програмата со што, како што тврди, загрозени се 130 милиони евра европски средства.
Трипуновски обвини дека Николовски умот го користи исклучиво за криминал и ширење страв кај земјоделците. Според него, политичката кариера на Николовски е завршена, а неговите јавни реакции се обид да остане во фокусот.
Министерот оцени дека Николовски треба да го повика Основното јавно обвинителство да го истражи неговото работење во времето кога бил министер. Тој повтори дека нема простор за загриженост околу ИПАРД, нагласувајќи дека Брисел ја поздравил брзата реакција на Владата за истражување на случувањата во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Сега има закон, правила и прописи што мора да се почитуваат. Секој што се огрешил пред законот ќе одговара“, напиша Трипуновски и додаде: „Љупчо ти текнува кога беше антикорупционер и врвно достигнување ти беше броењето на испиени чаши со вода на министрите, додека тоневте во криминал цела влада? Епа сега за разлика од претходно, се апси, нема повеќе наш и ваш. Принципот по кој владееше ти и владата на СДС, како до сега заврши“.
Неговите коментари следуваат по критиките на Љупчо Николовски, кој реагираше на телевизиското интервју на министерот. Николовски тврдеше дека Трипуновски признал оти ИПАРД-програмата е суспендирана, но не понудил одговорност или план за решавање на ситуацијата.
Тој предупреди дека се загрозени 130 милиони евра европски средства што требало да донесат над 3.000 нови бизниси и 10.000 работни места. Според Николовски, станува збор за пари на млади земјоделци и семејства што вложиле сопствени средства и доверба во програмата.
Николовски го обвини министерот дека ги омаловажил претходните програми што, како што наведе, создале над 4.000 нови мали производители. Тој рече дека понудил конкретни и одговорни решенија, но Трипуновски ги одбил.
„Мојата борба е за земјоделците кои денес се чувствуваат изневерени“, напиша меѓу другото Николовски кој бара оставка од Трипуновски.
Обвинителството претходно соопшти дека се приведени пет лица поради сомнение за злоупотреба во постапката за користење на средства од ИПАРД програмата. Според соопштението, првоосомничениот, управител на правно лице, е осомничен за продолжено кривично дело „давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица се товарат за „примање награда за противзаконито влијание“, а едно лице за продолжено кривично дело „примање поткуп“.
Според истрагата, управителот, од крајот на февруари до денот на апсењето, директно и преку посредници му ветил подарок – пари во значителен износ на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Во шемата, како посредници учествувале и даночен референт во УЈП и државен службеник од Министерството за земјоделство, кои го поттикнале директорот да потпише договор за користење средства од ИПАРД Програмата, иако компанијата не ги исполнувала условите на јавниот повик.
Во замена за потпишување на договорот, директорот на Агенцијата наводно прифатил ветен подарок од 50.000 евра, а при претрес биле пронајдени и одземени 400 евра кои се дел од договорената сума.
Обвинителството соопшти дека побарало од судијата на претходна постапка да им биде определена мерка притвор за сите осомничени лица.
Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата – инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој, соопшти Министерството за финансии.
Оттука објаснија дека одлука следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, велат од Министерството.
Македонија
Реконструирана главната улица 21 во Расадник, обезбедени и нови паркинг-места
Главната улица 21 во населеното место Расадник е целосно реконструирана. Денес, градоначалникот Дарко Костовски изврши увид во активностите на терен, при што беше потврдено дека е обновена делница долга 450 метри и дека се обезбедени дополнителни паркинг-места, со што е исполнето барањето на жителите од овој дел на општината.
Од Општина Бутел информираат дека набргу ќе почне реконструкција и на улиците Бутелска 2, Ангел Мојсковски, Александар Грличков и Љубинка Басотова.
Локалната самоуправа наведува дека континуирано реализира проекти за подобрување на патната инфраструктура во сите населени места и обезбедува пристојни услови за живеење на граѓаните.
Македонија
Трипуновски: Со пуштање на електронската испратница почнува дигитализацијата на македонскиот шумарски сектор
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денес присуствуваше на свечениот настан за пуштање во употреба на Интегрираниот информациски систем за шуми (IFIS), кој означува историска пресвртница во дигитализацијата на македонскиот шумарски сектор.
На настанот, министерот истакна дека IFIS системот претставува крај на застарените процеси базирани на хартија.
„Ова означува значаен пресврт од застарени процеси базирани на хартија кон целосно дигитален пристап базиран на податоци. Со IFIS, градиме поодговорен систем за шумарство”, изјави министерот Трипуновски.
IFIS системот, кој е дел од проектот финансиран од Европската Унија, служи за следење на тековите на дрва, следење на шумските пожари, мапирање на биодиверзитетот и поддршка на ефикасно планирање на шумите.
„Овој проект е доказ за нашата заедничка посветеност на Владата и Европската Унија да изградиме шумарски сектор кој е модерен, транспарентен, усогласен со стандардите на ЕУ и одржлив за идните генерации”, нагласи министерот.
„Како министер, ве уверувам дека министерството ќе продолжи да го движи овој процес напред – во партнерство со експерти, институции за да се обезбеди долгорочна одржливост, конкурентност и кредибилитет на шумарскиот сектор. Процесот на реформи продолжува“, заклучи тој.
Министерот изрази благодарност до Делегацијата на ЕУ, тимовите во Министерството, секторот Шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“ и сите вклучени институции за нивната улога во овој реформски процес.

