Свет
Бахреин и Израел дискутираа за партнерство во одбраната
Бахреин во понеделникот објави дека размислува за воспоставување одбранбено партнерство со Израел по контроверзниот договор за нормализација на односите меѓу двете земји, пренесува официјалната Бахреинска новинска агенција (БНА).
Според БНА, во телефонски повик министерот за одбрана на Бахреин, Абдулах ал-Нуаими, и неговиот израелски колега, Бени Ганц, разговарале за заедничките очекувања за воспоставување блиско партнерство меѓу двете министерства за одбрана.
Според новинската агенција, партнерството би придонело за подобрување на можностите на двете земји и за одржување на регионалната безбедност.
Според пишувањата на „Анадолија“, бахреинскиот министер за внатрешни работи, Рашид бин Абдула ал-Калифа, истакнал дека нормализацијата на односите со Израел ќе ги заштити интересите на неговата земја.
„Договорот за воспоставување дипломатски односи со Израел е во рамките на заштитата на повисоките интереси на Кралството Бахреин, што значи заштита на ентитетот на државата“, вели Ал-Калифа во изјавата објавена на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.
„Компатибилноста на нашите чекори со братските (Обединети Арапски) Емирати не е изненадна, туку ја потврдува длабочината на тесните историски врски меѓу двете братски земји“, рече тој.
„Кралството Бахреин од почетокот на палестинско-израелскиот конфликт беше во одбрана на палестинската кауза и овој став е недвосмислен, оваа декларација (нормализирањето) не е во спротивност со ставот на Бахреин во врска со Арапската мировна иницијатива и одлуките за меѓународен легитимитет“.
Објавувањето на договорот за нормализација на односите на Бахреин со Израел во петокот доаѓа речиси еден месец откако ОАЕ објавија сличен договор на 13 август. Бахреин стана четвртата арапска земја што воспостави дипломатски односи со Израел по Египет во 1979 година, Јордан во 1994 година и ОАЕ во август оваа година.
Договорите за нормализација на односите со Израел повлекоа голема осуда од Палестинците, кои нагласија дека ваквите договори не одат во корист на палестинската кауза и ги игнорираат нивните права.
Палестинските власти соопштија дека секој договор склучен со Израел треба да се заснова на Арапската мировна иницијатива од 2002 година врз принципот земја за мир, а не мир за мир, како што сака Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
РЕ-Дигитал
Русија целосно ќе го блокира Телеграм
Русија се подготвува целосно да ја блокира популарната апликација за пораки Телеграм од 1 април, објави рускиот Телеграм канал База. Руското тело за цензура Роскомнадзор ниту ја потврди ниту ја негираше оваа информација, пишува Украинска правда.
Повикувајќи се на своите извори, База наведува дека Роскомнадзор ќе иницира целосно блокирање на апликацијата, слично на она што го направи со Инстаграм и Фејсбук. Овие социјални мрежи во сопственост на Мета се означени како екстремистички и забранети во Русија. Според истите извори, Телеграм треба да престане да работи на целата територија на Русија, и преку мобилен интернет и преку Wi-Fi мрежи.
Кога беше прашан за најавената блокада, Роскомнадзор кратко рече: „Агенцијата нема што да додаде на претходно објавените информации за ова прашање“.
фото/Depositphotos
Свет
Орбан: Унгарија им помага на САД подобро да го разберат конфликтот во Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека земјата им помага на Соединетите Американски Држави подобро да ја разберат ситуацијата во Централна Европа и конфликтот во Украина со цел да се олесни мирното решение.
Коментирајќи ја посетата на американскиот државен секретар Марко Рубио на Будимпешта, Орбан оцени дека посетата им била од помош на САД.
„Америка е далеку, Централна Европа е комплицирана, тешка за разбирање, а перспективата на војната е сосема поинаква од онаа од тука. Се обидувам да им помогнам на нив, на Американците, обидувајќи се да им дадам поинаква перспектива, поблиска, поширока, поисториска, подлабока, за да можат да донесуваат добри одлуки во мировниот процес“, изјави Орбан во видео порака на Фејсбук.
Државниот секретар на САД во понеделникот за време на посетата на Будимпешта изјави дека односите меѓу Соединетите Американски Држави и Унгарија се во „златна фаза“ и дека се засноваат на солидна соработка, која не е само реторичка, туку и конкретна во областите на економијата и енергетиката.
Тој потсети на блиските врски меѓу Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп и рече дека Трамп е посветен на Унгарија и нејзиниот успех, пренесува Танјуг.
Рубио го повтори ставот на САД дека една од клучните цели е што побрзо да се заврши војната во Украина, додавајќи дека САД ја презеле иницијативата во водењето преговори меѓу Русија и Украина, додека другите меѓународни институции не успеале да постигнат напредок во таа насока.
Свет
Прво затемнување на Сонцето оваа година
Првото затемнување на сонцето оваа година ќе биде видливо денес во некои делови од светот. Затемнувањето ќе биде видливо само за околу два проценти од светската популација, главно на Антарктикот, делови од Африка и Јужна Америка, според астрономите, објавува CNN.
Таканареченото „прстенесто“ затемнување на сонцето се случува кога Месечината поминува помеѓу Земјата и Сонцето, но е премногу далеку во својата орбита за целосно да го затемни Сонцето, што создава карактеристичен „огнен прстен“ околу темната силуета на Месечината.
Изворите наведуваат дека до 96 проценти од Сонцето ќе биде покриено од Месечината за време на целосното затемнување.
Овој феномен ќе биде најдобро видлив на станицата Конкордија на Антарктикот и ќе трае околу два часа.
Поради тесната патека на затемнувањето, набљудувачите ќе мора да користат технологија или преноси во живо за да го видат овој редок феномен, додека делумното затемнување ќе биде видливо во Јужна Африка, Аргентина, Чиле, Мадагаскар, Маврициус и други делови од јужна Африка, објавува Танјуг.
Се предвидува дека околу 176 милиони луѓе ќе го видат затемнувањето.
НАСА предупредува на важноста од безбедно гледање на затемнувањето, со задолжителна употреба на сертифицирани очила за затемнување, бидејќи гледањето директно во Сонцето без заштита може сериозно да ги оштети очите.
За време на целосно затемнување на Сонцето, во точката на максимална целосност – кога Месечината целосно го покрива Сонцето, очилата за затемнување можат привремено да се отстранат, истакнуваат експертите. По прстенестото затемнување на Сонцето ќе следи затемнување на Месечината, кое ќе се случи на 2 или 3 март.
Затемнувањето на Месечината и затемнувањето на Сонцето често се случуваат во рок од неколку недели еден од друг, а ова е поврзано со механиката на системот Сонце-Земја-Месечина што го предизвикува затемнувањето. Затемнувањето на Месечината ќе биде видливо од Северна и Јужна Америка, делови од Азија, Австралија и Нов Зеланд.

