Македонија
Министерката Шахпаска со швајцарската амбасадорка: Швајцарија е силен поддржувач на социјалните политики во земјава

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, се сретна со амбасадорката на Швајцарија во земјава, Н.Е. Сибил Зутер Техада, на која се разговараше за тековните и идни проекти финансирани од швајцарски фондови и приоритетите на Министерството во областа на трудот и социјалните политики за идниот период.
Министерката Шахпаска изрази благодарност за проектите финансирани од швајцарската Влада, а се од областа на социјалната заштита, родовата еднаквост, транспарентноста во работата на општините, сите од големо значење за нас како држава.
На средбата беше потенцирано значењето на проектите кои се наменети за младите лица, како што се дуалното образование со цел стекнување пракса за време на учењето, доквалификацијата и преквалификацијата кои се особено значајни за зголемување на нивната популарност кај работодавачите и пазарот на трудот.
„За мене како министер и за Владата е најважно да ја зголемиме вработливоста кај младите и да создадеме услови младите луѓе тука, во државата да обебзедат своја професионална реализација. Работиме на нова законска регулатива, која ќе ги дефинира работните односи според интересите на работниците, но и потребите на работодавачите. Вклучување на лицата со попреченост во општествениот живот, но и Ромите како ранлива категорија на граѓани во државава, како активни учесници на пазарот на трудот, се дел од социјалната политика на која посветено работиме како Влада и Министерство“, нагласи министерката Шахпаска.
Таа посочи дека во моментот се работи на повеќе закони кои ќе ги унапредат и регулираат односите, покрај во областа на трудот и социјалната политика, а од особена важност е што предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација е веќе во собраниска процедура, затоа што, како што рече министерката Шахпаска како држава не смееме да дозволиме да функционираме без функционална и ефикасна Комисија за заштита од дискриминација.
Амбасадорката на Швајцарија во земјава , Н.Е. Сибил Зутер Техада, изрази задоволство за веќе реализираните проекти финансирани и потпомогнати од швајцарската Влада и изрази подготвеност на соработка и понатаму во областите каде ќе се појави потреба. Покрај повеќето проекти за кои постои заедничка соработка, таа го издвои проектот „Образование за вработување“, кој, како што нагласи, мора да овозможи прилагодување на обуката и подготовката на кадарот, според потребите во приватниот сектор.
Двете соговорнички заклучија дека двете земји имаат добри пријателски односи, одлична соработка и поддршка која и во иднина ќе продолжи со уште поголем интензитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со двојно поголем буџет, Мицкоски сака македонските универзитети да влезат во првите 1.000 на Шангајската листа

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека буџетот за науката е двојно зголемен во споредба со минатата година, достигнувајќи околу 650–660 милиони денари.
Тој додаде дека Владата обезбедила бесплатен пристап до двете најголеми научни бази за сите истражувачи, студенти и универзитети во земјава.
„Нашата цел е да ја стимулираме науката. Очекувам младите научници да ги користат овие бази, да ги следат светските трендови и да публикуваат свои трудови“, рече Мицкоски.
Според него, со оваа поддршка, универзитетите во Македонија би можеле да се приближат кон влез во првите 1.000 на Шангајската листа во текот на овој владин мандат.
Македонија
Мицкоски со остра осуда за скандирањата на ксенофобични пораки и национализам на натпреварот Македонија-Романија во Куманово

Премиерот, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање остро го осуди скандирањето на натпреварот Македонија-Романија во Куманово од страна на неколкумина присутни во салата, и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот а тоа беше кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го подржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
„Уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните во салата“, порача премиерот Мицкоски.
Македонија
Нови цени на горивата од ноќеска на полноќ

Од ноќеска на полноќ ќе има нови цени на бензините и дизелот, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,533 ден/кг и сега ќе изнесува 39,945 ден/кг.
Од 5.8.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 39,945 (денари/килограм)