Култура
В сабота Бела ноќ во Скопје, работното време на локалите нема да биде продолжено
Скопје и скопјани по 16. пат, в сабота, на 26 септември, ќе можат да бидат дел од Бела ноќ – градски културен настан кој стана традиционален.
Една недела порано од вообичаеното, на 10 локации (паркингот пред СРЦ Борис Трајковски, МКЦ, Зеленото пазарче, Ибни Пајко плоштадот, Музејот на современа уметност, Домот на култура „Кочо Рацин“, Архитектонскиот факултет, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и Даут-пашиниот амам), посетителите ќе можат да погледнат перформанси, концерти, изложби и други културно-уметнички активности.
Бела ноќ, во организација на Универзалната сала, со поддршка на Град Скопје, на граѓаните со својот урбан концепт ќе им ја доближи уметноста, додавајќи и нова, културна димензија.
Годинава централниот настан „Скопските евергрини“ ќе се одржи на паркингот пред СРЦ „Борис Трајковски“, каде што најпознатите скопски хитови ќе бидат изведени од најголемите македонски музички ѕвезди, Влатко Стефановски, Тамара Тодевска, Јаков Дренковски, Дарио и други, во придружба на Баги Биг Бендот, под диригентската палка на Љупчо Мирковски.
Влезниците за „Скопските евергрини“ пред СРЦ Борис Трајковски и концертот на платото пред МКЦ, се бесплатни и истите можат да се подигнат на билетарниците на МКЦ и на Универзална сала.
Со почитување на мерките и препораките на Министерството за здравство и Град Скопје за заштита од пандемијата од коронавирусот, настаните од Белата ноќ в сабота ќе почнат од 19:00 часот и ќе траат до 24:00 часот, работното време на локалите нема да биде продолжено по 24:00 часот, нешто што беше вообичаено за оваа манифестација изминатите години, а граѓаните за локациите и програмата дополнително можат да се информираат и на официјалната веб-страница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина пејачката Бади Бекир
Денеска во Скопје почина пејачката на народна музика Небахат Бади Бекир.
Нејзиниот колега музичар Горан Алачки објави дека погребот ќе се одржи утре на градските гробишта „Бутел“.
Небахат Бади Бекир беше македонска пејачка на народна музика. Покрај соло кариерата, Бади понекогаш настапуваше со групата наречена „Четири грации“, каде покрај Бади беа и Благица Павловска, Адријана Алачки и Росана Тодоровска. Нарекувана е македонската Весна Змијанац.
Првите чекори на сцената ги прави во детските денови како член на играорна група изучувајќи го во исто време и македонскиот и турскиот фолклор. Како дебитант на музичката сцена се појавува во 1985 година на фестивал на забавни мелодии. Паралелно пее на турски, албански и македонски јазик. Најплоден период на нејзината кариера е за време на големите југословенски турнеи. По распадот на Југославија и се посветува на македонската фолк песна. Следат настапи на македонските фестивали, соработка со бројни автори и турнеја во австралија во 2002 година. Во 2004 година станува една од Грациите. Во 2006 година прославува 20 години постоење на естрадата.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.

