Македонија
Премиерот Заев прими делегација на МПЦ-ОА предводена од архиепископот г.г. Стефан
Претседателот на Владата, Зоран Заев, прими делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, што ја предводеше г.г. Стефан, архиепископ на МПЦ-ОА, придружуван од митрополитите г. Тимотеј и г. Климент.
Делегацијата на МПЦ-ОА на средбата изрази честитки за изборната победа и за новиот мандат на премиерот Заев, со желби за успешна работа во услови на мир на Владата на Северна Македонија и за реализација на програмските определби за кои гласаше мнозинството на народот во земјата.
На средбата претставниците на Синодот на МПЦ-ОА искажаа благодарност за писмото упатено од премиерот до патријархот Вартоломеј и Цариградската патријаршија и ја поздравија оваа инцијатива како важна поддршка од Владата во процесот на обезбедување автокефалност на МПЦ-ОА.
Премиерот Заев на средбата изрази подготвеност да го поттикне ангажирањето на институционалните капацитети за затворање на денационализацијата на имотите што припаѓаат на МПЦ-ОА, како и за конзерваторските проекти за заштита на црковното културно наследство, коишто се и приоритети на Министерството за култура.
На средбата со архиереите на МПЦ-ОА, премиерот Заев уште еднаш упати честитки по повод 1000-годинишнината од Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, како еден од најважните црковни настани оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: Нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“ во која загинаа 63 лица и околу 200 беа повредени продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт покрај тоа што судот им го испратил нив како бранители официјално да им го испрати и на обвинетите, оти како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откако не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска Илиевска побара оштетените да се изјаснат за оштетни побарувања. Но и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со мејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за оштетни побарувања.
Иако судијката Груевска Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостатокот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.
Македонија
Следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија од влажни воздушни бранови од денеска во вечерните часови следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позивитивни.

