Македонија
Утре протест на Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард Банка

Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард Банка, утре, четврток, со почеток во 15 часот ќе одржи мирен протестен собир пред Собранието на Република Северна Македонија.
На овој собир Здружението ќе бара од сите политички партии во најбрз можен рок да го гласаат предлог законот за регулирање на побарувањата на оштетените штедачи од Еуростандард Банка и со тоа, како што велат од Здружението, да покажат дека подршката што ја дале за законското решение во изминатиот период не била само декларативна туку дека народните претставници се грижат подеднакво за сите граѓани.
„Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард Банка ги повикува сите граѓани на РСМ како и сите правни лица да им се приклучат на овој мирен протест, затоа што ова што на нас ни се случи сега може да им се случи на нив утре, доколку државата не реагира и не превземе мерки за криминалното однесување на Менаџментот на Еуростандард Банка како и толерирањето на истиот тој криминал од страна на Народната Банка и останати надлежни институции“, се вели во најавата за протестот.
Исто така, се повикуваат сите учесници на мирниот протестен собир да ги почитуваат правилата за мирен протест, запазување на јавниот ред и мир и мерките за превенција од Ковид 19 вирусот за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните.
Воедно, за време на протестот Иницијативниот одбор на Здружението во просториите на Собранието ќе одржи заеднички состанок со претставниците од сите политички партии од Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.