Македонија
Распишан тендерот за изградба на брана на Отиња во Штип
Изготвиме проект, обезбедивме средства и почнуваме постапка за изградба на брана на Отиња во Штип, истакна министерот за трнспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната работна посета на општина Штип.
Тој најави дека денеска Министерството за транспорт и врски го рапиша јавниот повик за изградба на брана на Отиња. Вредноста на инвестиција е 7,5 милиони евра.
„Со гордост сакам да го најавам почетокот на еден исклучително значаен проект за Штип и штипјани, а тоа е изградбата на браната на реката Отиња. Пред неполни 3 години не затеков никаква документација. Готов проект немаше во Општината. Влегов со огромен ентузијазам за реализација на овој капитален проект. Многу луѓе ме одвраќаа од намерата, не веруваа дека е возможно, ме предупредуваа на внимателен пристап затоа што многу децении ова останало само ветување. Но, знаев дека ако работиме посветено, резултатите ќе дојдат. Денеска, Министерството за транспорт и врски ја распиша постапката за избор на фирма за најповолен изведувач за изградбата на брана на Отиња“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски
Со проектот се предвидува изградба на брана во висина од 34 метри во непосредна близина на Штип. Средствата за изградба се обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски, а рокот за изградба е предвиден на 30 календарски месеци.
„Браната, пред сè, ќе биде наменета како технолошка вода за потребите во градот, заштита од поплави, во втора фаза и производство на електрична енергија. Тоа ќе биде место и за рекреација на штипјани, но и други граѓани од државата. Ќе биде можност за иден развој на градот во наредните години и децении“, истакна министерот Бочварски.
За Штип, ова е најзначајниот инфраструктурен проект, истакна заменик-градоначалникот, Јане Миланов. Тој потенцира дека штипјани, конечно, го добиваат ветувањето старо четириесетина години.
„Тешко е да се каже нешто за оваа брана што веќе не е кажано. Но, денес јавноста е сведок дека преминуваме од зборови на дела. Беа потребни тони хартија за да се изработи проект, да се обезбедат и добијат сите потребни дозволи, документи, процени, за конечно да го направиме овој значаен чекор – распишување јавна набавка за избор на најповолен изведувач на овој капитален објект“, изјави Јане Миланов, заменик-градоначалник на општина Штип.
Посетата на општина Штип, министерот Бочварски ја искористи да направи увид и во асфалтирање на инфраструктура во Спортско-рекреативниот центар „Брегалница“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува утре, во судницата во затворот „Идризово“.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави минатата недела Коцевски.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница било кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Според обвинителниот акт, со години се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери.
Македонија
23-годишник од Волково принудувал петгодишно девојче на полови дејствија, поднесено обвинение
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 23-годишник од Волково, бидејќи се обезбедено докази дека извршил други полови дејствија со девојче кое не наполнило 15 години согласно член 188 став 5 од Кривичниот законик.
Во временскиот период од мај до јули годинава, обвинетиот во својот дом принудувал петгодишно девојче на полови дејствија и и се заканувал дека не смее да му кажува за тоа на нејзиниот татко.
Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
Македонија
Филипче слепо ја следи агендата на Заев и ја игнорира потребата од реформи во партијата, смета ВМРО-ДПМНЕ
Венко Филипче безрезервно ја следи политичката стратегија на Заев штитејќи ги бизнис интересите на кланот Заеви, а притоа целосно ги игнорира барањата на базата во партијата и ја занемарува потребата од реформи, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче доживеа дебакл на изборите со само 120 илјади гласа и 6 општини ја уништи довербата кај граѓаните и членството на партијата. Единствен приоритет на Филипче е исполнување и реализација на барањата и планот на Заев. Реформите и напредокот на СДС се во втор план на Филипче, а фокус му се желбите и заштитата на Заев. Филипче делува по насока на Заев, потврда за тоа е изборот на лојални кадри блиски до Заев и поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на партијата“. велат од партијата.
И додека Филипче ја турка СДС во лидерска криза, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, актуелни и поранешни функционери се дистанцираат од него и не сакаат да бидат дел од раководството на СДС токму поради недовербата во неговото лидерство.
„Филипче со своето делување ги блокира реформите во партијата. Единствен чекор со кој може да ја спаси партијата од дополнително раслојување е оставка и целосна внатрешна реформа низ транспарентен и демократски процес. На Македонија и е неопходна силна и конструктивна опозиција“, смета ВМРО-ДПМНЕ.

