Свет
Руската ФСБ притвори нуклеарен научник, ѝ предавал државни тајни на Кина
Руски физичар е обвинет за обелоденување државни тајни кога спровел истражување во лабораторија за физика во Кина. Тој не можел да се врати на својата работа поради Ковид-19 и од неодамна работел на Државниот универзитет во Томск, пренесува РТ.
Уралската информативна веб-страницата „Знак“ го идентификува осомничениот како 64-годишниот нуклеарен физичар Александар Луканин. Тој бил уапсен за пренесување класифицирани информации што ѝ припаѓаат на руската влада, но нема официјална потврда за тоа. Луканин во моментот се наоѓа во истражен затвор, а ФСБ извршила претрес во неговиот дом.
Полињата на истражување на Луканин вклучуваат електронски уреди во нуклеарната физика. Познато е дека работел на Политехничкиот универзитет во Томск пред да се префрли во Институтот за физика и наука за материјали (дел од сибирскиот разгранок на Руската академија на науките, исто така во Томск).
Таму Луканин бил вклучен во развој на напојувања пред да се пресели во Кина. Кога не успеал да се врати во Шенјанг поради пандемијата на коронавирусот, тој се вработил на Државниот универзитет во Томск.
Зборувајќи за медиумите, пријателот на Луканин, Николај Кривопалов, рекол:
„Колку што знаеме, тоа е нешто како предавство – дека им продал некои технологии на Кинезите. Кога се пензионира, отиде да работи во Кина – беше поканет од универзитетот во Шенјанг. Тој таму работеше во лабораторија, истражуваше напојувања, радиотехничко нарушување на тврди материјали и слични области. Но, колку што знам, ова не е поврзано со воена одбрана“.
Во август руското Министерство за одбрана одговори на појавата на чувствителни информации во медиумите предлагајќи сите информации за воената одбрана на земјата да се направат доверливи ако веќе не се државна тајна.
Во последните месеци неколку руски академици беа уапсени под сомнение за велепредавство вклучувајќи тројца научници од Централниот истражувачки институт за создавање машини: Виктор Кудријавцев, Роман Ковалев и Сергеј Мерешчиаков.
ФСБ исто така ја водеше истрагата за Иван Сафронов, советник на шефот на „Роскосмос“, Дмитриј Рогозин, и поранешен новинар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Захарова: Европа се движи кон самоуништување
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес изјави дека Европа се движи кон самоуништување, кое, како што рече таа, е „поочигледно од кога било“.
„Доколку немаше потврда пред некое време, кога зборуваа за тоа дека Европа е турната кон самоуништување, вклучително и преку конфликти со нејзините азиски или евроазиски соседи, можеби некој би рекол дека тоа не е очигледно. Денес не може да биде поочигледно“, изјави Захарова за Спутник.
Според неа, падот на Европа може да се види преку големите воени буџети и милитаризацијата, осиромашувањето на западноевропските економии, губењето на културните референтни точки и поддршката за сопствената историја, како и преку „монструозната миграциска криза“, објави РИА Новости.
Фото: принтскрин
Свет
Туск го обвини Орбан дека е „фасциниран од Москва“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно се најде на мета на критики во рамките на Европската Унија, откако полскиот премиер Доналд Туск изјави дека неговиот колега е „фасциниран од Москва“ и дека сака да ја обликува Унгарија по моделот на Русија.
„Орбан неодамна изгледаше фасциниран од Москва и сега верува дека би било подобро да се изгради државен модел донекаде по моделот на Русија“, рече Туск, според Гардијан.
Унгарскиот премиер постојано го критикуваше ставот на Брисел кон Москва, нарекувајќи ја неподготвеноста на Европската Унија да започне преговори со Русија „катастрофална грешка“. Според него, мирот во Европа не е можен без дијалог со Кремљ, што е став што предизвикува остри поделби меѓу членовите на Унијата.
Во исто време, „Политико“ пишува дека Будимпешта се обидува да формира сојуз на држави кои се скептични кон продолжувањето на безусловната поддршка на Украина, што дополнително ги зголеми тензиите во рамките на ЕУ.
Орбан, кој долго време е во конфликт со Брисел околу прашањето за санкциите против Русија и миграциската политика, останува еден од ретките европски лидери кои отворено повикуваат на „нова архитектура на безбедноста во Европа“, во која Русија би имала свое место.
Фото: принтскрин
Свет
Палестинците: Израел нападна засолништа, домови и џамија во Газа – загинаа повеќе од 90 луѓе
Израелската армија уби најмалку 91 Палестинец, вклучувајќи најмалку 35 деца, во нападите врз Појасот Газа од синоќа, и покрај договорот за прекин на огнот, соопштија медицински извори, објави „Анадолија“.
Израелската армија уби 31 лице на север, 42 во централните области и 18 на југ од Појасот Газа. Десетици цивили беа ранети во нападите, објави државната новинска агенција „Вафа“ повикувајќи се на извори во болниците во Газа.
Израелските напади погодија куќи, шатори што се користат како засолништа за раселени цивили, возило, засолниште и болница во рамките на таканаречената жолта линија, изјавија медицински лица за агенцијата „Анадолија“.
Жолтата линија се однесува на зоната во која израелските сили се повлекле во согласност со договорот за прекин на огнот. Таа физички го дели Појасот Газа на два дела, лоцирани во рамките на територијата на Газа, јужно од градот Газа и северно од Кан Јунис.
Во северна Газа израелската армија таргетира училиште претворено во засолниште во областа Беит Лахија, при што загинаа тројца цивили и беа ранети неколку други.
Израелската армија гранатира две куќи во населбата Ал-Наср во бегалскиот камп „Шати“ во западниот дел на градот Газа, при што загинаа осум лица.
Нов израелски напад в среда наутро погоди џамија што служи како засолниште за раселени лица во населбата Сабра во градот Газа, изјавија очевидци за агенцијата „Анадолија“.
Две лица беа убиени, а десет беа ранети во населбата Зејтун во Газа. Неколку цивили сè уште се водат за исчезнати под урнатините на куќа погодена од израелската армија, а неколку лица беа ранети во друг напад југозападно од Зејтун.
Израелската армија уби мајка и дете во населбата Тел ал-Хава во Газа.
Четири лица загинаа во напад врз шатор
Во централна Газа четири лица беа убиени кога израелски напад го погоди нивниот шатор во Деир ал-Балах.
Шест лица беа убиени, а неколку други беа ранети кога израелски авиони бомбардираа училиште претворено во засолниште и куќа во бегалскиот камп „Буреиџ“.
Пет лица беа убиени во напади врз неколку домови во бегалскиот камп „Нусејрат“.
Во сличен напад, девет лица, меѓу кои четири деца, беа убиени, а девет се водат за исчезнати под урнатините на куќа погодена од израелската армија во кампот „Нусејрат“.
Осум лица, меѓу кои три деца, беа убиени во израелски напад врз шатори во кои се сместени раселени семејства во областа Ал-Маваси, западно од Кан Јунис, во јужна Газа.
Медицински извори изјавија дека бројот на жртви може да се зголеми бидејќи многу од ранетите се во критична состојба, а потрагата по исчезнатите под урнатините сè уште е во тек.
фото: принтскрин

