Македонија
Димитров во работна посета на Берлин

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Берлин.
Ова е прва посета на претставник на Владата на Северна Македонија по нејзиното формирање, а воедно и прва за време на германското претседавање со Советот на ЕУ. Германија како актуелен претседавач со Унијата го води процесот на усогласување на Преговарачката рамка, клучниот документ согласно кој што ќе се водат преговорите.
Во рамки на посетата предвидени се средби и со: Јан Хекер, главен советник за надворешна и безбедносна политика на канцеларката Меркел, Томас Багер, советник за надворешна политика на претседателот Штајнмаер, Забине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики во германското МНР и Сузане Шуц, директорка во министерството за надворешни работи на Германија, за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, како и со други релевантни соговорници во контекст на германската поддршка за нашата европската иднина.
Главниот акцент при разговорите ќе биде ставен на реализација на веќе утврдената заедничка цел на Северна Македонија и Германија – одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава. Покрај размената на мислења за динамиката на усвојување на рамката, вицепремиерот Димитров ќе ги отовори и прашањата за регионалната соработка во контекст на Берлинскиот процес чиј иницијатор е токму Германија, како и можностите за унапредување на билатералната развојна соработка и трговските односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.