Свет
„Твитер“ почна кампања со која ги мотивира корисниците од САД да се регистрираат за гласање

„Твитер“ ќе испраќа пуш-нотификации и известувања до корисниците во САД за да ги поттикне да се пријават за да гласаат на претстојните претседателски избори, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“. Кампањата очигледно е темпирана да се совпадне со Националниот ден на регистрација на гласачи во САД.
Освен чистото вербално поттикнување да се регистрираат за гласање, „Твитер“ исто така ќе му испрати на секој корисник од САД потсетување да ја потврди својата регистрација преку алатката TurboVote на интернет и линк до „Твитер момент“ со повеќе информации за регистрација на гласачи.
Некои дополнителни алатки за оваа кампања, кои весникот ги опиша како „најголемите притисоци од ‘Твитер’ досега“, ќе ги вклучуваат новите хаштагови #NationalVoterRegistrationDay и #VoteReady.
Кампањата на „Твитер“ следи по онаа на „Фејсбук“, кој почна слична иницијатива „излези да гласаш“ во средината на август.
Ваквото мешање во изборниот процес од страна на социјалните медиуми може да ја измени излезноста, стравуваат експертите. Бидејќи примателите на сигнали и известувања се најголемиот дел од корисниците на специфичната платформа, „Фејсбук“ може да ја измени излезноста на постарите и поконзервативните, додека „Инстаграм“, на пример, веројатно ќе ја измени излезноста на помладите и полибералните.
САД треба да одржат претседателски избори на 3 ноември. Актуелниот претседател Доналд Трамп е кандидат на Републиканската партија, а поранешниот потпретседател Џо Бајден е кандидат на демократите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Сибиха: Вонреден состанок на Советот Украина-НАТО, поради руските напади

Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, објави дека денес во Брисел ќе се одржи вонреден состанок на Советот Украина-НАТО поради масовните руски напади.
„Денес, во Брисел ќе се одржи вонреден состанок на Советот НАТО-Украина на барање на Украина и како одговор на неодамнешните масовни воздушни напади од страна на Русија. Очекуваме фокусирана дискусија за заедничките чекори за соодветен одговор на отфрлањето на мировните напори од страна на Русија и ескалацијата на теророт врз Украинците“, напиша Сибиха на платформата Икс.
Тој им се заблагодари на НАТО и на сите сојузници кои продолжуваат силно да ја поддржуваат Украина.
„Москва треба да почувствува посилен притисок бидејќи тоа ја продолжува војната“, нагласи шефот на украинската дипломатија, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
Таткото на Маск: „Зеленски е корумпиран диктатор, Путин е исклучителен државник“

Ерол Маск, таткото на американскиот милијардер Илон Маск, рече дека рускиот лидер Владимир Путин е „исклучителен државник кој успеал да го зачува единството на Русија“, додека го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „корумпиран диктатор“.
Во интервју за шпанскиот весник „Ел Мундо“, Маск постариот изјави дека по посетата на Москва, каде што, како што вели, го поминал целиот ден со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, изразил силна поддршка за рускиот режим.
„Путин успеал да го зачува единството на огромна, комплексна земја. Диктатор не може да го постигне тоа. Лидер со визија го постигнува тоа“, рече тој.
Тој го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „корумпиран диктатор“ и тврдеше дека Украина е одговорна за „геноцидот врз рускојазичното население во Донбас“.
„Зеленски е авторитар кој ја турка земјата во војна додека се преправа дека е демократ. Неговата влада е персонализирана, репресивна и целосно зависна од американските пари“, рече Маск.
Тој исто така додаде дека Илон го советувал да не оди во Москва, како и едно европско кралско семејство, но дека сепак отишол затоа што, како што вели, „сака да ги гледа работите со свои очи“.
„Москва е бисер. Сè е чисто, уредно. Целосно е безбедно. Тоа е совршен град. А руските жени се неверојатни. Сите би можеле да бидат модели“, рече Ерол Маск.
Фото: принтскрин
Свет
Ким Џонг-ун го напушти Пјонгјанг: отпатува со воз за Пекинг

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го напушти Пјонгјанг со специјален воз и се упати кон Пекинг, објави јужнокорејскиот „Ренхап“, повикувајќи се на извори.
Се очекува тој да присуствува на церемониите по повод 80-годишнината од победата во Втората светска војна во кинеската престолнина.
Според најавите, Ким Џонг Ун ќе присуствува на воена парада во чест на „победата во војната на кинескиот народ за отпор против јапонската агресија и Светската антифашистичка војна“.
Севернокорејската новинска агенција KCNA потврди дека лидерот на земјата ќе биде меѓу гостите на овие настани.
Специјалниот воз со кој патува севернокорејскиот претседател ќе пристигне во Пекинг по патување од 20 до 24 часа, а неговото пристигнување е закажано за вторник, 2 септември.
Фото: ЕПА