Економија
Најбогатиот Британец и заговорник за брегзит се пресели во Монако

Сер Џим Ретклиф, најбогатиот Британец и еден од водечките поборници за брегзит, ја напушти Велика Британија и се пресели во Монако, пренесува „Гардијан“.
Ретклиф, чие богатство се проценува на 17,5 милијарди фунти и официјално како свое живеалиште го регистрирал Монако, град-држава која веќе стана дом на многу богати Британци.
Според „Гардијан“, се проценува дека оваа промена ќе му донесе заштеда од околу четири милијарди фунти, кои Ретклиф нема да мора да ги плаќа како даноци. Оние што живеат во Монако најмалку 183 дена во годината се ослободени од плаќање данок на имот и приход. Од друга страна, весникот потсетува дека во Велика Британија највисоката даночна стапка за приходи повисоки од 150.000 фунти годишно, е дури 45 проценти.
Пред официјално да се пресели во Монако, Ретклиф беше трет на листата на најголеми даночни обврзници во Велика Британија, со платени 110 милиони фунти во текот на 2017 и 2018 година.
Ретклиф е хемиски инженер кој покрај дипломата за хемија има завршено и менаџмент на London Business School.
Во 1998 година го формира „Инеос“ и брзо почнува да се шири во петрохемијата купувајќи поранешни делови на „Бритиш Петролеум“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
РКЕ потпиша меморандум за соработка со Регулаторната агенција за енергетика на Црна Гора: Градењето професионални капацитети е приоритет за нас

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) и Регулаторната агенција за енергетика и водни услуги на Црна Гора (REGAGEN) потпишаа Меморандум за соработка. Методологиите за утврдување на тарифи за електрична енергија и водни услуги, заштита на потрошувачите како и институционалниот развој низ призма на градење на професионални капацитети се дел од интересот на кој се фокусира регулаторната соработка.
„Градењето на професионални капацитети е приоритет за нас регулаторите. Формирањето на цени се чини како едноставен процес, но во суштина бара исклучителна експертиза не само од технички аспект туку и од економски и правен. Цените што ги носиме треба да обезбедат сигурна, стабилна и непречена испорака на енергенси / односно снабдување со вода, но во исто време цената треба да биде прифатлива за потрошувачите, воедно да ги заштити и ранливите категории. За да се реализира успешно овој комплексен процес неопходно е континуирана надоградба и едукација на вработените – и тоа е единствениот правилен пат како се градат професионални регулаторни капацитети“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Регулаторната работилницата е втора по ред која се одржува помеѓу РКЕ и РЕГАГЕН
„Потпишувањето на меморандумот со РКЕ е формализирање на нашата долгогодишна соработка. Пандемијата и енергетската криза ни покажаа дека сите заедно – земјите од регионот се соочуваме со исти предизвици. Синхронизираниот пристап во делувањето се наметна како природен чекор посебно во турбулентно време. Размената на искуства не е само декларативна заложба, има практично влијание во креирање на решенија кои се предуслов за сигурна, стабилна и непречена испорака на електрична енергија и вода“, изјави Бранислав Прелевич, претседател на одборот на РЕГАГЕН.
Претходно, РКЕ потпиша Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад и со Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
Економија
Владата: Обезбедени 550 милиони денари за раст на платите во здравството

Од државниот буџет се обезбедени 550 милиони денари за раст на платите во здравството, соопшти Владата.
За само 6 месеци, велат од таму, здравствените работници, медицински сестри, технички и административен персонал добија второ покачување од 5 проценти, со што платата на докторите е зголемена за 4.815 денари, додека на медицинските сестри за 6.200 денари.
„Дополнително, со Буџетот се издвојуваат околу 4.5 милијарди денари за зголемување на капитациониот бод за матичните доктори од општа медицина и гинекологија од 75 на 100 денари или зголемување од 33 проценти, додека за стоматологија од 61 на 75 денари односно зголемување од 23 проценти. Со ова покажуваме дека никој не е заборавен и изоставен, напротив максимално се трудиме за унапредување и поддршка на здравствениот систем и поттикнување на мотивацијата на матичните лекари“, соопштија од Владата.
Наша цел, додаваат од таму, е до крајот на мандатот, платите во здравството да се покачат за 50 проценти.
Економија
Дурмиши: Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат, инфлацијата во март е намалена

Инфлацијата во март 2025 година, во споредба со февруари, бележи намалување од 1,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на „Фејсбук“.
„Мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати. Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат. На годишно ниво во март 2025 година, во споредба со март 2024, инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесува 2,7 отсто. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените“, напиша министерот Дурмиши.
Владата на предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на профитната бруто-маржа на 102 групи со основни прехранбени производи, како и одлука за утврдување највисоки цени на 8 групи со основни прехранбени производи. Овие две одлуки стапија во сила на 20 февруари и ќе важат до 30 април 2025 година.
Со одлуката за ограничување на профитната бруто-маржа во трговијата на големо и мало на 102 групи на производи или над 1.000 перехранбени и непрехранбени производи се опфатени:
– 5 отсто профитна бруто-маржа на основите 8 прехранбени производи – млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко;
– 10 отсто профитна бруто-маржа на прехранбени производи, кои опфаќаат група од 55 прехранбени производи (месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини);
– 15 отсто профитна бруто-маржа на 39 прехранбени производи и средства за хигена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго.
Замрзнати беа цените на 8 групи со основни прехранбени производи: млеко,леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
Целта на овие мерки, како што велат од Владата, е заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата.