Македонија
Димитров во работна посета на Берлин
По покана на државниот министер за Европа на Германија, Михаел Рот, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, утре и задутре ќе престојува во работна посета на Берлин.
Ова е прва посета на претставник на Владата по нејзиното формирање, а воедно и прва за време на германското претседавање со Советот на ЕУ. Германија како актуелен претседавач со Унијата го води процесот на усогласување на преговарачката рамка, клучниот документ согласно кој ќе се водат преговорите.
Во рамките на посетата предвидени се средби и со Јан Хекер, главен советник за надворешна и безбедносна политика на канцеларката Меркел, Томас Багер, советник за надворешна политика на претседателот Штајнмаер, Забине Штер, ополномоштеник за ЕУ-политики во германското МНР, и Сузане Шуц, директорка во министерството за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа, Турција и за државите на ЕФТА, како и со други релевантни соговорници во контекст на германската поддршка за нашата европската иднина.
Главниот акцент при разговорите ќе биде ставен на реализација на веќе утврдената заедничка цел на Северна Македонија и Германија – одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава. Покрај размената на мислења за динамиката на усвојување на рамката, вицепремиерот Димитров ќе ги отвори и прашањата за регионалната соработка во контекст на Берлинскиот процес, чиј иницијатор е токму Германија, како и можностите за унапредување на билатералната развојна соработка и трговските односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

