Македонија
Општина Аеродром доделува субвенции за велосипеди
Општина Аеродром објави оглас во кој ги повикува граѓаните да аплицираат за субвенции за велосипеди, а јавниот повик ќе трае до 30 октомври 2020 година.
Повикот ќе се реализира по принципот прв дојден, прв услужен, а едно лице може да поднесе едно барање за добивање надоместок за еден велосипед. Секој полнолетен жител на општина Аеродром што купил велосипед во 2020 година, најдоцна до денот на траење на јавниот повик, заклучно со 30 октомври, може да достави барање за поврат на средствата во износ од 50 % од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари, со вклучен персонален данок на доход.
Потребни документи за аплицирање:
- Барање за надоместок (барањето може да се подигне во архивата на Општината или да се симне од интернет-страницата на Општината www.aerodrom.gov.mk);
- Фотокопија од лична карта или пасош како доказ за жителство во општина Аеродром;
- Фотокопија од трансакциска сметка на барателот;
- Оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка издадена во РСМ, со датум од 2020 година како доказ дека е извршено купување велосипед;
- Изјава (изјавата може да се подигне во Општина Аеродром или од веб-страницата на Општина Аеродром) со која барателот под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека нема добиено субвенции од друга институција.
Документацијата се поднесува во архивата на Општина Аеродром во затворен плик со намена за „Јавен повик за субвенции за купување велосипеди“, со назнака НЕ ОТВОРАЈ.
„Целта на овој проект е да се поттикнат граѓаните што помасовно да го користат велосипедот како превозно средство, што ќе овозможи да се растовари сообраќајниот метеж, но и да придонесе за почист воздух и поздрава животна средина“, велат од Општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода – првата скопска општина со целосна виртуелна прошетка
Општина Кисела Вода е првата скопска општина која доби целосна 360° виртуелна презентација, преку новиот дигитален проект „Општина Кисела Вода НА ДЛАНКА – 360°“. Проектот претставува современ начин на претставување на општината, кој овозможува граѓаните, учениците, посетителите и туристите виртуелно да се движат низ Кисела Вода и да ги истражуваат најзначајните образовни, културни, спортски и духовни локации. Со над 500 панорами снимени од воздух и од земја, меѓусебно поврзани во интерактивна прошетка, корисниците добиваат реалистично искуство и информации за секоја локација, известува општина Кисела Вода.
„Оваа иновативна алатка има и значајна образовна улога, бидејќи може да се користи во наставата по историја, географија и други предмети. Виртуелната прошетка им овозможува на учениците полесно да ги разберат содржините што ги изучуваат. Од туристички аспект, проектот создава силен потенцијал за промоција, овозможувајќи им на посетителите однапред да ја запознаат понудата на општината.
Виртуелната тура е достапна бесплатно на www.macedoniafromabove.mk/kiselavoda, а поставена е и на официјалната веб-страница на Општина Кисела Вода, со што општината станува подостапна за секој што сака да ја истражи, без разлика дали се наоѓа во Македонија или во светот. „Виртуелна Кисела Вода“ е проект реализиран со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода преку конкурсот за поддршка на уметници, културни работници и здруженија. Истиот е дел од националниот проект „Македонија на дланка – 360° визуелен водич“, најголемата дигитална платформа за промоција на природните, културните и историските богатства на државата, која постојано се надградува со нови локации.
Негов носител е Здружението „Нови Зраци“- Скопје, во партнерство со здружението МАКИТ ВИРТУАЛ, извршител на активностите и автор на поширокиот проект „Македонија на дланка – 360° визуелен водич“, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Мигранти во Македонија нема да има, СДС како расипана плоча, растура пердуви во јавноста
СДС секојдневно се обидува да дојде до некакво медиумско внимание преку ширење на лажни вести, шпекулации и невистини, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како расипана плоча или касета која врти во круг, СДС во безидејност, без програма, без идеја, без аргументирана критика, растура пердуви во јавноста.
Еве денес, по не знаеме веќе кој пат, како ВМРО-ДПМНЕ, а вчера и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, веќе демантираше дека ќе има мигранти во Македонија, повторно им кажуваме на СДС, мигранти во Македонија нема да има“.
Македонија
„Анима Мунди“: Денес се одлучува дали убиството на коњите ќе биде казнето или прикриено
Денес, во Кривичниот суд, продолжува судењето за грозоморно убиените коњи во ЗОО Скопје – животни кои биле под институционална грижа, а завршија убиени: измачувани, заклани на најбрутален можен начин, велат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди.
„Ова не е обично рочиште – ова е момент кога државата ќе покаже дали е способна да ги заштити најранливите, или ќе дозволи брутално злосторство да се избрише како да не се ни случило.
До нас доаѓаат сериозни информации дека одредени институции се обидуваат да се прогласат ненадлежни. Ако ова се реализира, тоа ќе значи едно: свесно создавање простор за неказнивост. Тоа е скандал од највисок ранг и директен удар врз правдата, моралот и здравиот разум.
Да биде јасно: коњите биле под институционална грижа, дотогаш мачени, експлоатирани животни. А во ЗОО Скопје – бездушно убиени, буквално масакрирани. Тоа е злосторство кое ја потресе целата држава, секој еден нормален човек. И тоа не смее да биде затскриено зад бирократски игри и формални маневри“.
Бараат најстроги казни, како што велат, без изговори и без обиди за релативизација.
Одговорнос, според нив, мора да има за сите инволвирани, и за извршителите, и за оние кои со своја функција, позиција или молк го овозможиле ова.
„Никој, ниту тогашниот директор, ниту било кој од раководството, не смее да биде поштеден доколку се утврди вина. Бараме најстрога казна затвор.
Ги повикуваме граѓаните, медиумите и сите организации да го следат процесот. Овој процес мора да биде видлив и под будното око на целата јавност.
Ова судење е пресвртна точка: или ќе покаже дека правдата важи за сите – или ќе докаже дека системот свесно штити злосторства. Ако дозволиме овој случај да биде потиснат, тогаш ја прифаќаме бруталноста како норма. Ние тоа нема да го дозволиме. Ова мора да заврши со казна; најстроги казни за сите инволвирани, а не со амнестија и молк“.

