Регион
Стотици луѓе на Парадата на гордоста во Загреб, бараат промена на Уставот
Стотици луѓе се собраа на плоштадот Свети Марко во Загреб, каде се одржува 19. Парада на гордоста. Учесниците на Парадата бaраат да се покрене процесот на промена на Уставот, така што сите семејства да бидат еднакви во сите права и обврски, како и истополовите семејства да бидат вклучени во дефиницијата за брак.
Меѓу учесниците има неколку политичари, вклучително и вицепремиерот од редовите на Независна демократска српска партија (СДСС), Борис Милошевиќ, пратеникот Домагој Хајдуковиќ, Катарина Пеовиќ од Работничкиот фронт и Сандра Бенчиќ од платформата Можеме, пренесува хрватски „Индекс“.
#zagrebpride #zagrebpride2020 pic.twitter.com/hLzNvp2ImK
— hajvan.?? (@mbajkusa) September 19, 2020
Поворката, за прв пат, започна од плоштадот пред највисоките владини институции, седиштето на Владата, Собранието и Уставниот суд.Учесниците носат транспаренти, барајќи уставно загарантирана еднаквост на сите семејства.
„Љубовта не познава пол“, „Без поделба на розово и сино“, „Различни луѓе имаат еднакви права“, „Уставното ограничување од 2013 година е неприродно“- се дел од натписите што ги носат учесниците, заедно со традиционалните знамиња со бои на виножито.
Овогодинешниот слоган на Парадата на гордоста е „Слобода внатре и надвор од четирите sида“, а собирот, како што е најавено, ќе го обезбеди полицијата.
Организаторите рекоа дека поворката ќе се одржи со целосно почитување на епидемиолошките мерки и постојано ги предупредуваа насобраните да се држат на дистанца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Хорор во Лесковац: се скарал со соседката, па ја удрил со лопата по главата и стомакот, лекарите се борат за нејзиниот живот
Денеска, во селото Губеревац во близина на Лесковац во Србија се случи обид за убиство. По расправија, 69-годишниот Ц.Ј. ја нападнал својата 61-годишна соседка со лопата, нанесувајќи и повреди опасни по живот. Напаѓачот е уапсен, а Вишото јавно обвинителство во Лесковац му одредило притвор поради сомнение за обид за убиство, објавува српски Блиц.
Според првичните информации, вербалниот конфликт меѓу соседите ескалирал во физички напад. Се сомнева дека Ц.Ј. во еден момент зграпчил лопата и ја удрил жената по главата и стомакот со металниот дел. Жената е итно пренесена во Клиничкиот болнички центар во Ниш, каде што лекарите се борат за нејзиниот живот.
„Жената се здобила со повреди во форма на фрактура на темпорална коска и хематом во пределот на абдоменот, поради што е примена на лекување во Клиничкиот болнички центар во Ниш. Истрагата ја спроведе јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Лесковац“, изјавил извор за Блиц.
Регион
„Дали има само еден претседател Вучиќ, интервјуата се чини дека ги даваат сосема различни луѓе“, вели Захарова
Официјалната портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека Москва постојано добивала уверенија од српското раководство дека извозот на муниција е под строга контрола и дека оружје од српско производство нема да биде испорачано во Украина.
„Москва постојано добивала уверенија од раководството на Србија дека извозот на муниција од српско производство е под строг надзор и дека оваа стока нема да биде испорачана во Украина, со цел да се спречи Киев да ја користи против нашите војници“, рече Захарова на редовниот брифинг, коментирајќи ги изјавите на претседателот Александар Вучиќ во интервју за германско списание за подготвеноста на Србија да продава муниција на Европската Унија.
Зборувајќи за изјавите на српскиот претседател, Захарова додаде:
„Знаете, кога ги читам сите тие интервјуа на претседателот на Србија, се прашувам дали навистина постои само еден претседател Вучиќ, бидејќи се добива впечаток дека овие интервјуа ги даваат сосема различни луѓе. Слушаме одредени изјави кога е во Москва, а сосема различни кога зборува од други географски точки. Зборувам само за она што е во јавната сфера. Можеби медиумите погрешно известиле нешто, но во тој случај треба да има објаснување од прес-службата на претседателот“, истакна Захарова, објавија руските државни агенции.
Таа потсети дека руската страна на највисоко ниво постојано слушала гаранции од Белград за почитување на неутралноста и контрола на извозот на оружје:
„Искрено кажано, неколку пати, и на највисоко ниво, добивме изјави од српското раководство дека извозот на српска муниција е строго контролиран и дека оваа стока нема да заврши во Украина, со цел да се спречи нејзина употреба против нашите војници“, нагласи портпаролката на руското МНР.
Таа, исто така, потсети дека „руските војници постојано му приоѓале на помош на братскиот српски народ“.
„Одбивам дури и да ја разгледам не само можноста, туку и самата помисла дека руските војници, кои историски ги дале своите срца – во секоја смисла на зборот, давајќи ги своите животи или изразувајќи љубов и лојалност кон своите српски браќа – би можеле да бидат погодени или убиени од српско оружје, муниција и гранати“, заклучи Захарова, објави РИА Новости.
Претходно, Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) објави дека Белград наводно испратил муниција во Киев, и покрај својата прогласена неутрална позиција. После тоа, Вучиќ изјави дека „сите спорни испораки ќе бидат откажани доколку има сомнежи во врска со документацијата или крајниот корисник“. На 23 јуни, тој објави дека Србија го суспендирала извозот на муниција и дека ќе бидат потребни посебни одлуки за секоја идна пратка во странство, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Шест мигранти загинаа за време на полициска потера во Бугарија, четири лица повредени
Шест мигранти се убиени, а четири лица се повредени за време на полициска потера во близина на градот Бургас на Црното Море, јавува бугарската агенција БТА.
„’Шкода’ со романски регистарски таблички превезувала 10 лица, не застанала кога наишла на полициски контролен пункт и се обидела да побегне синоќа“, изјави началникот на граничната полиција, Антон Златанов, за БТВ.
Шест лица загинале на самото место, а возачот, романски државјанин, и тројца преживеани мигранти добиле медицинска помош, јавува „Ројтерс“. Се верува дека преживеаните се од Авганистан.
Од 2015 година балканските земји станаа главни транзитни рути за бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Авганистан, Азија и Африка, кои бегаат од војни и сиромаштија кон Европската Унија.

