Македонија
Отворен новиот објект „Сонце“ во селото Долна Бањица, ќе бидат згрижени 60 деца
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска присуствуваше на отворање на новиот објект „Сонце“ на детската градинка „Детска радост“ во с.Долна Бањица, општина Гостивар.
„Големо е задоволството да се отвораат нови градинки, затоа што на тој начин овозможуваме сместување на децата од предучилишна возраст во организирани воспитно–сместувачки објекти, а со тоа придонесуваме во нивно градење во здрави психоемотивни личности уште во најраната возраст. На овој начин овозможуваме нивна поголема подготвеност во понатамошниот образовен процес“, истакна Шахпаска.
Таа посочи дека од 2017 година до денес на ниво на држава капацитетите за згрижување деца од предучилишна возраст е зголемен за вкупно 49 објекти, со што вкупната бројка на објекти достигна 312 со капацитет од над 3000 деца сместени во нив.
До крајот на 2024 година согласно програмата на Владата, планирано да се креираат нови 7.500 места за згрижување деца од предучилишна возраст. Новиот објект „Сонце“ има капацитет за згрижување на околу 60 деца, односно три групи деца на возраст од 2 до 6 години.
Објектот „Сонце“ е резултат на заедничката соработка со општина Гостивар, односно општината инвестираше во самата изградба, а опремувањето е извршено со средства од Министерство за труд и социјална политка и тоа во износ од над 2 милиони денари.
Таа се осврна и на состојбата која ни ја донесе пандемијата со коронавирусот, затворањето на градинките и нивното повторно отворање на 9 септември, на што претходеше темелна анализа и Протокол кон кој строго треба да се придржуваат сите вклучени во процесот, односно родителите, децата и вработените во градинките.
„Сите ние треба да бидеме на нивото на нашата општествена одговорност, на нивото на нашата задача, со цел обезбедување максимална заштита на нашите најмили, децата“, порача Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

