Економија
(Видео) Битиќи: Да ги доведеме до минимум бирократските процеси, за полесна работа на компаниите и подобар живот на граѓаните

Дури и во денешното време на дигитализација и брз проток на информации во многу земји од светот сè уште на бирократијата се гледа како на масивен, тром и неефикасен систем, кој бавно се приспособува на потребите на реалниот сектор и на потребите на граѓаните, истакна заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој по покана на организацијата „Македонија 2025“, се обрати на настанот на кој беше претставен Индексот на бирократија, истражување направено во шест европски земји, во заедничка соработка на „Македонија 2025“, CivicaMobilitas, Институтот за економски и социјални студии (INESS ) од Република Словачка и и регионалната канцеларија на фондацијата Friedrich Nauman.
Битиќи рече дека значаен дел од зголемување на ефективноста и ефикасноста во работењето се сведува тоа да ги доведеме до минимум сите бирократски процеси, за компаниите и за граѓаните, на тој начин да ја олесниме нивната работа, кусо кажано – да ги растовариме од непотребните бирократски процедури.
„Во повеќе наврати истакнувам дека Владата ќе биде посветена на создавање платформа за економски развој, која ќе овозможи побрз и одржлив раст и развој на економијата на Северна Македонија на долг рок, што со сигурност ќе донесе нови работни места, подобри плати, нови патишта, железнички пруги, водоводи, пречистителни станици, училишта, градински, болници, кусо кажано: подобар и поквалитетен живот. Со инклузивен процес, во кој ќе бидат вклучени сите чинители во економското живеење, стопанските комори, синдикатите, академската заедница, меѓународните партнери, граѓанските организации, преку процес на консултации и дискусии, ќе работиме на унапредување на законската регулатива, со која ќе се упростат и олеснат бирократските процедури. Веќе е поставен планот за мапирање на сите законски постапки низ кои граѓаните и стопанството ги остваруваат своите права и обврски кон државата, како и законските рокови за постапување од страна на државните органи или институции. Создавањето на овој единствен регистар ќе има повеќекратни придобивки: ќе укаже на предолги или непотребни бирократски чекори и рокови, ќе создаде услови за поголема транспарентност и отчетност на државните службеници што се во служба на граѓаните, ќе се зголемат ефективноста и ефикасноста во постапувањето, голем дел од постапките ќе се дигитализира, а можеби најважно – ова ќе биде моќна алатка за сузбивање на корупцијата“, потенцира вицепремиерот.
Битиќи во името на Владата посочи дека во наредните четири години посветено ќе се работи на намалување на бирократските процедури, унапредување на условите за водење на бизнис и силна борба против корупцијата и сивата економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерството за финансии: Од денеска исплатите од буџетот транспарентно ќе се објвавуваат во посебна база за буџетски трошоци во изборен период

Министерството за финансии согласно одредбите од Изборниот законик од денеска на својата веб-страница ќе ги објавува буџетските исплати во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.
Имено, согласно Изборниот законик Министерството за финансии од денот на донесување на Одлуката за распишување на изборите до нивното завршување има обврска во посебна база да ги објавува податоците за сите буџетски исплати, освен редовните за плати, пензии и комунални трошоци.
Исто така, Министерството за финансии две недели по распишување на изборите има обврска да поднесе и предизборен финансиски извештај во којшто ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот којшто се објавува на веб-страната на Министерството за финансии.
Претседателот на Африм Гаши, на 9 август 2025 година ги распиша локалните избори, коишто ќе се одржат на 19 октомври.
Економија
(Видео) „Срам за Владата, работниците и пензионерите не се виновни за поскапувањата“, вели Битиќи

