Македонија
Димитров му посака добредојде на новиот евроамбасадор

Посакувајќи му добредојде и успешен мандат, вицепремиерот Димитров му честита на амбасадорот Дејвид Гир за преземањето на новата позиција, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, истакнувајќи ја досегашната плодна соработка како со неговите претходници така и со локалниот тим во ЕУ-делегацијата.
„Пристигнувањето на амбасадорот Гир и неговото именување како највисок претставник на европските институции во Северна Македонија се случува во клучен момент за европскиот пат на земјата, на кој повеќе од добредојдени се неговото искуство и експертиза. Уште еден европски пријател во вистински момент за креирање резултати и убави вести за граѓаните – заеднички да ја отвориме најважната страница – почеток на преговорите со Унијата, а со тоа и почеток на воведување на европските стандари дома“, псочи вицепремиерот.
Како што информираат од Владата, на средбата биле разменети мислења за реформскиот напредок, годишниот извештај од Европската комисија, како и нејзиниот пакет за проширување, одржувањето на првата меѓувладина конференција, економскиот и инвестицискиот план, како и ИПА 3-програмирањето.
Воедно, била изразена надеж, но и уверување дека токму за време на мандатот на евроамбасадорот Гир преку координирана и продлабочена соработка изгледите за членството во ЕУ ќе бидат уште поопипливи, а со тоа и стандардите на македонските граѓани преку самиот евроинтегративен процес видливо подобрени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Шукова ниту имаат план ниту знаат како да го подобрат животот на скопјани

Шукова говори за тоа што му недостига на Скопје и тоа би било во ред доколку само пред една година таа не беше токму министер за животна средина и просторно планирање, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Таа како министер имаше можност и простор да направи план за намалување на аерозагадувањето, за зелени површини, за еколошки јавен превоз, но сепак таа одлучи да му слугува на Ковачевски, а во реалноста на Заев.
СДС и Шукова ниту имаат план ниту знаат како да го подобрат животот на скопјани. Тоа е видливо затоа што единствен ‘успех’ на СДС во Скопје за подобрување на животната средина е зелената површина на Шилегов на плоштадот“.
Времето на Шукова, додаваат од партијата на власт, заврши уште пред да почне. На граѓаните, според нив, им е преку глава од лажни ветувања, кои знаат дека нема да се реализираат.
„Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ постепено ќе ги градат темелите на промените во Скопје“, нагласуваат од партијата на Мицкоски.
Македонија
За еден месец, 80 лица се сретнаа со министерот за здравство, Алиу, преку „Отворен кабинет”

Во изминатиот месец 80 граѓани преку алатката „Отворен кабинет“ се сретнаа со министерот за здравство, Азир Алиу.
Барањата, предлозите и сугестиите на граѓаните се предмет на системско постапување во рамките на Министерството за здравство, односно тие се анализираат и проследуваат за натамошно постапување, велат од Министерството.
„До овој момент одговорено и постапено е по 29 отсто од барањата, за некои потребни се системски унапредувања, кои веќе се иницирани, а за преостанатиот дел формирани се комисии за поефикасно постапување“, се наведува во соопштението.
За потсетување, министерот Алиу во текот на утрешниот ден е на терен во Штип во рамките на иницијативата „Мобилен кабинет“, каде што од 12 до 14 часот ќе има средба со граѓани во просториите на Клиничката болница – Штип и сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност директно да ги споделат своите искуства, проблеми или предлози поврзани со здравствениот систем.
За учество на овие средби потребна е претходна пријава преку платформата „Отворен кабинет“, која е достапна преку интернет-страницата на Министерство за здравство: https://zdravstvo.gov.mk/
Македонија
Шукова: Идејата за железница покрај кејот на Вардар е исклучително погрешна

Идејата за железница покрај кејот на Вардар е исклучително погрешна, смета Каја Шукова од СДСМ, која е кандидат за градоначалник на Скопје. Според неа, тоа е последното нешто што му треба на Скопје.
Како што вели Шукова, кејот на Вардар е едно од ретките места што им преостануваат на граѓаните за мир и рекреација од хаосот на секојдневието во градот.
„Да се уништи тој простор со шини и бучава би било културен и еколошки вандализам. Граѓаните на Скопје заслужуваат уреден кеј со велосипедски и трим-патеки, урбана опрема, зеленило и чист воздух. Тоа е визијата што ќе ја бранам, кејот како градска оаза за спортување, пешачење, семејни прошетки и живот. Што му треба на Скопје? Сериозен, ефикасен и еколошки јавен транспорт. Наместо да се фрлаат нереални идеи, кои звучат добро на хартија, а се катастрофа во реалноста, ќе предложиме нов, модерен систем на јавен превоз, кој ќе биде брз, достапен, чист и одржлив. Ќе го дигнеме јавниот превоз од пепелта во која ВМРО-ДПМНЕ го остави да тоне четири години. Моја заложба како кандидатка за градоначалничка е јасна – Скопје ќе биде град за луѓето. Град на велосипедисти, мајки со деца, спортисти, рекреативци, ученици, пензионери“, објави Шукова на „Фејсбук“.