Свет
Минск ја осуди резолуцијата на ЕП како пример за политичка ароганција

Резолуцијата на Европскиот парламент за Белорусија покажува системска криза на европските институции и стана пример за политичка ароганција, рече Андреј Савиних, претседател на белоруската Парламентарна комисија за надворешни работи, пренесува ТАСС.
„Резолуцијата на Европскиот парламент е одличен пример за осудувачки и пристрасен пристап и за политичка ароганција“, рече тој.
Според Савиних, Белорусија со жалење забележува дека практиката на одмерени и внимателни активности насочени кон зајакнување на довербата и меѓусебното разбирање во Европа му прави место на банално политиканство.
„Ние го сметаме овој тренд за очигледна манифестација на системската криза што ги опфаќа сите европски институции“, рече тој.
На 17 септември Европскиот парламент усвои резолуција со која одби да го признае Александар Лукашенко за претседател на Белорусија и побара остри санкции – вклучително и финансиски – против официјален Минск како и против луѓето наводно вмешани во местење на претседателските избори, насилството и репресиите.
Покрај тоа, Европскиот парламент препорача да се размисли за воведување санкции за руските граѓани вклучени во поддршката на Лукашенко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Аналитичар: Зеленски мора да оди на преговори дури и ако Путин не дојде

Володомир Зеленски ќе мора да отпатува во Истанбул на мировни преговори, дури и ако Владимир Путин не се појави, според Џо Барнс, аналитичар на „Бритиш Телеграф“.
Според неговата анализа, украинскиот претседател и неговите европски сојузници инвестирале политички капитал во идејата да ги убедат Американците дека Русија не е сериозна во врска со прекинувањето на инвазијата. Барнс тврди дека ако Зеленски не се појави на разговорите сега, тоа би можело да ја оштети позицијата на Украина пред американското раководство.
„Украинците веруваат дека мора да му покажат на Трамп дека тие се единствените што се вистински посветени на мирот. Ако Зеленски се појави, а Путин не, тоа ќе биде клучно во очите на Трамп“, пишува Барнс.
Аналитичарот потсетува дека минатиот викенд во Киев беше голема дипломатска победа за Украина, кога европските лидери, вклучувајќи го новиот германски канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот и полскиот премиер Кир Стармер и Доналд Туск, се согласија со американскиот предлог за 30 дневно безусловно примирје како предуслов за мировни преговори.
Путин, смета Барнс, се обидел да го поткопа овој консензус со неочекуван предлог за мировен состанок во Турција, што го искористи американскиот претседател Доналд Трамп, барајќи Зеленски да се појави таму. Според аналитичарот, многу е веројатно дека Кремљ ќе го испрати министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во Истанбул за да создаде илузија дека Москва е исто така сериозна во врска со својата желба за мир.
„Но, всушност, овој гест е насочен кон Трамп – да создаде впечаток дека Киев всушност е пречка за примирје“, пишува Барнс. Во овој контекст, заклучува аналитичарот, физичкото присуство на Зеленски во Турција станува клучно, без оглед на тоа дали Путин ќе дојде или не.
Свет
Орбан: Никој не се осмелува да признае, но ја загубивме војната во Украина

Зapaдната стратегија насочена кон уништување на Русија не успеа, санкциите не ја постигнаа својата цел, а Русија ја спречи Украина да се приклучи на НАТО, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Никој не се осмелува да го признае тоа, но ја загубивме оваа војна“, рече тој, додавајќи дека руската економија не се распадна, пренесува МТИ. На состанокот на претседателите на националните парламенти на земјите-членки на Европската Унија и претседателот на Европскиот парламент, Орбан предупреди дека и покрај ова, Европа сè уште ја продолжува војната и се однесува како да победата е можна.
Орбан верува дека светот е во состојба на трансформација споредлива со раѓањето на националните држави и Вестфалскиот мир. „Менталитетот на западниот свет се менува и Европејците мора да одговорат на овој процес“, нагласи Орбан, оценувајќи дека Европа е неподготвена.
„Како да сакавме да ги решиме проблемите од следната деценија со одговорите од претходната деценија, но старите вистини повеќе не функционираат. Светот се промени, а ние, Европејците, не успеавме да го следиме примерот“, заклучи тој.
Во Будимпешта денес започна Конференцијата на претседатели на парламентите на земјите-членки на Европската Унија насловена како „Европска иднина“. Конференцијата ја отворија унгарскиот премиер Виктор Орбан и претседателот на унгарскиот парламент Ласло Ковер, кои зборуваа за предизвиците со кои се соочува Европа.
Потсетувајќи дека оваа конференција е највисок форум за соработка меѓу националните парламенти и дека нејзина задача е да постави стратешки цели за соработка, Орбан рече дека унгарскиот парламент отсекогаш бил место на соработка и сцена на политички битки, како и на стратешки дискусии.
Тој ги покани учесниците на дијалог за две стратешки прашања кои, како што рече, ќе ја одлучат судбината на Европа и нејзините земји-членки во наредните децении и ќе ја одредат улогата на националните парламенти, наведувајќи дека првото прашање е заштитата на националниот суверенитет, а второто прашање е приемот на Украина во ЕУ.
Според Орбан, денес во светот се случува трансформација. „Нови ветрови дуваат во Соединетите Американски Држави. Програмата на прогресивен либерализам не успеа и беше заменета со патриотска политика. Оваа промена не е само внатрешен американски политички развој, туку има и сериозни меѓународни последици“, истакна Орбан, додавајќи дека ова претставува почеток на нова ера.
Тој истакна дека Кина напредува со брзо темпо и сега се натпреварува не само во индустрискиот капацитет, туку и во нивото на својата технологија.
Свет
Пожар во семејната куќа на британскиот премиер

Во раните утрински часови денеска, избувнал пожар во приватната куќа на британскиот премиер Кир Стармер во Северен Лондон.
Британската полиција истражува пожар во приватната куќа на премиерот Кир Стармер во северен Лондон, објави „Тајмс“, додавајќи дека никој не е повреден во инцидентот, кој бил расчистен преку ноќ и ја оштетил вратата.
Пожарникарите велат дека полицијата била алармирана од Лондонската противпожарна бригада во 1:35 часот наутро „на станбена адреса на Каунтес Роуд, NW5“.
Се верува дека адресата е семејниот дом на Кир Стармер, каде што живеел со сопругата и децата пред да се пресели на Даунинг стрит број 10 по неговата изборна победа.
„Полицијата излезе на местото на настанот. Предизвикана е штета на влезот во куќата, нема повредени. Пожарот се истражува, а кордоните остануваат на место додека трае истрагата“, соопшти полицијата.
Полицијата започна итна истрага за да се утврди причината за пожарот. Улицата „Каунтес Роуд“, каде што се наоѓа имотот, останува затворена додека трае истрагата. Жителите и сведоците беа советувани да достават какви било информации што би можеле да помогнат во истрагата.
Имотот е куќа со четири спални соби што Стармер ја купил во 2004 година и која моментално ја издава под кирија. Вредноста на куќата се проценува на околу 2 милиони фунти, пишува „Тајмс“.
Истрагата за пожарот е во тек, а властите сè уште не објавија дали инцидентот се третира како случај на подметнување пожар или несреќа.