„Во време кога цените на основните производи и трошоците за живот незапирливо растат, премиерот Христијан Мицкоски ја пласира тезата дека инфлацијата е последица на зголемените плати и пензии. Тоа не е вистина. Тоа е маневар со кој вината за економската состојба се префрла врз работниците и пензионерите, а не врз вистинските причини. Податоците го потврдуваат ова“, вели Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ.
„Ако ги погледнеме последните статистички податоци за споредба на просечната плата и потрошувачката кошница, ќе видиме дека трошоците растат двојно побрзо од растот на палтата. Вредноста на синдикалната потрошувачка кошница порасна од 61.855 денари во март на 63.908,00 денари во мај, односно за три месеци имаме зголемување од 2.053 денари. Во истиот период, просечната нето-плата се зголеми од 44.763 денари на 45.796 денари, односно за три месеци се зголеми за 1.033 денари.
Ако се погледнат и најновите бројки, разликата е уште поочигледна. Во јуни кошницата достигна 64.698 денари, а во јули 65.328 денари, што значи дополнителен раст од 1.420 денари за само два месеци. За истиот период нема податоци за просечната плата, но трендот од претходните месеци јасно покажува дека зголемувањето на платите е далеку побавно од растот на трошоците. Реалната куповна моќ на граѓаните паѓа. Тврдењето дека платите ја туркаат инфлацијата е економски неодржливо.
Премиерот зборува и за пензиите како причина за поскапувањата, но фактите го демантираат. Во март имаше еднократно, линеарно зголемување од 2.500 денари. Но тоа не стана тренд. Во април просечната пензија падна на 26.163 денари, во мај беше 26.157, а во јуни едвај се врати на 26.207 денари. Пензионерите и понатаму живеат на граница на егзистенција. Нивните примања едвај ги покриваат основните трошоци. Обвинувањето дека тие ја предизвикуваат инфлацијата е економски и морално погрешно.
Јазот меѓу приходите и трошоците уште повеќе се потврдува кога ќе се погледнат и другите ценовни индикатори.
Индексот на трошоци на живот во јули е за 4,8% повисок од истиот месец лани, а индексот на цени на мало за 5,3%. Само еден месец претходно, овие стапки беа пониски, односно изнесуваа 4,5% и 3,7%, што значи дека цените забрзуваат, а тоа се случува без раст на примањата.
Трендот на забрзување на цените уште појасно се гледа кај основните земјоделски производи, каде поскапувањата се најизразени и имаат директно влијание врз животниот стандард.
Во јуни, цените на растителното производство се зголемени за 22,2%, а на добиточното за 6,9%. Кај одделни производи, растот е уште подраматичен, компирот е поскап за 56,7%, житата и оризот за 25,5%, зеленчукот за 23,9%, а овошјето и грозјето за 15,4%.
Овие бројки се далеку од ефект на зголемени плати и пензии ,тие се резултат на нестабилни пазари, високи влезни трошоци и спекулативно формирање на цените.
Владата се потпира на импровизација и пропаганда. Наместо системски да го искористи Законот за нефер трговски практики, кој може да намали цени и до 30% преку санкционирање на неправедните профити, таа води политички маркетинг.
Состојбата во индустријата дополнително го потврдува ова, во јуни тоа пораснало само за 0,5%, односно економијата не е „прегреана“ од побарувачка.
Во енергетиката, зависноста од увоз дополнително влијае на цените. Во мај увозот на електрична енергија се зголемил за 25,9%, а извозот за 11,1%. Ова покажува дека енергетските фактори се меѓу причините кои придонесуваат за растот на цените, а не зголемувањето на платите и пензиите.
Минималната плата од март е 24.379 денари, утврдена еднострано, без синдикати и без социјален дијалог. Зголемувањето од 1.800 денари беше донесено како политичка одлука, а не како дел од сеопфатна стратегија за подобрување на животниот стандард. Денес, за да се покрие синдикалната кошница од јули, потребни се речиси 2,7 минимални плати. Двајца вработени со минимална плата во едно семејство и пак ќе немаат доволно за месечните трошоци.
Цените во Македонија не растат затоа што граѓаните заработуваат повеќе. Растат затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи, затоа што зависиме од увоз за основни добра.
Обидот да се префрли вината врз работниците и пензионерите е политички срамен. Македонија заслужува економија што ќе работи за своите граѓани, што ќе обезбедува стабилни цени, фер пазар и заштита на животниот стандард, а не изговори за сопствената неспособност“, изјави Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ.
Економија
Халкбанк со донација на компјутерска опрема за училиштата и за институциите

Халкбанк АД Скопје продолжува да ја демонстрира својата општествена одговорност преку конкретна поддршка за заедницата. Во рамки на своите активности, Банката донираше 27 компјутери и монитори во Основното училиште „Тефејуз“ во Скопје, едно од најстарите училишта во земјата. Основано уште во 1884 година од страна на Османлиската држава, ова училиште веќе над еден век е важен образовен центар на турското малцинство во Македонија, со богата историја и значајна улога во локалната заедница.
Дополнително, Халкбанк донираше и 146 компјутери и монитори во Македонска пошта, со која Банката има воспоставено долгогодишна соработка и веќе пет години платниот промет во Пошта се одвива преку Халкбанк. Ова партнерство им овозможува на граѓаните добивање на банкарска услуга, да не мораат да одат исклучиво во банка, туку истата да ја добијат и во најблиската пошта, што е особено значајно за сите оние кои живеат во населени места во кои нема експозитури на банките.
Освен стандардните банкарски услуги, на шалтерите на Македонска пошта граѓаните можат да отвораат сметка во Халкбанк, да побараат издавање дебитна или кредитна картичка, да аплицираат за различни видови кредити, дозволено пречекорување, електронско банкарство, добивање пензија преку Халкбанк, како и да добиват други банкарски услуги кои се достапни за клиентите на Банката.
Халкбанк наскоро ќе донира уште 23 компјутери и монитори за уште едно училиште, со цел да се подобрат условите за едукација и работа.
Овие донации се дел од многубројните општествено одговорни активности на Халкбанк, кои имаат за цел да ја поддржат заедницата, да овозможат подобри услови за учење и работа, и да придонесат кон дигиталната писменост и развојот на младите.
(ПР)