Македонија
Заев – Чакај: Северна Македонија и Албанија немаат отворени прашања

Премиерот Зоран Заев се сретна со Гент Чакај, министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, придружуван од албанскиот амбасадор во земјата, Фатос Река.
„На средбата заеднички е констатирано дека двете држави немаат отворени прашања и дека тоа отвора пат да се употреби целиот потенцијал од областите значајни за граѓаните, како што се инфраструктурата, енергетиката, економијата, со цел подобрување на квалитетот на живеење во двете држави. Во таа насока е разговарано и за можноста за одржување меѓувладина седница“, соопштија од Владата.
„Наша цел е европеизација на државата и економски развој. Формиравме стабилна Влада и сме насочени кон зајакнување на капацитетите на системот, особено преку образованието и владеењето на правото. Имаме големи успеси зад нас, тоа се договорите со Бугарија и со Грција, градиме во државата едно општество за сите, еднакво за сите граѓани и сето ова овозможи во овој мандат да се посветиме на напредок дома, во сите области од полза на секојдневниот живот на граѓаните“, рекол Заев.
На состанокот било констатирано дека на регионот му се потребни стабилност и засилен економски развој и дека е во заеднички интерес решавање на сите билатерални прашања преку дијалог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хуманитарен музички настан на Споменикот на слободата во Кочани

На први и втори август ќе се одржи хуманитарен музички настан Расплет фестивал, на Споменикот на слободата во Кочани, организиран од млади луѓе меѓу кои и бендот Корка од Кочани.
Главна цел на настанот е да се подигне свеста дека донациите не треба да се намалат и дека се потребни исто како уште првите денови на формирањето на Support Kocani.
„Донациите стивнуваат. Ние сме овде да ве потсетеме дека донациите не смеат да запрат, бидејќи им се најпотребни на повредените кои чекаат за нив, од кои некои директно се вклучени во фестивалот за нивна повторна социјализација. Причината за дводневното времетраење е за да може да се привлече поголемо внимание кон Кочани и сите засегнати од трагедијата и да се собере што можно поголем број на донации. Вториот дел од настанот (сабота 02/08/2025) ќе започне покасно, да се остави простор на мировниот марш, кои ние со сè срце го подржуваме, учествуваме и повикуваме луѓе да земаат учество и надвор од Кочани“, велат организаторите.
Тие наведуваат дека целиот настан е посветен нa Сара Јорданова, нивна драга пријателка и соученичка која го загуби својот живот во пожарот, но и кон сите други засегнати.
На сцената ќе настапат артисти како Хајка, Taxi Consillium, Корка, Алембик, Јаблан, Don Playa, Луфтанза, Соба Глувих, Големата Вода, Mallard и DJ Gianni.
Македонија
Во Тетово ќе се гради Меморијален парк за жртвите од пожарот во модуларната болница

Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со вицепремиерот за политики и добро владеење, Арбен Фетаи, повеќе пратеници и со семејствата на настраданите во пожарот во модуларната болница, денес положија цвеќе на местото каде ќе биде изграден меморијалниот парк за жртвите од пожарот во модуларната болница.
„Денес не почнуваме само со изградба на парк. Започнуваме изградба на колективна меморија. Задоцнета, но неопходна. Пред четири години на ова место се случи трагедија, која не смее да се заборави, но институциите четири години молчеа. Не презедоа ништо, избраа да не гледаат, а тоа молчење беше неправда за тие што ги изгубија животите и за сите тие што секојдневно ја бараат правдата. Овој проект не е за сликање. Овој парк не е украс. Тој е задоцнет одговор што системот требаше да го даде одамна, но денес конечно започнуваме и тоа почнуваме поинаку“, истакна во своето обраќање министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој појасни дека овој проект е почнат само неколку недели по преземањето на функцијата министер за здравство во насока на одговорност и потенцира дека меморијалниот парк нема да има прави патеки, бидејќи ни животот не бил правичен за овие луѓе.
„Архитектурата ја следи филозофијата на прекината рамка, свиени патеки, дрвја што создава сенка за размислување и рефлексија, симболичен центар за да се памети и да се вети дека ова нема да се повтори повеќе. Немаме луксуз да заборавиме и немаме веќе право да доцниме. Овој парк е повеќе од простор. Тој е културен пресврт, јасна одлука против молчењето покана за размислување и ветување дека институциите мора да бидат блиску до граѓаните. Не само по трагедиите, туку и пред нив. Ние се сеќаваме дејствуваме и градини систем што не заборава“, истакна Алиу.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Министерството за спорт не ја најмило фирмата, туку МОК

Харикири пресовите на СДС се одраз на нивната безидејност и насоченоста да си го штитат криминалот и одвлекуваат внимание, Министерството за спорт не ја најмило фирмата туку МОК, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„Жалиме што СДС пушта низ вода кадри кои излегуваат на пресови како политички камикази.
Очигледно Спасов, кој го води пи-арот на СДС, потребно е да добие отказ после ваквите катастрофални утки.
Споменатата агенција, ,,Идеа лаб“, не е ангажирана од Министерството за спорт туку од Македонскиот олимписки комитет, кој нема допирна точка со Владата. Од друга страна ,,Идеа лаб“, како агенција имала соработка со институции и под контрола на владите на СДС, како што е ,,Преспа форум“, и во периоди кога Владата ја воделе други партии.
За разлика од агенцијата ,,Рејтинг“ на Никола Спасов, која го води пи-арот на СДС, и исклучиво работи кога СДС е на власт, со владините институции.
Ваквите харикири пресови на СДС се одраз на тоталната безидејност и нивната насочесност да си го штитат криминалот и одвлекуваат вниманието“, се вели во реакцијата.