Црна хроника
Спречен шверц на златен накит, монети, кучиња, цигари и ракија
Минатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за шверц на стока, но и царинска измама. Притоа привремено се задржани златен накит, монети, две кучиња, цигари, ракија и друго.
На граничниот премин Богородица, при контрола на германски автомобил, управуван од германски државјанин, пријавен за влез во државата биле откриени 16 парчиња 21-каратен златен накит (нараквици, ѓердан, прстен и обетки) со вкупна маса од 227 грама. Златниот накит е пронајден во украсна кутија скриена во фабричка преграда под возачкото седиште на возилото.
На граничниот премин Табановце автопат при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, на влез во државата биле откриени 293 стари монети. Непријавените монети се пронајдени во патна торба, сместена на задното седиште на возилото.
При контрола на патничко моторно возило со косовски регистарски таблички, пријавено за излез од Република Македонија на граничниот премин Јажинце, царинските инспектори од Одделението за истраги, во багажниот простор на возилото пронајдоа две кучиња од расата „Азијат“, за кои возачот, косовски државјанин, изјавил дека потекнуваат од Украина, а во Република Македонија се донесени од за него непознато лице.
Возачот приложил и пасоши за кучињата, издадени во Украина, за кои царинските инспектори утврдиле дека не се комплетни, односно не ги содржат податоците за идентификација и за утврдување на потеклото на кучињата. За сторениот прекршок на прекршителот му е изречена глоба во износ од 500 евра, а кучињата се одземени и сместени во соодветни услови во Центарот за обука и дресирање на кучиња (Единица за службени кучиња) на МВР во Идризово.
При контрола на македонски автомобил извршена на патниот правец Кавадарци – Велес, мобилните царински тимови откриле 30 пластични туби со 290 литри ракија. Ракијата, за која возачот не поседувал никакви документи за сопственост, потекло и платени акцизни давачки, е пронајдена во багажниот простор, зад предните седишта и кај совозачкото седиште.
Царинските службеници од Службата за надзор на иматели на одобренија при Царинарница Битола открија и една царинска измама, односно обид за избегнување на плаќање увозни давачки во износ од околу 244 илјади денари. Контролата извршена во магацинските простории и во книговодствената евиденција на фирма од Прилеп – имател на одобрение за увоз за облагородување, покажа недостаток од 7.280 готови текстилни производи, што претходно биле евидентирани со една увозна царинска декларација, како стока вратена за поправка./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Пијан возач од Турција направи хаос во Аеродром
Полицијата објави фотографија од сообраќајката што се случила синоќа на улицата Матеја Матевски во Аеродром, кога возач на „БМВ 5“ изгубил контрола и удрил во контејнери и во паркирано возило алфа Ромео. Осомничениот, 22-годишниот М.А.А. од Турција со привремен престој во Скопје, избегал од местото, јави Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата, настанот се случил вчера во 22:50 часот. Полицијата го лоцирала возачот по кратка потера и го привела. При алкотест му биле измерени 0,97 промили алкохол во крвта, а по распитот бил изнесен пред судија за прекршоци.
Осомничениот се товари за 3 прекршоци, недозволена брзина, напуштање на лице место и возење под дејство на алкохол.
Црна хроника
Излизган камион го прекина сообраќајот на патот Струмица-Ново Село
Излизган камион на магистралниот пат Струмица-Ново Село-граничен премин со Бугарија, пред влезот во селото, предизвика прекин на сообраќајот од скоро еден час, од 14:10 до 15:00 часот.
Според информации од СВР Струмица, во сообраќајката нема повредени и загинати, а причинета е само материјална штета.
И од АМСМ информираа дека сообраќајот на магистралниот пат А4 Струмица – Ново Село кој беше во прекин поради случена сообраќајна незгода е нормализиран.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
Црна хроника
Со БМВ удрил во контејнери и автомобил, па побегнал
Вчера во 22:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на сервисна улица од ул.„Матеја Матевски“ во Скопје патничко возило БМВ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.А.А.(22) од Р.Турција, а со привремен престој во Скопје, удрило во контејнери и патничко возило алфа ромео со демиркаписки регистарски ознаки. М.А.А. го напуштил местото на настанот, но по преземени мерки од полициски службеници, тој набрзо бил фатен.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

