Македонија
Милошоски: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против одлуките за вонредна состојба

Заврши координацијата на пратеничката група на коалицијата „За обнова на Македонија“ по што пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, информира дека ќе гласаат против одлуките за прогласување вонредна состојба, а кои се ставени како дел од дневниот ред на собраниската седница.
„Ставот на пратеничката група е дека ќе гласаме против овие одлуки за вонредна состојба од три причини. Првата причина е дека одлуките за вонредна состојба беа донесени за подобро справување со пандемијата, за жал, денес имаме многу полоши состојби во врска со пандемијата.
Втората основа за овие одлуки беше справување со економските последици од пандемијата и денес неколку месеци по овие одлуки за вонредна состојба, имаме драстично влошување на економските состојби во државата со многу зголемена невработеност.
Третата причина е што овие два основи на одлуките за вонредна состојба, справување со пандемијата и помош на економијата, за жал, владата ги злоупотреби и наместо да носи мерки посветени на овие теми, носеше уредби со законска сила, кои беа злоупотребени за изборен поткуп или за менување на Изборниот законик во 5 до 12 или за лиценци за марихуана, за брусење дијаманти и слично“, рече тој.
Според Милошоски, потврда дека ваквите одлуки за вонредна состојба беа злоупотребени од Владата е и фактот што Уставниот суд поништи десетина уредби донесени од Владата во тој момент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вработените во културата денес се сардисани од сите страни, реагира синдикатот

Во месец август 2025 година вработените во културата го добија вториот удар – овојпат преку највисоките државни инстанци. Во својата кратка, но бурна историја, Колективниот договор за култура по втор пат се најде пред Уставниот суд, реагираат од Синдикатот на културата по преставката поднесена до Уставен суд со која како што велат се прави обид за скратување на стекнатите права на вработените во кутурата.
„Тешко е да поверувате дека околу нас постојат луѓе кои, немоќни да се изборат за сопствена подобра реалност, единствениот излез го гледаат во обидот да ја рушат реалноста и иднината на другите. Нивниот избор да тапкаат во место и да чекаат „некој друг“ да им го донесе подоброто утре, според нив, е модел кој сите треба да го следиме.
Суштината на претставката е следна: зошто вработените во културата би имале подобри права од останатите? Подносителот смета дека тоа е противуставно – дека Колективниот договор за култура ги става во понеповолна положба сите кои немаат такви права. Просечноста, па дури и потпросечноста, е парадигмата кон која, според него, сите треба да се стремиме. „Противуставно“ е, според овој став, тоа што 3.500 вработени во културата конечно почнаа да излегуваат од живата кал, добија вреднуван труд, донекаде и услови за работа, и зачеток на можности за напредок и доусовршување – темел врз кој цврсто ја градат својата нација.
Зад оваа мизерна претставка, насочена против илјадници културни работници, основано се сомневаме дека стојат разно-разни чиновничиња, службеничиња, советничиња, раководителчиња, државни секретарчиња, министерчиња и по некој “бивш синдикалец” во друго руво, кои преку погазување на другите се надеваат на личен напредок во кариерата. А има и такви за кои тоа не е прашање на кариера, туку на лична фрустрација и омраза кон туѓата стабилност. Секоја сличност со старата македонска поговорка – не е случајна.
Не се случајни ниту обидите за поткопување на правата стекнати со Општиот колективен договор и кратењето на 3% од оние 10% кои ги доби целиот јавен сектор. Вработените во културата денес се сардисани од сите страни“.
Овие денови, нагласуваат од синдикатот, огромен број луѓе работеле интензивно на одговорот до Уставниот суд.
„СКРМ го поднесе одговорот од името на сите вработени во културата – едни директно засегнати, други згрозени од мотивите на неколку поединци кои се обидуваат да срушат нешто за кое културните работници се бореа со години. Во таа борба вложија труд адвокати, членството, претседателите, претставниците – сите трпеливо и макотрпно, исто како и досега, фанатично бранeјќи ги правата од секој напад на недобронамерниците.
Знаеме дека премиерот Мицкоски е свесен дека „културата е темелот врз кој се гради една нација“ – негови лични зборови. Но исто така знаеме дека кога ќе станете функционер, особено премиер, меѓу вас и народот се спушта стаклено ѕвоно, зад кое информациите стигнуваат искривени – пренесени токму од разно-разни чиновничиња, службеничиња, советничиња, раководителчиња, државни секретарчиња и министерчиња. Поради нив, кои случајно дошле до своите „пет минути“ и денес креираат највисоки политики во државата, културните работници не успеаја да дојдат до средба со премиерот, за да ја образложат својата позиција: одбрана на Колективниот договор и на стабилноста на културните работници – темелот врз кој се гради културата“.
Затоа, како што потенцираат во реакцијата, ги повикуваат судиите на Уставниот суд да застанат во одбрана на Уставот и законите на Република Македонија – исто како што веќе еднаш постапија и сосема оправдано не поведоа иницијатива против Колективниот договор за култура, додаваат од таму.
„Вработените во културата не се со ништо поинакви од другите граѓани на нашата земја. Сите сме еднакви – и пред законите, и пред Уставот. На вас ви посакуваме успех во вашата борба за права, а ние продолжуваме да ги браниме нашите, со сите средства што ни стојат на располагање“.
Македонија
(Видео) Кузеска: Очигледен е стравот на Мицкоски од содржината на материјалите на АНБ

Очигледен е стравот на премиерот, Христијан Мицкоски од содржината на материјалите кои треба да го докажат наводното негово следење од страна на службите, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа вели дека со вчерашната изјава премиерот потврдил дека нема никаква намера да ги декласифицира документите кои би ги докажале неговите наводи дека нелегално бил следен.
„СДСМ уште еднаш прашува од каде толкав страв од објавувањето на содржината на материјалите од наводното следење? Ако СДСМ прислушувала како што тврди власта, зошто се плаши да ги декласифицира документите? Што во тие документи го плаши Христијан Мицкоски толку многу? Дали овие документи содржат докази за соработка на Мицкоски со странски непријателски служби? Дали Мицкоски работел на штета на интересите на државата за странски пари? Дали Христијан Мицкоски имал комуникација со руски агентури кои финансирале екстремизам и дестабилизаиција на државата? Дали овие документи содржат наводи за нелегално финансирање на партијата, ВМРО-ДПМНЕ поврзано со „Делчевски ниви“?“, праша Кузеска.
Ако Христијан Мицкоски се плаши од декласификација на овие документи, додаде таа, го повикуваме директорот на АНБ, Бојан Христовски да го стори истото и да го стави државниот интерес пред интересот на партијата.
Македонија
Галетановски: Возилото е изгорено целосно, ниту сум скаран со некој ниту некој ми се заканувал

Претседателот на Градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски, се огласи на социјалните мрежи откога ноќеска му беше запалено возилото.
„Да, моето возилото е целосно изгорено. Ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал, ниту ми наштетил. Сум помагал и ќе помагам кому можам секогаш. Секоја чест на пожарникарите, што пристигнаа за 3 минути и пламенот не ги зафати куќите.
Апелирам до министерот, како и до Министерство за внатрешни работи и до надлежните, најбргу што може да го најдат сторителот, не поради финансиска загуба, поради мирен живот во Скопје и во цела држава на сите граѓани. Има и сејф сити и камери наоколу, да се надеваме дека мирот ќе биде вратен“, напиша тој.