Македонија
Отфрлени четири кривични пријави во врска со работењето на ТЕ-ТО
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка, донесе решение со кое се отфрла кривичната пријава поднесена од „Топлификација“ АД Скопје против четири физички лица (претседател на управен одбор, нотар, извршител и адвокат) за злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 и против две правни лица (од Скопје и од Никозија, Кипар) за кривично дело – оштетување или повластување доверители од член 257 од Кривичниот законик.
Со донесеното решение отфрлена е и кривичната пријава поднесена од тројца акционери во „Топлификација“ АД Скопје, како и пријавата поднесена од Управата за финансиска полиција против едно лице – стечаен управник за злоупотреба на постапката за стечај согласно член 256 и злоупотреба на службената положба и овластувањето согласно член 353 од Кривичниот законик. Отфрлена е и кривичната пријава поднесена од Управата за финансиска полиција против претседател на Управен одбор за намерно предизвикување стечај од член 254 и злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, против две физички лица (нотар и судија) за злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 и против едно правно лице од Скопје за намерно предизвикување стечај од член 254 од Кривичниот законик. Поднесените пријави се отфрлени бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност, соопшти Обвинителството.
Претходно, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, постапувајќи по една кривична пријава за која сега се произнесува и Основното јавно обвинителство Скопје, донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција против три лица за перење пари и други приноси од казниви дела според член 273 од Кривичниот законик како кривично дело за кое е надлежно Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Поднесените кривични пријави се однесуваа на евентуални неправилности во работењето на пријавеното лице ТЕ-ТО АД Скопје, каде што сопственичката структура со 89,2 % е странски капитал, а преостанатите 10,8 % се во сопственост на „Топлификација“ АД Скопје.
Во текот на претходната постапка се утврди дека правното лице ТЕ-ТО АД Скопје е основано на 21.12.2004 година со основачки влог 5.000 евра и регистрирана приоритетна дејност – производство на топлинска енергија. Поради обемот и динамиката на работа, за извршување на својата дејност, правното лице цело време се финансира преку заеми од акционерите и обезбедени банкарски кредити.
Поради финансиски тешкотии во извршувањето на дејноста од неговото основање, исполнети биле условите за отворање стечајна постапка поради идна инсолвентност, која стечајна постапка завршила со реорганизација на друштвото како единствен начин ова правно лице да продолжи да работи и да ја извршува дејноста за која е основано.
Овие решителни факти Обвинителството ги утврди пред сè од економскиот вешт наод и мислење од релевантно друштво за ревизија, изготвен по наредба на надлежниот јавен обвинител. Воедно, при утврдување на сите факти јавниот обвинител ги анализира и вештачењата и експертизите приложени од ТЕ-ТО и од „Топлификација“.
Од целокупната анализа на сите приложени и во текот на постапката обезбедени материјални и вербални докази, како и од правната оценка на кривичните дела, произлезе дека со оглед на тоа што акционери во ТЕ-ТО АД Скопје се „Топлификација“ АД Скопје со 27 акции или 10,8 %, „Битар холдинг лимитед“ од Кипар со 73 акции или 29,2 % и „Проџект менаџмент консалтинг“ од Британските Девствени Острови со 150 акции или 60 %. Бидејќи сопственик на „Проџект менаџмент консалтинг“ е „Битар холдинг лимитед“, во поглед на сопственичката структура на ТЕ-ТО АД Скопје и поврзаните лица неоспорно е дека „Битар холдинг лимитед“ од Р. Кипар директно и индиректно со 89,2 % од капиталот е сопственик на ТЕ-ТО АД Скопје. При ваква состојба правата и обврските помеѓу овие правни лица и нивните меѓусебни побарувања претставуваат предмет на други, со закон регулирани постапки, бидејќи помеѓу тие правни лица се воспоставени деловни односи и тие од кривично-правен аспект не претставуваат предмет на кривично-правно постапување. Воедно, постапката за отварање и спроведување стечај е регулирана со посебен закон, кој претставува Lex specialis, а од анализа на доказите и правната регулатива произлезе дека постапувањето по овој закон во конкретниот случај исто така не претставува основ за кривично гонење.
Со оглед на горенаведеното се утврди дека во дејствата на пријавените физички и правни лица не се исполнети битијата на пријавените кривични дела или на друго кривично дело за кое се гони по службена должност. Оштетените имаат право на жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена од приемот на решението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

