Македонија
ВМРО-ДПМНЕ на протест в сабота – „Мафија те тужи, мафија те суди“
ВМРО-ДПМНЕ за сабота во 18.30 часот најавува протест пред Министерството за правда, преку улицата Македонија до Основното јавно обвинителство против неправди, реваншизам и политичко насилство.
„Мафија на власт, колку повеќе тоне во својот криминал и корупција, толку повеќе удира по својот народ и политичките неистомисленици. Оваа власт во недостиг на успеси и во услови на секојдневни порази на секое поле сѐ повеќе се врти кон политички прогон и застрашување.
Министерот за неправда, наместо да прави реформи, јавно се заканува и им прејудицира казни на сите што не мислат како Заев. Тоа е таа Заев-неправда по рецептот јавно да се најавуваат пресудите и од страна на Заев и од страна на министер за правда и од страна на обвинители и судии. Мафијата работи по принципот ‘мафија те тужи, мафија те суди“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа гледаме стотици случаи во кои мафијата на власт удира по новинари, удира по опозицијата, удира и по народот. Кацарска е наградена со место во Уставниот суд. СЈО ги изеде народните пари, а народот не виде правда. Селективната ‘луј витон правда’ не е правда, туку маша како да се заштити криминалот на екипата на Заев“, додаваат од партијата.
Според нив, оние судии и обвинители кои работат по директивата на Заев потоа се унапредуваат и наградуваат. Тоа народот го гледа и затоа довербата во правосудството е минорно. Народот и ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на неправдата и на мафијата на чело на Заев која владее султански со Македонија.
„Доаѓа време кога овој султанизам ќе падне и кога мафијата ќе одговара за целата неправда заедно со нивните помагачи и слепи послушници кои го газат својот народ“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Центар и Амбасадата на Чешка му оддадоа почит на Роберт Гајдик
Денес се одбележуваат 84 години од прерано згаснатиот живот на Роберт Гајдик Славко, истакнат борец и партизан во Народноослободителната борба.

Со полагање свежо цвеќе, Н.Е. Амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва и военото аташе на Република Чешка, претставници од Општина Центар, Сојузот на борци и Здружението на пензионери на Општина Центар, жители од Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ и негови почитувачи му оддадоа почит.

Исто така, во чест на празникот Василица, во Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ се вртеше паричка, а среќниот добитник беше Владе Левковски, претседател на пензионерскиот огранок „Невена Георгиева Дуња”.

Преку овој симболичен настан, секоја година му се оддава почит на интернационалниот борец, симбол на истрајност и борба за слобода против окупаторот.

Општина Центар со години го чествува и негува споменот на Роберт Гајдик и неговото дело.

Македонија
Ако СДС се сомнева за некаков вид на криминал или корупција нека се јават на нивните судии и обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС повторно растура пердуви во јавноста со цел да прикаже некаква поврзаност на ВМРО-ДПМНЕ со некакви фирми и да шири лаги и манипулации, велат од партијата на власт.
„Кога во нивно време, тендерите и набавките беа синоним за криминал и корупција, и по „дифолт’’ одеа кај фирмите на семејствата на Заев и Филипче, денес тоа повеќе не е така.
Сите тендери и јавни набавки кои се спроведуваат се законски, отчетни и транспарентни.
Ги прашуваме СДС, дали човек смее да има фирма/бизнис, да учествува на тендер/набавка и да биде член/симпатизер на политичка партија? Дополнително, дали има некаков вид на криминал или корупција во тендерите? Ако се сомневаат во нешто, нека се јават на нивните обвинители и судии, сигурни сме дека ќе им помогнат“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Дружење, пита со паричка и донација за децата со церебрална парализа во Расадник
Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес го посети Клубот на деца со церебрална парализа во населбата Расадник. По повод Стара Нова година, заедно со децата и нивните родители се дружеа во празнична атмосфера и ја одбележаа со делење на пита со паричка, а градоначалничката покрај пакетчиња, им додели и донација, столчиња кои им беа потребни за подобро функционирање на клубот.

Средствата за столчињата се обезбедени преку хуманитарната претстава организирана од Општина Кисела Вода и театарското здружение „Големи, а мали“.

-Особено ми е драго што денес заедно ја одбележавме Старата Нова година и што можевме да ги израдуваме и да им подариме нешто што навистина им е потребно. Општина Кисела Вода ќе продолжи да работи на создавање на услови во кои лицата со церебрална парализа ќе се чувствуваат поддржано, прифатено и вклучено во секојдневниот живот. За нас е важно да ги слушаме нивните потреби, да ги поддржуваме нивните семејства и да обезбедуваме конкретни решенија кои реално го подобруваат квалитетот на нивниот живот- истакна градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.



