Регион
Ерменија тврди дека Турција соборила нејзин борбен авион

Ерменското Министерство за одбрана објави дека турски борбен авион Ф-16 соборил ерменски борбен авион СУ-25. Авионот, според руските медиуми, се урнал во ерменскиот воздушен простор.
Информацијата ја објави порталот „Русија денес“, кој е под силно влијание на официјален Кремљ.
Судирите меѓу Ерменија и Азербејџан траат со денови. Русија, предводена од претседателот Владимир Путин, ја поддржува Ерменија, а Турција, предводена од Реџеп Таип Ердоган, го поддржува Азербејџан.
Според Би-би-си, турските власти засега немаат коментар за веста за уривањето на авионот.
Доколку се точни информациите за турското уривање на ерменскиот Ф-16, тоа значи дека Турција е отворено вклучена во воениот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан околу спорниот регион Нагорно-Карабах, што драматично би го дестабилизирало регионот.
Нагорно-Карабах е отцепена област која се наоѓа во рамките на Азербејџан, но е управувана од етнички Ерменци и е поддржана од Ерменија. Се одвои од Азербејџан во војната во 90-тите години, но не е меѓународно признат.
Самопрогласената држава објави дека 84 нејзини војници биле убиени од неделата и дека имало цивилни жртви.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев рече дека 10 цивили се убиени во ерменските гранатирања од неделата. Нема официјални информации за жртвите меѓу азербејџанските воени сили.
Борбите започнаа пред три дена и сега се прелеваат надвор од Нагорно-Карабах.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
На охридското крајбрежје откриена можеби најстарата населба во Европа на езеро

Археолозите велат дека пронашле докази за најстарата човечка населба на европско езеро на албанската страна од Охридското Езеро за која се верува дека е стара до 8.000 години.
Тим научници од Швајцарија и Албанија поминуваат три часа под вода секој ден макотрпно отстранувајќи дрвени столбови на кои биле потпрени куќите, објави „Ројтерс“. Археолозите исто така наоѓаат коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детаљни резби.
Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн рече дека слични населби се пронајдени во алпскиот и во медитеранскиот регион, но населбата во Лин, Албанија, е половина милениум постара датирајќи помеѓу шест и осум илјади години.
„Органскиот материјал е добро зачуван бидејќи е под вода, што ни овозможува да откриеме што јаделе овие луѓе, што саделе“, рече Хафнер.
Неколку студии покажаа дека Охридското Езеро, кое се наоѓа помеѓу Македонија и Албанија, е најстарото езеро во Европа – повеќе од еден милион години.
Староста на наодите се утврдува со радиоизотопско датирање и дендрохронологија, која ги брои прстените на дрвјата. Од локацијата се собрани повеќе од илјада примероци од дрво. Се верува дека населбата, во која можеби живееле неколку стотици луѓе, се протегала на околу шест хектари, а сега, по шест години работа, ископан е само околу еден процент од вкупниот материјал.
Регион
(Видео) Зебра избега од Зоолошката градина во Белград, повредени три лица

Од трите лица повредени вчера кога зебра избега од ограден простор во Зоолошката градина во Белград, две се однесени во Военомедицинската академија, но се пуштени на домашно лекување бидејќи повредите биле полесни, соопшти утрово Ургентниот центар на ВМА.
Зебрата удрила во маж и го прегазила, по што му биле констатирани полесни повреди, додека другата жена била донесена во ВМА без физички повреди, но во состојба на шок, изјавија за РТС.
Од Зоолошката градина во Белград вчера, зебра избегала од ограден простор и повредила вкупно три лица, од кои едно било дете, кое било пренесено во Детска клиника.
Регион
Три лица извлечени од морето во разни делови на Грција: меѓу нив и српски државјанин

Три лица, меѓу кои и еден српски државјанин, беа извлечени во несвест од морето во различни делови на Грција, соопшти крајбрежната стража.
Во раните утрински часови во среда, 88-годишен грчки државјанин беше извлечен во несвест од морето во областа Агиос Андреас Малаконтас во Еретрија, според Прототема.
Неколку часа подоцна, 69-годишен српски државјанин беше извлечен во несвест од морето во Олимпискиот брег во областа Пиерија.
Во трет инцидент, друг грчки државјанин (61) беше извлечен од морето во пристаништето Милина во општина Јужен Пелион.
За сите три инциденти, надлежните пристанишни власти спроведоа прелиминарна истрага и беше наредена обдукција.
Вчера сите беа шокирани од веста за смртта на 13-месечно бебе од Србија, кое се задуши додека беше на плажа со своите родители на Халкидики. Момчето се задавило со храна додека било во бар на плажа во областа Ормос Панагиас.