Македонија
Бочварски: Градиме модерен и безбеден автопат на Коридор 10
Коридорот 10 мора да го издигнеме на ниво на европски коридор, за нас ова е многу важен патен правец, многу значајна транзитна патна врска и затоа мора да воспоставиме квалитетен, модерен и безбеден автопат за да ја одржиме стратешката позиција на земјава во делот на транзитот на овој коридор, изјави министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски.
Министерот Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта денеска извршија увид во рехабилитација со проширување на автопатот А1, делница Петровец – Катланово.
Инвестицијата е во вредност од 7,2 милиони евра, се работи на рехабилитација во вкупна должина од 10 километри во двата правци. Проектот предвидува проширување на автопатот дополнително со уште една лента, а градежните работи се очекува да се завршат за 12 месеци.
„Од денеска со директорот на ЈП за државни патишта тргнуваме на терен со цел да направиме увид на сè што се работи низ државата и да направиме максимален притисок за да ја засилиме градежната оператива на терен. Патиштата се приоритет број еден на оваа Влада, покажавме како се гради и продолжуваме со позасилена акција на терен. Веќе инвестиравме во рехабилитација на поголем дел од овој коридор, остануваат уште неколку делници да се рехабилитаираат. Она што е многу важно е дека во следниот период ќе посветиме големо внимание на безбедноста преку замена на еластичната ограда, соообраќајната сигнализација и воведување на Интелегентен транспортен систем со кој значително ќе го подигнеме нивото на безбедност на ниво на европски стандарди”, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, најави рехабилитација на нови делници од автпатот на Коридор 10.
„Се наоѓаме на најстариот дел од автопатот којшто требало да се рехабилитира уште пред десетина години, но, за жал, не се направило тоа. Го информирав и министерот Бочварски дека на оваа делница Катланово-Петровец ќе се изврши рехабилитација на постоечкиот коловоз и проширување со плус уште една коловозна лента. Во моментов на овој потег има само две коловозни ленти. Проширувањето ќе биде во внатрешниот зелен појас на автопатот со што ќе се избегне дополнителна експропријација. Овој регион ќе биде едно големо градилиште бидејќи во октомври ќе се распишат тендери за рехабилитација на автопатот А4 делница Хиподром–Петровец, Миладиновци–Петровец Миладиновци–Хиподром, како и рехабилитација на регионалниот пат Р1102 делница Катланово–Велес. Оваа рехабилитација е една од 6-те кои се започнати пред десетина дена, а тоа се на патните правци Маврови Анови–Жировница, Кичево–Македонски Брод, Карпалак–Желино, Узем–Тораница и Македонска Каменица–Саса”, изјави директорт на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
Тој потенцираше дека во наредната година предвидено е изградба и рехабилитација на 300 километри патна мрежа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

