Свет
Британка повикала полиција поради помен во градина на паб
Британците веќе почнаа да се кодошат едни со други за прекршувања на правилото на шестмина од мерките за социјално дистанцирање поради Ковид-19, а една жена ги пријавила дури и луѓето собрани на помен во градина на паб, пренесува „Мирор“.
Министрите неделава ја повикаа јавноста да ги пријавува своите соседи ако се сомневаат дека се собираат во групи поголеми од шестмина. Секретарот за внатрешни работи, Прити Пател, дури рече и дека две семејства што се сретнале на улица и застанале за разговор постапуваат спротивно на законот.
Една Британка сметала дека е нејзина граѓанска должност да пријави ужалена група од 30-ина луѓе на помен во градината на еден паб во Вигстон, Лестершир. Полициските службеници во средата ненајавено ја посетиле „Старата круна“ откако двапати ѝ се јавиле на сопственичката Сју Хамфрис во пабот за да проверат дали луѓето од групата држат социјална дистанца.
Полицијата побарала дел од групата да биде преместена од задниот дел кон предниот дел на пабот, но сепак рекле дека не се прекршени правила.
„Бев загрижена поради она што го видов. Се чинеше дека има голема група луѓе што пијат надвор од пабот и изгледаа прилично блиску еден до друг. Почувствував дека мора да ја известам полицијата во случај да се кршат правилата. Чувствував дека е моја граѓанска должност да го пријавам ова и повторно ќе го сторам тоа“, изјави сосетката кодош.
Таа исто така призна дека направила видеоснимки од ужалените.
Во средата премиерот Борис Џонсон се обиде да го повлече тврдиот став за пријавување на соседите, но се чини дека некои веќе ја добиле оригиналната порака. Премиерот рече:
„Јас никогаш не сум бил многу за кодошката култура. Она што луѓето треба да го сторат ако се загрижени е да го споделат тоа со своите пријатели и соседи“.
Тој, сепак, им даде поддршка на луѓето што се јавуваат во полиција велејќи: „ако мислат дека постои сериозна закана за јавното здравје како резултат на активностите на нивниот сосед, тогаш е разумно да ги информираат властите“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.
Свет
Захарова: ЕУ треба да седне под маса за време на преговорите за Украина
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес изјави дека претставниците на ЕУ во моментов немаат право да учествуваат во преговорите за решавање на украинската криза и дека затоа мора да останат „под маса“.
„Никој не ве чека вас (Европејците) таму, ниту ве поканиле таму. Не знаете како да се однесувате. Затоа веќе сте биле таму. Излажавте и измамивте, и сте фатени на дело. Затоа седите таму, под маса, и молчите“, изјави портпаролката на руското Министерство, пренесува ТАСС.
Таа, исто така, оцени дека украинската блокада на транзитот преку нафтоводот „Дружба“ ја загрозува енергетската безбедност на Унгарија, Словачка и цела Европа и дека „неактивноста на Брисел е изненадувачка“.
„Оваа акција на киевскиот режим со право предизвика негодување кај унгарските и словачките власти, кои ги сметаат деталните акции на киевскиот режим за директно кршење на нивниот суверенитет. Во овој контекст, недостасуваше соодветен одговор од европските институции, кои наводно ги штитат интересите на своите земји-членки, и отсуство на каква било реакција на украинските напади врз нафтоводот „Дружба“, рече Захарова, пренесува Танјуг.
Коментирајќи ја посетата на европските претставници на Киев по повод годишнината од почетокот на конфликтот на 24 февруари, Захарова рече дека посетата не донела ништо друго освен „празни фотографии и излитени слогани“ и дека украинскиот лидер Володимир Зеленски „не слушнал јасен одговор за временската рамка за пристапување на Украина во ЕУ“.
„Уште една русофобична десантна група направи политичко поклонение во украинската престолнина на 24 февруари. Нивното пристигнување беше наменето како демонстрација на непоколеблива посветеност на праведната борба на Украина, како што сите ја нарекуваат“, изјави Захарова.

