Економија
Уште десет дена можност да се аплицира за развој на социјални и зелени бизниси
Здружението за социјални иновации АРНО апелира до сите млади што имаат желба да ги развијат своите бизнис-идеи со кои се нуди решение за некаков општествен или еколошки предизвик да аплицираат за програмата RISE, која е во тек. Повикот е наменет за млади на возраст од 18 до 35 години и е отворен до 27 септември.
Проектот RISE се спроведува во регионот на Западен Балкан со цел да им понуди на младите луѓе програма преку која тие ќе ги развијат своите идеи почнувајќи од нула. Програмата, освен менторска и експертска поддршка, нуди и мотивација, инспиративни приказни, дружење и регионални вмрежувања. На крајот од првата фаза две избрани тима од секоја земја ќе добијат финансиска и експертска поддршка за понатамошен развој на зелениот/социјалниот бизнис.
Проектот RISE е развиен и мониториран од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), „Група СОС пулс“, Мрежата за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), Францускиот институт и Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).
„Нашата земја има прекрасни примери на млади луѓе кои не се само претприемачи ориентирани кон профит, туку се млади што преку своите бизниси прават добро за земјата и заедниците. Го имаме примерот на екомагионичарот Кристиан Шопов, кој преку своето екосоцијално претпријатие едуцира куп млади дека пластиката не може магично да исчезне, го имаме примерот на тимот на Challenger, кој завчера за 24 часа успеа да дојде до 500 корисници, кои ја користат нивната мобилна апликација и се мотивираат да пешачат и возат велосипед. Имаме креативни млади, ги каниме да аплицираат и да се впуштат во патешествието RISE Journey. Веруваме дека нема да биде лесно, ама ветуваме дека ќе биде забавно“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

