Вести
Многу жртви и настрадани алпинисти во земјотресот во Непал, се тресеа и Индија и Бангладеш

Силниот земјотрес со магнитуда од 7,9 степени по Рихтер и кој го погоди во саботата наутро Непал и усмрти најмалку 449 лица, уривал згради во главниот град Катманду, и оставил дебела покривка од прашина по целата престолнина, силно се почувствувал и во соседните Индија и Бангладеш, а на Еверест најмалку триесет алпинисти биле повредени, пренесуваат агенциите повикувајќи се на очевидци.
Најмалку 449 луѓе ги загубиле животите во саботниот земјотрес, пренесува агенција Reuters повикувајќи се на локалната полиција. Претходно агенцијата DPA објави податок од непалското министерство за внатрешни работи за 200 загинати и околу 400 повредени.
Според прецизираните податоци, земјотресот со магнитуда од 7,9 степени бил регистрирани во саботата во 6,11 часот по локално време, 8.11 часот по македонско време. Епицентарот на земјотресот е фиксиран на 82 километри северозападно од Катманду, а хипоцентарот е на длабочина од 15 километри.
Девојченце загинало кога врз него паднала статуа во парк во Катманду, а другата жртва починала во Индија, пренесуваат агенциите, додавајќи оти се стравува дека бројот на жртвите би можел да расте.
„Триесет луѓе се повредени во планините во областа меѓу ледникот Кхумбу и кампот на алпинистите“, пренесува Associated Press повикувајќи се на претставникот на Непалската планинарска асоцијација NMA, Анг Тшеринг. Глечерот Кхумбу се наоѓа на јужната страна на Монт Евререст.
Во главната градска болница во Катманду биле довезени повредени со скршеници на раце и нозе, но засега нема прецизирани податоци колку има повредени, иако неофицијално се оперира со бројките од неколку десетици до стотици луѓе.
Тресењето на земјата било почувствувано и во индиската престолнина Њу Делхи, како и во другите градови на северот од Индија, како и во Бангалдеш кој од епицентарот е оддалечен 745 километри.
„Тресењето траеше околу две минути. Урнати се многу згради и куќи од кои истрчуваа луѓе“, го пренесува DPA сведоштвото на жител на Катманду.
Репортерот на Reuters пренесува дека во потресот е урната важна зграда, историска кула изградена во XIX век. Кулата Дхарата од 1832 година беше знаменитост отворена за туристите последните десет години, со панорама на осмиот кат. Очевидци велат дека се стравува дека под урнатините на кулата има заробено околу педесетина луѓе./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.